Град Скопје се покажа како добар домаќин и имавме извонредна организација на УЕФА Суперкупот. На националната арена „Филип Втори“ силите ги одмерија двата најголеми фудбалски клубови во светот, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Ова денеска на прес-конференција го истакнаа градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и генералниот секретарот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Филип Поповски.
– Отворањето беше спектакуларно и имавме професионален и многу добар фудбал. И затворањето беше спектакуларно и добро организирано од ФФМ. Град Скопје се покажа како добар домаќин. Бевме на ниво и ги исполнивме барањата и стандардите што ги бараше УЕФА. Град Скопје ја исполни својата задача како домаќин, потенцира Трајановски.
Тој упати благодарност до УЕФА која овозможи овој куп да се одржува во Скопје, до ФФМ, која беше организатор и координатор, до МВР, Црвениот крст на Република Македонија, Противпожаранта служба и до скопјани за поддршката, учеството и разбирањето при одржувањето на Суперкупот кој, како што рече, Град Скопје го вброи во листата на градови кои може да одржуваат вака големи светски натпревари.
– Град Скопје со своите стручни служби и јавни претпријатија професионално ја заврши својата работа. Имавме чист и убав град и бевме организатори на неутралната фан зона, рече Трајановски. Додаде дека во зоната се анимирале љубителите на фудбалот, а посетителите уживале во музиката.
Низ неутралната фан зона, според проценките на „Идеа лаб“, кој беше организатор ангажиран од Град Скопје, поминале околу 100.000 лица. Трајановски појасни дека Град Скопје издвоил околу 200.000 евра за организација на неутралната фан зона, а дел од тие средства биле искористени и за видеото кое беше презентирано пред јавноста. Тука не се пресметани трошоците што ги направиле јавните претпријатија кои учествуваа во расчистувањето на просторот.
Генералниот секретар на ФФМ Поповски изрази благодарност до Град Скопје, Владата, скопскиот аеродром, јавното претпријатие кое стопанисува со стадионот и волонтерите кои, како што рече, несебично ја дадоа својата поддршка сите овие денови кога се вршеше подготовката и организацијата.
– Вчеравечер имавме извонредна организација, што беше потврдено од првите луѓе на ФИФА и УЕФА, како и од клубовите Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Она што се случи вчера ни дава мотив и поттик да работиме и понатаму, рече Поповски. Посочи на свечената церемонија на отворањето на настанот, каде со свој настап учествуваа учениците од „Партение Зографски“ со нивната интерпретација на хитот на Колдплеј.
Тој истакна дека го вовеле и концептот за т.н. „вејст менаџмент“ односно контрола на отпад.
– Заедно со Град Скопје и јавните претпријатија направивме стадионот, околните места и фан зоните да бидат чисти и целосно во согласност со стандардите за заштита на животната средина на УЕФА. Дополнително, на националната арена „Филип Втори“ беше имплементиран концептот за здрави стадиони, каде беше воведена забрана за пушење, рече Поповски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Трајановски рече дека според проценките придобивката од Суперкупот изнесува околу 20 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.