| четврток, 6 декември 2018 |

Пожарот кај Македонски Брод се уште активен, доброволци се упатуваат на гасење

Пожарот во атарот на селата Требовље и Растеш во Македонски Брод се уште е активен. Во гасењето се ангажирани: АРМ, три хеликоптери (по еден од АРМ, од Бугарија и од Турција) кои дејствуваат од утринските часови, месното население од селото Растеш и лице од село Заград, а се упатуваат и доброволци од Кичево, Прилеп и Скопје.

Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК),  силите на Шумското стопанство „Сандански“ од Македонски Брод се ангажирани за дејствување на пожарот во село Растеш. Тие преземаат активности за локализирање на пожарот за  да не се приближи до куќите и шталите со стока кои се во подножјето на селото Растеш, како и спречување на пожарот во месноста викана Коритски Дол за да не се прошири кон селата Растеш и Заград.

На пожарот во селото Девич ангажирани се лица од Шумското стопанство „Сандански“ – Македонски Брод. Пожарот го контролираат и горните куќи од село Девич не се загрозени, но се уште е активен со намален интензитет кај месноста викана Попец.

На пожарот во атарот на село Близанско интервенирал и еден хеликоптер и засега нема поголеми жаришта.

Во моментов, како што информира ЦУК, пожарот кај браната Матка се води како локализиран. На местото на пожарот во текот на ноќта имало дежурна екипа од ЈП „Паркови и зеленило“. Во утринските часови имало еден налет и интервенција од еден хеликоптер.

Кај скопското село Студеничани, каде биле две жаришта, едното се води како локализирано, а другото чади. Пожарот кај селото Бојане, општина Сарај ,е на непристапен терен и има заминато екипа на терен.

ЦУК информира дека се уште е активен пожарот кај Подвис – Локвени, кој се проширил во пределот по ридот кон селата Алданци и Норово. Горат стрништа и нискостеблеста деградирана дабова шума, а на терен во моментов интервенираат екипи на Територијалната противпожарна екипа Крушево и ЈП „Липа“ – Крушево.

Во реонот на Тетово активни се два пожари на отворен простор. Над селото Копанце каде гори површина обрасната со сува трева по сртот на планината Жеден и не е зафатена шума. На местото е екипа од Шумското стопанство „Лешница“ – Тетово.

Во атарот на село Гургурница активен е пожарот што од страната на Македонски Брод се префрли на територијата на општина Брвеница. Гори сува трева и пасишта, а екипа од Шумското стопанство „Лешница“ – Тетово е на терен и ја следи состојбата.

Пожарот во селото Железна Река е локализиран синоќа во 23 часот.

Во атарот на селото Дреново, во месноста Дреновска Корија од синоќа, од 21:10 часот има активен пожар со кој е зафатена шума под даб, јасен и бука. На терен се вработените на Шумското стопанство „Бабуна“ – Велес, но пожарот е интензивен и се бара гасење од воздух.

Пожарот во атарот на селото Богомила, во месноста Црвен Дол, кој синоќа во 20:30 часот бил ставен под контрола, повторно е обновен од 22:15 часот. Утрово таму се упатени екипи на Шумското стопанство „Бабуна“ – Велес и Дирекцијата за заштита и спасување – Велес. Од ДЗС информираат дека на пожарот веќе интервенира авион.

Активен е и пожарот на падините на Горна Јакупица, а теренот е непристапен за гасење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top