| четврток, 6 декември 2018 |

Пожарот на Матка локализиран, кај Македонски Брод сѐ уште активен

Пожарот на Матка е локализиран, а оној во селото Требовље кај Македонски Брод што е активен десетина дена, се проширил кон општините Брвеница и Гостивар, во делот на селото Корита, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активини пожари, според ЦУК, има во речиси сите делови на Македонија.

Од завчера вечер се интервенира на запалена мешана шума во атарот на село Студеничани со две противпожарни возила на кои утрово им се приклучија и вработени во Шумското стопанство „Караџица“. Екипи на „Караџица“ утрово се ангажирани и во гаснењето на пожарот на планината Жеден, во атарот на село Бојане кој е пријавен синоќа околу 20 часот.

Во Југозападниот плански регион се уште е активен пожарот кај Лутоец, во местото Змијарник, кој достига во атарот на село Растеш кај местото Јасикоец и од другата страна на Растеш кон населеното место Заград. Екипа од Подружницата на ЈП Македонски Шуми во Македонски Брод е ангажирана за дејствување на пожарот во селото Девич кој од вчера попладне повторно е активен.

Во Општина Крушево е активен пожарот во атарот на селото Подвис кон село Локвени кој избувна на 2 август. Гори нискостеблеста деградирана дабова шума. Во текот на вчерашниот ден интервенирале екипи од ТППЕ Крушево, ТППЕ Кривогаштани, ЈП „Липа“ и екипа од ДЗС Битола. Според последните информации од 21 часот синоќа, пожарот е префрлен кон селата Алданци и Норово.

Во пожарот кај селото Корито, Тетовско-полошки плански регион, зафатена е сува трева. На терен е испратена екипа од „Македонски Шуми“ – Гостивар.

Активен е и пожарот во селото Железна Река кај местото Крушевица.

Екипа на „Македонски шуми“ – Тетово, пак, интервенирала на опожарена нискостеблеста шума и сува трева над село Копанце во Јегуновце. Се работи за пожар кој пред четири дена беше активен од страната на селата Радуша и Дворце од скопскиот регион. Во текот на вчерашниот ден направен е пресек за пожарот да не се спушти надолу кон селото каде што има и мала шума.

Во Повардарскиот плански регион активен е пожарот на падините на Горна Јакупица кој избувна од 1 август. Зафаќа подрачје кое пред неколку години горело и е прекриено со суви дрва. Теренот е тешко достапен.

Обновен е и пожарот што избувнал вчера поладне во близина на село Богомила, пет километри во местото Црвен Дол. Со него се загрозени и викенд куќи. За моменталната состојбата известени се ТППЕ Велес.

Шумски пожар од синоќа има и во атарот на село Дреново, во месноста Дреновска Корија. Во гаснењето се ангажирани вработени во ШС „Бабуна“ и пожарникари со едно противпожарно возило.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top