Во пресрет на УЕФА Супер Купот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, едни од најголемите фудбалски клубови во светот, Град Скопје со полна пареа ги реализира и последните подготовки за активностите во „неутралната фан зона“, која ќе биде лоцирана во центарот на градот на плоштад „Македонија“. Супер купот ќе се оддржи на 8. август, а за таа цел Град Скопје во соработка со УЕФА, партнерите на УЕФА и ФФМ подготви дводневна богата музичка програма и активности во оваа фан зона.
Скопското Кале пред неколку дена го доби својот Супер Куп сјај, а градот веќе полека го трансформира својот изглед за претстојниот натпревар и полека го прикажува спортскиот дух. Навивачите на Реал Мадрид ќе се сретнат на плоштад „Филип Втори“, а навивачите на Манчестер Јунајтед на платото пред спомен куќата на „Мајка Тереза“.
Сите активности и целосната музичка програма подготвени за 7. и 8. август ќе се оддржат во „неутралната фан зона“ на плоштад „Македонија“ каде на неутрална позиција сите фанови ќе можат да се забавуваат и да уживаат во еуфоричната атмосфера.
Неутралната фан зона ќе биде отворена од 11.00 часот па сè до 19.00 часот. На 7. август во 11 часот ќе започне грас-рут турнирот помеѓу момчиња кој се организира во склоп на „Трофеј турата“ од страна на ФФМ. Девојчињата кои ќе се натпреваруваат на грас-рут теренот ќе започнат во исто време наредниот ден.
Сите кои ќе ја посетат „неутралната фан зона“ ќе имаат можност да се фотографираат со трите трофеи на УЕФА, трофеите на Супер Купот, Лигата на шампионите и Лига Европа, а за анимирање и забавување со фановите секако ќе се погрижи и маскотата на Супер Куп 2017 Скопје.
Првиот ден, 07.08.2017 (понеделник), на големата бина која ќе биде поставена на плоштад „Македонија“ ќе настапат Симона Попоска, DJ Mats, ContruDJ и DJ Branchez, додека на 08.08.2017 (вторник), се очекуваат настапите на феноменалните Сара Мејс, DJ Dela, Brass Brothers и DJ Bobi.
Покрај сите досегашни подготовки за претстојниот натпревар, Град Скопје претстави и промотивно видео со цел да ги запознае и странските посетители со знаменитостите и убавините на главниот град. Навивачката еуфорија се очекува да ги исполни улиците на Скопје во деновите кои претстојат, а истата дефинитивно ќе кулминира на 8. август кога очите на јавноста и љубителите на фудбалот од целиот свет ќе бидат упатени кон Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.