Вкупно 21 филм се во трката за наградата „Златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција кој оваа година ќе се одржи од 30. август до 9. септември. Американската актерка Анет Бенинг ќе биде претседателка на жирито на 74-то издание на Фестивалот.
– Време беше да ја прекинеме долгата листа на машки претседатели и да ја повикаме брилијантната, талентирана и инспиративна жена да го предводи нашето жири за меѓународната натпреварувачка програма – вели Алберто Барбера, директор на фестивалот.
Бенинг четири пати беше номинирана за „оскар“ и, како што изјави, почестена е што ќе го предводи жирито во Венеција.
– Се радувам дека ќе гледам филмови и ќе работам со колегите од жирито во славењето на најдоброто од годинешната светска кинематографија – порача таа.
Пред Бенинг, последна жена на чело на жирито беше француската актерка Катрин Денев во 2006 година. Освен неа, таа чест ја имаа и кинеската актерка Гонг Ли во 2002 година и новозеландската режисерка Џејн Кемпион во 1997 година.
„Златен лав“ за животно дело на фестивалот во Венеција ќе им биде доделен на американските актери Џејн Фонда и Роберт Редфорд.
Организторите соопштија дека вкупно 21 филмско остварување ќе се натпреавруваат за главната награда. На списокот на филмови има остварувања кои се во режија на Џорџ Клуни, Гилјермо дел Торо и Дарен Аронофски.
Фестивалот почнува со „Смалување“ на американскиот режисер Александер Пејн, кој ќе биде прикажан надвор од конкуренција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.