| четврток, 6 декември 2018 |

„Кралот Лир“ низ призмата на извонредниот Диего де Бреа

Низ претставата Лир го истражува човековото патување во темнините и бездните на смртта. Преку овој проект, на невообичаен и автентичен начин, како што умеат само режисерот и актерите, беше прикажано како стариот крал се откажува од власта и моќта

Во продукција на реномираниот Турски театар од Скопје, а во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, синоќа премиерно се одигра една од најпознатите шекспирови драми „Кралот Лир“.

Врвниот режисер Диего де Бреа, кој веќе е докажан и во Македонија, го прикажа Кралот Лир на свој, автентичен и воодушевувачки начин. Низ претставата  Лир го истражува човековото патување во темнините и бездните на смртта. Преку овој проект, на невообичаен и автентичен начин, како што умеат само режисерот и актерите, беше прикажано како стариот крал се откажува од власта и моќта.

Главниот лик го игра актерот Џенап Самет кој вели дека процесот на подготовка на самата драма, иако исцрпувачи, сепак бил феноменален.

– Ликот и улогата на кралот Лир бара огромна претходна подготовка и посветеност. Подготовката за претставата траеше околу четири месеци, а јас се приклучив пред околу еден месец до самата премиера, што е навистина огромен предизвик и тешка задача. Процесот на подготовка беше феноменален, иако беше премногу исцрпувачки. Искуството со режисерот Де Бреа е едно неповторливо и уникатно искуство и сметам дека секој актер барем еднаш во својата кариера би требало да искуси ваква невообичаена подготовка. Режисерот е редок со еден збор, не велам дека е толку различен, но неговиот систем на работа е различен. Сака чувства, но и  целосна психолошка анализа. За разлика од сите други верзии на ликот на Лир, овојпат кралот е значително помлад, но тоа се некои стари размислувања. Диего де Бреа режира живот, според него ова не е театар, туку живот,  зашто се случува – изјави актерот Самет.

Турскиот театар од Скопје  е чест гостин на на фестивалот „Охридско лето“. Поранешниот директор на театарот, Атила Клинче, кој е и организатор на проектот „Кралот Лир“, е задоволен од фестивалската публика што доаѓа секоја година на нивните претстави, но и од менаџментот на „Охридско лето“.

– Турскиот театар има одлична соработка со фестивалот „Охридско лето“ и секако, со драмскиот селектор Зоран Љутков. Како резултат на таа долгогодишна соработка, излезе премиерата на „Кралот Лир“ токму на ова 57. издание на фестивалот. Турскиот театар има позитивен повратен ефект и контакт и со публиката на „Охридско лето“. Константна беше посетеноста и на  останатите наши претстави на овој фестивал. Особен придонес за тоа има и обезбедениот превод на секоја од претставите, што го доближува театарот близу до публиката од различна јазична припадност – појаснува Клинче.

Театарската претстава „Кралот Лир“ е проект одобрен од страна на Министерството за култура за годинава. Уште пред да биде премиерно изведена во Охрид, Турскиот театар доби покани за соработка и учество со оваа драма на фестивали во државава и надвор од нашите граници. Нејзината следна изведба ќе се одржи во октомври во Нови Сад, Република Србија, во рамките на првото издание на Фестивалот на малцински театри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top