Околу 2000 македонски полицајци ќе се грижат за безбедност пред и за време на УЕФА Суперкуп пресметката која ќе биде одиграна на 8. август на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.
Поголемиот дел од фудбалските фанови во нашата земја добија шанса во живо да го следат спектакуларниот дуел помеѓу актуелниот европски клупски шампион, тимот на Реал (М) и најтрофејниот клуб во англиската Премиер лига, Манчестер Јунајтед.
Припадниците на МВР ќе бидат распределени на сите гранични премини и ќе имаат задача да ги прифатат и спроведат фановите на двата клуба.
Најсреќните полицајци ќе се грижат за најголемите ѕвезди во дресот на Реал (М) и Манчестер Јунајтед и на тој начин ќе добијат шанса да направат селфи со познатите фудбалски имиња, пренесува Нова ТВ.
Останатиот дел од полицијаците ќе бидат ангажирани за да ја зачуваат безбедност околу „Телеком арена“, каде и ќе биде одигран спектакуларниот натпревар.
Предвидено е да има три безбеносни круга, а последниот, кој ќе биде околу стадионот, ќе биде поставен три дена пред одигрувањето на натпреварот и тој круг ќе биде забранет за цивили, односно за лица кои нема да ја добијат потребната акредитација од УЕФА.
На 6. август е планирано на сцена да стапи антитерористичката единица која ќе го “исчешла” целиот стадион и сите објекти кои се во близина на стадионот.
Предвидени се и таканаречени “фан зони” за навивачите на Реал (М) и на Манчестер Јунајтед во самиот центар од Скопје, но тие ќе бидат одвоени со помош на реката Вардар. Плоштадот Македонија ќе биде неутрална зона.
Двата клуба добија по 5000 билети за своите фанови, а во слободна продажба, преку сајтот на УЕФА, беа пуштени уште 23000 билети.
Според последните информации кои пристигнуваат од МВР, поголем број на фанови ќе има англискиот премиерлигаш кој ќе биде предводен од контроверзниот португалски стручњак, Жозе Мурињо.
Поголемиот дел од фановите ќе пристигнат со чартер летови, а останатите ќе пристигнат на денот кога ќе биде одигран натпреварот затоа што поради прескапото сместување во Скопје, одлучија да преноќат во Србија и Приштина.
Како што пренесува Нова ТВ, УЕФА до сега не остварила контак со МВР околу досието УЕСА кое се однесува на проблематичните навивачи, односно хулигани кои веќе се регистрирани во Манчестер односно Мадрид. Македонската полиција сепак очекува да добие список со сите навивачи кои планираат во живо да го следат УЕФА Суперкупот 2017.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.