Конформистичка и политичка одлука на скопска Апелација. Се отфрлаат барањaта за притвор на Специјалното јавно обвинителство, но и барањата на одбраната за враќање на пасошите.
Ваквата информација први ја објавија медиумите под контрола на СДСМ. Тие пишуваат дека скопска Апелација веќе донела одлука со која останува на сила одлуката на првостепениот суд за одземање на патните исправи како мерка на претпазливост.
Тоа што медиумите под контрола „први дознаваат за одлуката“, дури и пред одбраната, јасно говори колку истата е донесена врз основа на право и правда, односно реално ценење на аргументите и фактичката состојба, а колку врз основа на политичка нарачка.
ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати повикуваше судот да не прави политички компромиси на страна на правото и правдата. Да суди само врз основа на факти и аргументи. Од партијата укажуваа дека жалбите на СЈО се неосновани и поднесени само за да се задржи статус кво ситуацијата, да се отфрли барањето на одбраната и да нема поголем револт бидејќи биле отфрлени и жалбите поднесени од СЈО.
– Судот мора да работи по словото на законот и никако поинаку. Недозволиво е да потклекнува под партиско политичките притисоци на СДС и нивната испостава СЈО. Оваа хајка во која сега директно се вклучи и судот е крајно тенденциозна и има за цел да изврши удар врз функционерите и самата партија ВМРО-ДПМНЕ. Ова сценарио има за цел да ги руши позициите на Македонија во пресрет на распродажбата на националните и државни интерeси кои на големо ги подготвува Зоран Заев, истакнуваа од ВМРО-ДПМНЕ.
Останува нејасно каде судот во случајот гледа основ за да ги задржи патните исправи, ако е познато дека и во првостепената одлука беше посочено дека не се прифаќа барањето на СЈО за притвори бидејќи не постои реална и објективна опасност за бегство.
Целта е јасна, за што предупредуваа и од ВМРО-ДПМНЕ во своите прес-конференции, партијата и функционерите да бидат изложени на секојдневни оцрнувања од страна на медумите под контрола на СДСМ со што би се отворило простор на Зоран Заев за спроведување на антидржавна политика, за што и политичките аналитичари предупредуваа изминатиот период.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.