| четврток, 6 декември 2018 |

Трамп: Имам целосно овластување за помилување луѓе

Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека располага со „целосно овластување“ за да помилува луѓе. Таквата изјава медиумите во САД ја оценуваат како реакција на претседателот на извештаите во домашната јавност, за тоа дека Трамп размислува за „претседателско помилување“ за членови на неговото семејство, за негови советници, па дури и за сопствено помилување.

Висок функционер на Демократската партија ги оквалификувал таквите навестувања од Белата куќа како „ исклучително вознемирувачки“. Американските власти испитуваат постоење на тајно договарање меѓу тимот на Трамп со Русија во изборната кампања во 2016 година. Разузнавачките агенции на САД веруваат дека Русија се обидувала да му помогне на Трамп во неговата кампања за да ја освои власта.

Весникот „Вашингтон Пост“ тврди дека претседателот Трамп и неговите најблиски соработници настојуваат да изнајдат начин како да се помилуваат луѓето кои се блиски до него. Според американскиот закон, претседателот на САД може да помилува лица уште пред да се утврди нивната вина или дури и пред определени лица да бидат обвинети за определени кривични дела.

Весникот веќе објави дека државниот обвинител Џеф Сешенс, за време на изборната кампања минатата година, се среќавал и разговарал со рускиот амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кисљак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top