На десет дена до најавеното потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија, премиерот на квислиншката влада Зоран Заев смета дека народот не треба да знае дали и колку ќе бидат оштетени македонските национални интереси. По затворената седница на која се разгледуваше договорот, ВМРО-ДПМНЕ изнесе пет барања врз основа на кои, според нив, треба да им се гарантира посебноста на македонскиот народ, јазик, историја, како и да ѝ се дозволи на Македонија да се грижи за своето малцинство во Бугарија. Со други зборови, опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека договорот во ваков облик сериозно ги нарушува националните интереси на државата и ако биде потпишан, ќе остави простор за нови и нови пречки, кои ќе ѝ се поставуваат на Македонија на евроатлантскиот пат.
Позицијата во која денес се наоѓаме многу личи на таа од 1995 година, кога Македонија преку ноќ ја потпиша привремената спогодба со Грција, која е обврзувачка за Македонија, но не и за Грција (која ја нема ни ратификувано). Со други зборови, постои реална опасност договорот да предизвика исти последици за Македонија, како и привремената спогодба од која ќе произлезат низа обврски за државата, кои потоа секоја следна македонска влада ќе биде притискана да ги исполни ако сака да ги продолжи евроатлантските аспирации, а секоја бугарска влада ќе може да ги користи за свои интереси.
Во ваква ситуација неверојатно е да се поверува дека Заев не ја гледа стапицата, но, очигледно, за него е важно само да си го врати долгот кон налогодавците, а последиците ќе им ги остави на идните влади и на народот. Единствено прашање е дали ќе оди до крај во својата реализација или ќе се повлече под притисок на македонската јавност ако Бугарија не ги прифати предложените корекции?
Колкави се шансите да ги прифатат? Речиси нема шанси. Тогаш зошто инсистираат да биде потпишан договор за добрососедство по секоја цена ако и тие се свесни дека тоа, реално, нема да придонесе за подобрување на односите? На актуелните власти во Бугарија и во Македонија воопшто не им е важно зближувањето на народите. Важен им е само политичкиот бенефит што ќе го добијат од тоа. Бугарија добива на значење како нов регионален фактор на Балканот и добра позиција за заштита на бугарските национални интереси во Македонија, кои особено би дошле до израз при федерализација и кантонизација на Македонија. Од друга страна, Зоран Заев ќе добие поддршка од бугарската влада и истовремено ќе врати една рата од големиот долг кон налогодавците што нелегално го поставија на власт.
А што е со граѓаните на двете држави? Сите што искрено посакуваат зближување на народите тврдат дека со ваквиот договор место зближување ќе следува уште поголемо заладување на односите на сметка на наметнатиот договор со кој се негираат народот, јазикот, историјата… Оттука се поставува прашањето зошто некој би ја враќал довербата меѓу Македонците и Бугарите со ваков штетен договор за една од страните, место преку иницирање мерки и проекти што реално ќе придонесат за зближување на народите?
Ако договорот, навистина, гарантира посебност на македонскиот народ, јазик и историја, тогаш сигурно сме на добар пат да се постигне договор што ќе придонесе за затоплување на односите. Но, ако овие основни работи што ги потврдуваат идентитетот и историјата на македонскиот народ се составен дел од содржината, нејасно е зошто Заев изрази резерва за конечен договор изјавувајќи дека „нема да биде крај на денот и да не се потпише договорот“. Дали глуми, како и обично, или покажува први значи на премислување?
Во исто време, додека вниманието на јавноста е свртено кон договорот со Софија, Заев уште еднаш нѐ врати на законот за јазици, кој најави дека ќе биде донесен во најскоро време – пред локалните избори. Според неговите коалициски партнери од албанскиот блок, пак, со овој закон албанскиот јазик ќе стане втор јазик во државата. Токму ова го најавуваме месеци и месеци наназад, но најголем дел од тие 350.000 Македонци што гласаа за СДС сѐ уште не веруваат дека е можно. За тие што заборавиле, целосната двојазичност беше една од клучните точки во тиранската платформа – истиот тој документ што албанскиот премиер им го испорача на лидерите на албанските партии во Македонија, а тие подоцна го наметнаа како услов за формирање влада. Врз основа на тој документ беше формирана оваа коалициска квислиншка влада на чело со Заев, а со помош на американскиот амбасадор Џес Бејли, Сорос и „дип стејт“. Иако Зоран Заев кога го доби мандатот од претседателот на државата Ѓорге Иванов пред целата јавност вети дека нема да поддржи реализирање на какви било платформи, тој, како и многу пати претходно, сосема очекувано, излажа. Тиранската платформа, анализирајќи ги точките од документот, всушност, во најголем дел, е реализирана или во фаза на реализација. Донесувањето закон за целосна двојазичност, кој сега се најавува дека ќе биде изгласан до октомври, е од особено значење за опстојување на кревката коалициска влада затоа што е многу важно за подигнување на рејтингот на албанските партии пред локалните избори. Тоа ќе биде уште еден силен удар за македонските национални интереси и за разнебитување на државата во облик што го имаме денес. Тиранската платформа ќе се заокружи со промената на името и со зачленувањето во НАТО.
Но, очигледно, на оваа квислиншка власт најтешко ѝ оди да ги продаде националните интереси кај јужните соседи од каде што добива јасни сигнали дека свитканата „кичма“ до под не е доволна. Информациите објавени во некои Соросови медиуми дека Атина предложила новото име на државата да биде ФИРОМ покажува дека Грците решиле да го понижуваат македонскиот народ до бесвест откако ја почувствувале слабоста на Заев и неговата решеност по секоја цена да го затвори спорот за името. Ваков понижувачки предлог не можело ни да се замисли во преговорите со владата на Никола Груевски, но и со која било друга досегашна влада, што јасно покажува каков однос имаат Грците кон актуелната македонска власт.
Предавникот Зоран Заев е многу добро проценет од соседите, а и самиот тој е повеќе од свесен во каква игра е влезен и какви последици за државата произлегуваат од неговата хазардерска политика. Но, тој, исто така, е свесен и дека народот жестоко ќе реагира на велепредавствата, па затоа паралелно со процесите на преговори за името, со реализацијата на тиранската платформа и со договорот за добрососедство ги активираше СЈО и инсталациите во судот, кои спроведуваат жестока хајка против раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Целта е да се ослаби политичкиот противник, а преку Соросовите медиуми да се замајува јавноста и да се одвлекува вниманието од реалните предизвици со кои се соочува државата.
Како и да е. Во сите негови математики и калкулации треба да го има предвид следново: времето полека му истекува. Колку и да е сигурен во поддршката на странците и на амбасадорите треба да е свесен дека ако самиот не се откаже од предавството на својата држава, народот ќе го спречи да го уништи сето тоа за што се бореле нашите предци.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.