Скопскиот апелациски суд по повод последните одлуки по жалбите на обвинетите Г.Г. Т.Ј. и Н.Б. во предметите „Таргет“ и „Тврдина“ покажа дека не е отпорен на политички притисок и е неспособен да решава само врз Устав и закон, тој ги отфрли сите аргументи и докази на одбраната и без издржан аргумент се става во улога на закрилник на политичките хајки на СЈО, кое се изживува со животот на луѓето, кои ги обвинува без доволно докази и аргументи, едноставно, сакајќи од тоа да направи медиумски спектакл.
Барањата за притвор за лицата што СЈО ги обвинуваат во предметите „Таргет“ и „Тврдина“ се целосно неосновани и без докази. Додека од друга страна одбраната дава повеќе од доволно докази и аргументи во полза на не изрекување мерка притвор, факти што не се земени предвид, а се цврсти гаранции за достапноста на секој еден човек за органите на прогонот. Судот место да одлучува по фактите, се впушта во опасна игра на инструмент на тандемот СЈО-СДСМ, спроведувајќи ги одмаздите врз политичките неистомисленици, притоа изживувајќи се обвинетите и нивните фамилии во кои има и болни и немоќни лица.
Обвинетиот од СЈО, Јакимовски е човек што нема зошто да бега и да не се појавува на рочиштата, поради неговата професионална ангажираност и семејна ситуација. Тој нема никаков услов да влијае врз кои било сведоци во постапката затоа што повеќе од три години не е на работа во МВР. Тој е генерален директор на Југоисточниот европски центар за спроведување на законот (СЕЛЕК), со седиште во Романија, истиот се здобил со меѓународна репутација и углед, но ако се земе предвид и неговата досегашна професионална ангажиреност со сигурност може да се каже дека се работи за личност со професионален углед како во државата, така и во странство, која има доволно причини да ја докаже својата невиност на суд, а не да бега од него. Факти и аргументи, кои, излгледа, само на суд под политички притисок не му се доволен доказ.
Дополнително Јакимовски е врзан за Република Македонија поради неговата 83-годишна неподвижна мајка, чијшто правен застапник е, а чијашто здравствена состојба е влошена. Притворот како мерка може дополнително да влијае на влошување на ситуацијата на мајката на Јакимовски.
Обвинетиот Бошковски, исто така, е човек што не може да влијае на сведоците бидејќи не работи повеќе во МВР, тој е со познат идентитет, со познато место на живеење и има оформено потесно семејство и е татко на малолетно дете под седумгодишна возраст. Во слична ситуација е и обвинетиот Грујевски, кој, исто така, е татко на две деца, човек со познат идентитет и со постојано место на живеење.
Колку е исполитизирана целата постапка околу обвиненијата на СЈО, кои се само медиумски материјал за медиумите под контрола на СДСМ со цел креирање негативна слика за партијата ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното владење, може да се види по хајката и бесчуствителноста на медиумските пера на опозицијата, кои се радуваат на болести во фамилиите на обвинетите. Од сета постапка повеќе од јасно се гледа дека единствениот мотив на хајките на СЈО е политичка одмазда и изживување со политичките неистомисленици на СДСМ. Ваквиот начин на политички хајки и постапки е незабележан во современиот свет и личи на инквизициите од средниот век.
На јавноста поврзаноста СЈО-СДСМ одамна ѝ стана јасна, уште по првите прес-конференции на СЈО во кои, практично, ги преповторуваше тезите и наративот на Зоран Заев од времето на „бомбите“. СЈО како правен орган што треба да се води единствено по закон се претвори во алатка на партијата сега на власт и спроведувач на нивните нарачани хајки. Сите обвиненија што ги поднесоа беа насочени исклучително против ВМРО-ДПМНЕ, а самите обвиненија и барања им беа крајно неаргументирани и без основни докази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.