В недела, со почеток во 19 часот, во Народниот театар во Штип, во рамките на културната манифестација Штипско лето, ќе биде изведена претставата „9“ од Гоце Ристовски, во продукција на Центарот за култура и Театар 34 со актерите Соња Младенов Лештар и Лазар Јованов, во режија на Богдан Јовановиќ. Преводот на текстот од македонски на српски јазик го направи Искра Пенева, автор на костимите и сценографијата е Милијана Лазовиќ , а драматург е Симон Грабовац.
Изведбата во Штип е второ претставување на „9“ во Македонија по вечерашната (саботна) претстава во Македонскиот народен театар во Скопје во рамките на Скопско лето. Инаку праизведбата на „9“ беше на 29 ноември минатата година на големата сцена на Центарот за култура во Нови Сад.
Пред почетокот на „9“ во Штип, со пригодна свеченост на актерите на Народниот театар од Штип Миле Вратоевски и Владимир Тулиев, за нивните остварувања во претставата „Отворач за конзерви“ од Виктор Лану (Франција), а во режија на Стојан Матавуљ (Хрватска)
ќе им биде врачена наградата „Наум Манивилов- Преспански“ што ја освоија на Меѓународниот театарски фестивал Актерот на Европа 2017 што се одржа во Ресен по 15-ти пат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.