| четврток, 6 декември 2018 |

Клетников: Ни треба повеќе храброст да речеме: „Доста е, идиоти!“

Треба да ги подигнеме националната самосвест и самопочит на високо ниво. Сега тие се, за жал, спуштени на половина копје, како да нѐ однеле во мртовечница на закоп, иако ние сѐ уште ѝ се противиме на таканаречената меѓународна гробарска лопата која ја држат и некои наши внатрешни гробари. Знаеме кои се. Некои ги знаеме и по име и презиме, ама ете, ништо не им можеме. Ни треба повеќе храброст и елан, вител, да речеме: „Доста е, идиоти, не сме мртви како што мислите“, вели Клетников

Националната самосвест и самопочит кај Македонците се спуштени на половина копје. Ни треба повеќе храброст и елан вител да речеме: „Доста е, идиоти, не сме мртви како што мислите“, вели писателот, поет и претседател на граѓанското здружение „Македонски манифест“, Ефтим Клетников. Во интервју за „Република“ Клетников изразува разочарување од молкот на интелектуалната елита во државата. За него интелектуалецот не е само диплома, титула, туку и морал и етика, а таа супстанција, како што вели, е страшно дефицитарна кај нашите таканаречени интелектуалци. За договорот со Бугарија Клетников оценува дека е штетен од старт, затоа што Бугарите не признаваат две битни работи што го дефинираат нашиот идентитет: нацијата и јазикот. Во однос на најавите за референдум за името, пак, вели дека тоа е губитничка формула и тоа го смета за злосторство. За Тиранската платформа вели дека е геноциден акт, затоа што, според него, таа има намера да ги потисне Македонците во нивниот дом до самиот ѕид на опстанокот. Според Клетников, Македонија е доведена до таква ситуација да ѝ е навистина потребна Божја интервенција за спас.

 

Вие сте еден од ретките интелектуалци во државава кој јасно и гласно истапува против штетните последици од најавите за брзо решавање на името, договорот за добрососедство и Тиранската платформа. Како го толкувате молкот на научната јавност чија обврска е прва да застане во одбрана на јазикот, историјата, културата?

КЛЕТНИКОВ: Брзо решавање значи да се каже сериозно НЕ на сите тие нешта кои се во тесна спрега за ликвидација на македонскиот идентитет. Се чини синхронизирано, диригирани од темни сили од надвор: Брисел и Вашингтон, нели. Како? Зошто еден таков страшен тектонски притисок врз еден мал и мирољубив народ? Феноменолошка тема пар екселанс. Голема мистерија на модерната цивилизација во која доминира либералкапиталистичкиот Запад. Европа и Америка, кои кршат сѐ во светот под изговор дека спроведуваат демократија: нешто со фалш дебати, нешто со „нафта за храна“, нешто со бомбардерите на нивниот НАТО како најголемо планетарно плашило, кое е формирано да ги брани западните корпорации и банки што ја цицаат крвта на светската сиромаштија. Тоа. Ме прашувате за интелектуалците. Нашите. Болно прашање. Ве прашувам каде се? Во МАНУ, во удобните универзитетски фотелји, во шарените невладини фондации во кои ни ораат ни копаат, а жнеат богата девизна жетва? Конечно, писателите на кои по дефиниција треба да им биде познат проблемот со името, но никогаш ништи не бекнале за него ни колективно, ни индивидуално, зачмаени во својот гениј што го преувеличуваат до фантастични димензии? Но, интелектуалецот не е како што велеше и Сартр само диплома, титула, туку и морал и етика. А имено таа супстанција е страшно дефицитарна кај нашите таканаречени интелектуалци. Пред нешто повеќе од столетие тој морален и етички дефицит кај „интелектуалците“ го согледа и генијалниот преродбеник, Мијакот Ѓорѓија Пулевски, па се сврте кон оној „простејшиј народ“, кој има здрава етичка основа и љубов кон татковината. Толку.

 

Од тоа што го гледаме изминатиот период, особено од формирањето на новата влада, може да се заклучи дека Македонија и националните интереси се на удар од сите страни, а пред сѐ од домашни структури. Која е нивната крајна цел?

КЛЕТНИКОВ: Дијагнозата на тој план е: имаме силна петта колона, како и политички елити (мислам на двете најголеми македонски партии), кои од почетокот на нашето таканаречено осамостојување, во кое ни во еден миг не бевме суверено самостојни, етапа по етапа го поткопуваа македонскиот суверенитет и идентитет префрлајќи го пред сѐ него великодушно во прегратката на до бескрај агресивните Албанци потпомогнати од ЕУ и Америка. Ни во еден миг не се спротивставивме на тоа страшно девастирање на македонскиот национален интегритет. Се случија редица национални велепредавства. Ајде некои да наброиме: капитулантскиот Охридски договор, промената на знамето и Уставот, територијалната поделба во 2004, амнестијата на злосторниците од хашките случаи кои вежбаа „писменост“ со ками врз македонската кожа и креваа со динамит во воздух цивили врзани за бетонски столбови со бодликава жица. Потоа Пржинскиот договор. Потоа… Потоа… Тоа се, ве молам, чисти злосторства, пред сѐ, на водствата на двете најголеми македонски политички елити кон сопствениот народ, кого со тоа го стигматизираа и го понижија до болка. Што друго да се каже.

И, прашувате за излез. Каков излез ако веќе те напикале во пеколот на чија врата стојат зборовите на Данте од истоимениот циклус во „Божествената комедија“: „Оставете секаква надеж“. Туку, тука не се работи за надеж туку за борба и храброст. Не за кукавичлак, егоизам и лична благосостојба на сметка на соголениот народ карактеристични за водствата, пред сѐ, на нашите политички елити.

 

Во една од декларациите што ги објавија Светскиот македонски конгрес и „Македонски манифест“ изразувате несогласување со најавата евентуално решение за името да биде ставено на референдум. Зошто сте против?

КЛЕТНИКОВ: Референдумот за името што го заговара ДПМНЕ тврдоглаво, а сега и СДСМ ги копира, е однапред губитничка формула. Според мене тоа е латентно велепредавство. Зошто? Затоа што такви свети работи како името на колективот, племето, нацијата, како сакате речете, не се фрла на тапан. На коцка, бидејќи не е ни добиено така. Тоа е, како што велат некои митолози и антрополози, шифрата која го изразува Бог. Во неа тој се самодефинира во ентитетот на колективот како негов дом во кој престојува тој. Така. А нашите плиткоумни политичари го ставаат на референдум, помочувајќи му се така на она што е најсвето за еден народ, она без кое тој не може да постои бидејќи тој е неговата анима, душа и срце, ритам на крвта и здивот. Но, ајде одете, докажете им го тоа ним. Во сите архаични култури, митови и религии името е извор на животот, па токму во тоа е содржана и тајната на двојните имиња од кои едното е вистинско, а другото лажно. Вистинското се криело и него го знаеле во строга тајна само родителите, а во јавна употреба било лажното име за со него да се залажат силите на смртта во одбрана на вистинското. Така примитивниот архаичен човек имал многу поголема свест за светоста на името отколку ние денес во овој апсолутно обесправен свет, во кој најобесветени, најплитки, и најбезидентитетни се политичарите. Никако референдум за името! Тоа е злосторство, негово искачување на Голгота. Убиство. Тие кои сакаат во криминалното НАТО и во лицемерната Европа, еве им ги. Ние сакаме да престојуваме во името, во нашиот искон и идентитет. Не сакаме да бидеме безлични европски мртовци, какви што се впрочем, но не се свесни за тоа, и бриселските ЕУ-бирократи.

Договорот со Бугарија сѐ уште не е објавен официјално, но од тоа што го најави Заев и според информациите објавени во бугарските медиуми, како го толкувате овој документ?

КЛЕТНИКОВ: Тој договор се крие. Тој е во стартот штетен за нас, затоа што е неискрен. Бугарите не признаваат две битни работи што го дефинираат нашиот идентитет: нацијата и јазикот. Тие инсистираат перфидно, лукаво, договорот да се потпише на, како што рече лукавиот Бојко Борисов, „јазикот во Уставот на двете држави“, а тоа значи дека нашиот јазик е уставна, вештачка, а не генеричка категорија на нашето исконско национално колективно битие. Да. Но, не знам дека и премиерот Заев има доволно интелектуален капацитет да ги сфати тие и некои слични работи поврзани со идентитетот кои не се од политички, туку, пред сѐ, од онтолошки карактер.

 

Како да ги заштитиме национални интереси? Сметате ли дека реакцијата на јавноста може да биде посилна од притисоците на центрите на моќ врз Заев?

КЛЕТНИКОВ: Треба да ги подигнеме националната самосвест и самопочит на високо ниво. Сега тие се, за жал, спуштени на половина копје, како да нѐ однеле во мртовечница на закоп, иако ние сѐ уште ѝ се противиме на таканаречената меѓународна гробарска лопата која ја држат и некои наши внатрешни гробари. Знаеме кои се. Некои ги знаеме и по име и презиме, ама ете ништо не им можеме. Ни треба повеќе храброст и елан, вител, да речеме: „Доста е, идиоти, не сме мртви како што мислите“.

 

Тиранската платформа ја сметате за геноциден акт. Сепак, голем дел од неа е исполнет или е во фаза на реализација. Како да се спречи крајната цел на платформата – поделба на државата?

КЛЕТНИКОВ: Тиранската платформа резултат на отворената тиранија на албанските политички елити кај нас почнувајќи од крвавата 2001 наваму. Знаете, тука има еден страшен парадокс. Во 1999 година кога НАТО на кукавички начин, ноќе во темница, од 11.000 метри височина ја бомбардира Србија, не поштедувајќи го притоа ни омиленото Косово, во малечката и сиромашна Македонија по вина на западните светски лажни демократи дојдоа околу 400.000 косовски бегалци, едно огромно мочуриште од човечки столчени души. Им беше пружена стреа. Македонија го издржа тој потоп, таа катастрофа. И што се случи потоа? Во 2001 г. албанските терористи на чело со Али Ахмети и останатите решија да им се заблагодарат на Македонците за гостопримството со терор спонзориран од Американците и европските западни сојузници. Ги фативме Американците живи во Арачиново, 17 на број, инструктори на злото во Македонија. И што бидна потоа? Малку беше тоа, туку ЕУ и САД тие терористи ни ги донесоа и во Собранието. Тиранската платформа е само продолжена благодарност на Албанците за подадената македонска рака и срце. Страшно, нели.

Да, таа платформа е геноцидна и неа како таква прв ја дефинира „Македонскиот манифест“. Зошто геноцидна? Затоа што има намера да ги потисне Македонците во нивниот дом до самиот ѕид на опстанокот. Во неа има план за смена на некои национални симболи – архетипови како што се грбот, химната, знамето кои се чувари на онтолошката есенција на нашиот колектив. Тоа е перфидно посегање по бришење на трагите на идентитетската меморија. Тоа е, со еден збор, фашистички потег. Тиранската платформа треба да се врати во Тирана кај Еди Рама, кој сѐ уште не го положил, како и Али и останатите негови поданици кај нас, еволутивниот испит кај Дарвин. Толку.

 

Како до помирување со соседите?

КЛЕТНИКОВ: Освен во некоја рака Србите останатите наши соседи немаат, за жал, никаква добра волја да ги подобрат во духот на етиката на љубовта односите со нас. Сите се настрвени кон нас како хиените кон жртвата во животинското царство. Тоа е гол факт кој се потврдува катадневно. Грците и Албанците не ни го признаваат името. Албанците плус ја сакаат цела Македонија за нивната Илирида, која еден ден може да им се удри од глава. Историјата дава доволно поуки за тоа. Бугарите се, исто така, препознатлива хиена, која веќе две столетија ги ставила своите шепи врз Македонија. Кусогледиот Заев и неговата идентитетски безлична гарнитура воопшто не ги гледаат нив.

Македонија е доведена до таква ситуација, однадвор и од нашите квислинзи однатре, да ѝ е навистина потребна Божја интервенција за спас. Може ќе се изненадите, но јас верувам во тоа.

 

Разговараше: Ненад Мирчевски
(Интервјуто со Ефтим Клетников е објавено во 254. број на неделникот Република, 14.07.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top