Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје објави две нови поетски збирки од докажани македонски поети. Станува збор за книгите Прашинки од Ристо Маџунков и Песочни капки од Милчо Мисоски.
Прашинки е четвртата поетска книга на Ристо Маџунков, кој како некој искусен алхемичар ги наоѓа врските до атомското јадро на изразот, до неговата суштина, која ослободена претставува чиста енергија што пред нас создава чудесни поетски светови. „Восхитуваат актуелноста и современоста на поезијата во Прашинки. Во неа се препознава духот на времето и таа вибрира со сензибилитетот на читателот. Ристо Маџунков ни укажува колку лесна работа е (за него) да се создадат нови поетски светови; и не само тоа, тој пред сите нас ни открива и како го прави тоа: од истите елементарни честички, од нуклеусите од кои е создаден универзумот – ’она од што се создадени зборовите‘ (’На почетокот беше зборот?‘), всушностпрашинки, какви што и самите сме, оти од прав сме создадени и во прав еден ден ќе се вратиме“, се вели во рецензијата на Трајче Бјадов кон книгата.
Ристо Маџунков е роден на 24.5.1948 година во Струмица. Основно образование и гимназија завршил во својот роден град, а медицински факултет во Белград (1973). Специјализирал во Скопје и во Париз (1979-1982). Во книжевната периодика еприсутен од 1962 година. Автор е на четири поетски книги: Прашинки (2017), Капки (2014), Глас во пустина (1994) и Вечензбор (1992). Коавтор е на прирачникот по трансфузиологија Микроаглутинациски техники (2000). Добитник е на Медал заунапредување на крводарителството во Македонија (Црвен крст, 2000), на годишната награда Медал на град Струмица (2001) и на Плакeта за значаен придонес на развојот на Македонското лекарско друштво (2004).
Песочни капки е четвртата поетска книга на струшкиот поет Милчо Мисоски, поделена во два дела. Во првиот дел доминира полапидарниот израз, кратки песни што по содржината потсетуваат на кратките јапонски форми, но не и по слоговната структура. Вториот циклус е подуховен и уште на почетокот внесува една попророчка поезија, поврзана со вербата и со прашањата до Бога. „Зрели стихови што поставуваат прашања и не се обидуваат да го насетат одговорот. Рецептот за убава поезија е токму тој. Да се постават прашањата, а да се одбегне одговорот, или пак во најалтруистичко поетски манир, самиот читател да го насети и да го даде тој одговор. Изразот на Мисоски станува подлабок и посложен како што се развива збирката. Од лапидарниот израз на почетокот, па сè до баладично-ламенталниот тон на крајните песни, оваа збирка истовремено најавува и поет што веќе се докажал, но и поет што допрва има што да каже“, пишува за книгата рецензентот Душко Крстевски.
Милчо Мисоски е роден на 26 септември 1972 година во Струга. Бил еден од уредниците на училишниот весник Јужен бран во Охрид. Наградуван е на Радио Охрид за поезија. Во 1989 година бил учесник на Ратковиќевите вечери на поезијата во Бијело Поље (Црна Гора), каде што добил награда за најдобра книга од млад автор. Негова поезија е објавувана во повеќе списанија на просторот на поранешна СФРЈ, како во Мостови, Одзиви итн. Бил учесник на Европскиот поетски фестивал во Плав (Црна Гора) во 1990 година. Застапен е во антологијата Поетите од Струга од Разме Кумбароски, во издание на Струшките вечери на поезијата (2001), како и во други литературни поетски зборници. Досега има објавено четири поетски збирки: Чекајќи го ангелот (1991), Записки(2013), Изневерено време (2016) и Песочни капки (2017). Живее и твори во Струга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Антолог“ објави два историски романи од исландски автори: „Сага за Јон“ и „Солзите на ангелите“
-
Промоција на „Збирка воздишки збрани од ливадата на стиховите“ од Сандра Авросиевска и изложба на Васко Ташковски во Паркот на книгите
-
Институтот „Јунуз Емре“-Скопје ќе донира книги на отсекот по турски јазик на Филолошкиот факултет
-
Романите на Ермис Лафазановски објавени во Каиро и во Софија