| четврток, 6 декември 2018 |

Децата не се брендирани чанти за задоволување на искомплексираниот гламур

Чувствителната тема што ја отвори најавата на Боки 13 да посвои три деца, дискриминирани по верска основа и според здравствената состојба, со право крена многу прашина. Сепак, револтот упатен кон нашиот медиум е неоправдан, со оглед на тоа што не доаѓа на вистинската адреса.

Во нашето сандаче пристигна една порака од многу испраќачи, кои се обидоа да ни одржат лекција за тоа што се луѓе со посебни потребни. Реагираат на пренесен твит (напишан од трето лице) кој воопшто не се однесува на лица со посебно потреби, туку во себе содржи зборови кои имаат преносно значење, односно зборови кои во нашиот јазик се користат за слободно говорно изразување. Овие и други зборови кои во нивното основно значење означуваат некаква медицинска дијагноза за одредена ментална заостаност, во секојдневниот говор означуваат глупост, безмисленост и се однесуваат на психички здрави лица кои излегуваат надвор од моралните и етичките општествени норми.

Организираните испраќачи можат да прелистаат во нашата архива и да се запознаат со нашата работа и да видат дека во нашите текстови не вршиме дискриминација на лицата по ниту една основа, ниту етничка, ниту верска, ниту здравствена или пак расна. Напротив, „Република“ секогаш им давала поддршка на лицата со посебни потреби како и на децата со пречки во развојот, но и на децата без родителска грижа, а таквата поддршка ќе продолжи и во иднина.

Дискриминација на децата не вршиме ние, туку оној кој сака да посвои три деца од три категории со „специјални карактеристики“. Не ги навредивме ние родителите на децата со пречки во развојот, туку некој друг, чијашто адреса им е позната на испраќачите на идентичната порака. Ја пренесовме и таа вест, но никој од нив не реагираше.

Повеќе од свесни сме дека оваа порака која доаѓа од повеќе адреси има цел да ја изврти фактичката состојба и да ја префрли топката кај нас. Точно е дека лицата со посебни потреби имаат право на достоинствен и квалитетен живот, и дека зад тоа право стојат нивните семејства. „Република“ ги поддржува нивните права и секогаш е тука како медиум да помогне да се подигне свеста за потребите на тие лица. Доколку некој од родителите или некое лице со посебни потреби се почувствувале навредено од пренесувањето на твитот напишан од трето лице, ние како редакција им се извинуваме.

Но, извинувањето не се однесува на оние кои преку смислена хајка сакаат да ја префрлат топката на наша адреса, а притоа да го заштитат и да го величаат оној кој, како што самиот кажа, сака да посвои три деца од три категории со „специјални карактеристики“.

Суштината на овој проблем е злоупотребата на децата без родителска грижа. Децата не се брендирани чанти за задоволување на искомплексираниот гламур. Децата се производ на Господ, на Природата, на Хромозомите, кој во што верува, нивната игра нѐ прави различни. Наша цел никогаш не биле луѓе со посебни потреби. Наша цел биле и ќе бидат оние што имаат потреба преку нив да ги задоволат ниските страсти и личните фустрации со затскриена злоупотреба. Онака како што ве злоупотребуваат Вас во обидот да ги оцрнат оние кои го посочуваат вистинскиот извор на злоупотреба.

Редакција Република

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top