| четврток, 6 декември 2018 |

Од денеска македонски и унгарски научници ќе го испитуваат составот и староста на Охридското Езеро

Хидробиолошкиот завод од Охрид и Институтот за нуклеарни истражувања од Дебрецен-Унгарија, денеска ќе ги отпочнат заедничките истражувања на Охридското Езеро со цел утврдување на составот и староста на водата со примена на различни изотопски методи. Овогодишните истражувања на Охридското Езеро, ќе траат до 16 јули и опфаќаат собирање мостри од вода на повеќе локации од езерото и на различни длабочини.

Потоа следат лабораториски анализи кои ќе се вршат во Центарот за изотопска климатологија и проучување на животната средина на Институтот за нуклеарни проучувања при Унгарската академија на науки.

Заедничката сорботка меѓу двата институти, вклучува и дупчење на седиментите од глацијалните езера на Јабланица и Пелистер и анализа на нивните геохемиски карактеристики со цел палеоклиматски реконструкции, чиј теренски дел ќе се започне кон крајот на јули.

Инаку, Хидробиолошкиот завод од Охрид и Институтот за нуклеарни истражувања од Дебрецен-Унгарија, минатата година склучија меморандум за зголемена меѓусебна соработка, размена на искуства и учество на заеднички научноистражувачки проекти.

На денешниот почеток на заедничките истражувања, покрај претставници од истражувачките тимови од двата инстутити, ќе присуствува и Неговата Екселенција, Амбасадорот на Република Унгарија во Република Македонија, д-р Ласло Иштван Дукс, стои во соопштението од Хидробиолошкиот завод од Охрид.

извор: Публицитет.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top