| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто земјотресите можат да бидат толку убиствени?!

Секоја година, приближно околу 60 000 луѓе страдаат во природни катастрофи. Само во периодот од 2000 до 2009 година, со природни катастрофи биле погодени две милијарди луѓе ширум светот. Притоа природните катастрофи го зголемиле својот интензитет и фрекфенција, што делумно се должи на климатските промени и на зголемената урбанизација. Земјотресите имаат најголем придонес во вкупниот број на жртви предизвикани од природни катастрофи. Toa најчесто е поради слабата асеизмичност на конструкциите на објектите. Според Светската банка, најголемиот број на жртви од земјотрес (околу 90%), доаѓа од земјите во развој (OECD, 2008 година). Познатиот експерт Јо Да Силва, вели: „Земјотресите не убиваат, туку слабите конструкции на објектите”.

Земјотресот кој го погоди Хаити во 2010 година, со магнитуда од 7.0 степени

Во развиените држави, законите и стандардите за градба значително го намалиле бројот на жртви од природни катастрофи. За споредба, кога ќе се земе земјотресот кој го погоди Хаити (во 2010 година, со магнитуда од 7.0 степени) и земјотресот кој ја погоди Јапонија (во 2011 година, со магнитуда од 9.0 степени), степенот на оштетување на објектите и бројот на жртви е далеку поголем во Хаити (230 000 жртви), без оглед на послабата магнитуда. И покрај речиси 100 пати посилниот земјотрес во Јапонија, бројот на загинати се искачи на околу 14 000 лица, а најголем дел загинаа како последица на цунамито. Причината за толкавата разлика е што Јапонија има далеку поголема финансиска, техннолошка и техничка моќ во однос на Хаити. Нискиот квалитет и асеизмичките градби на Хаити, придонесоа за голем број на жртви, а над 250 000 домови и околу 30 000 комерцијални објекти беа оштетени или разурнати. Во Јапонија пак бројот на уништени објекти изнесуваше 46 000, а оштетни беа околу 144 000 објекти, пред се како последица на цунамито. Поради бурното сеизмичко минато, владата на Јапонија има воспоставено национална стратегија во насока на подобрување на квалитетот на градежните активности.

Во Јапонија, бројот на загинати се искачи на околу 14 000 лица, а најголем дел загинаа како последица на цунамито

Се поставува прашањето дали може се предвидат земјотресите? Секако дека не. Ниту Американското геолошко друштво (USGS) ниту останатите научници, досега, немаат прецизно предвидено земјотрес. Засега не постојат начини за предвидување на земјотресите од аспект на точната локација, јачината на земјотресот и времето на случување. Сепак врз основа на научните податоци за сеизмичките активности, може да се пресмета веројатноста за идни потенцијални земјотреси. Американското геолошко друштво се фокусира на долгорочно ублажување на последиците од земјотресите, помагајќи пред се во подобрување на безбедноста на инфраструктрата. Луѓето не можат да ги спречат земјотресите, но можат значително да ги намалат негативните последици. За таа цел се вршат бројни истражувања како утврдување и категоризација на раседните линии во просторот, испитување на геолошкиот состав на земјиштето, градење на безбедни асеизмички објекти, како и подготвување и преземање на превентивни мерки со цел најдобро да се одговори на последиците од земјотресите.

Силните потреси може да предизвикаат мала материјална штета, доколку градбите се карактеризираат со висок асеизмичен квалитет. Од друга страна, многу послаб земјотрес може да направи голема штета, дури да резултира со губење на човечки животи, поради слабата градба на објектите. Покрај сеизмичките својства на објектите, значајна улога има и геолошката подлога…

… Покрај конструкцијата на објектите, паниката и очајничките обиди за бегство во моментот на земјотрес се останатите два значајни елементи. Најдобрата заштита од земјотрес е квалитетна градба и присебност во моментот на земјотрес. Црвениот крст на Република Македонија има изготвено кампања за подигнување на јавната свест во момент на земјотрес.

Целосната верзија на текстот прочитајте ја на факултети.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top