| четврток, 6 декември 2018 |

Инспектори од Државниот санитерен и здравствен инспекторат ја проверувале хигиената во неколку клиники

Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и претставници од кабинетот на министерот за здравство синоќа извршиле вонреден инспекциски надзор во неколку скопски клиники, соопштија од Министерството за здравство. Инспекторите биле во посета на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Ургентен центар, Трауматологија, Ортопедија и Институт за белодробни заболувања и туберкулоза.
Целта била да се провери  континуитет во одржување на општите санитарно-хигиенски  и санитарно-технички услови во објектот; почитување на работното време, континуирана покриеност на приемните амбуланти за итни случаи, почитување на Законот за заштита од пушење, контактирани по случаен избор пациенти во однос на етички и професионален однос на здравствените работници.

При надзорот на Клиниката за гинекологија е констатирано дека општата санитарно-хигиенска состојба не е на задоволително ниво, а медицинскиот отпад не се селектира прописно.

Во Ургентниот центар, на Ортопедија и во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, општата хигиенско-санитарна состојба е релативно добра, за разлика од Трауматологија каде општата хигиенско-санитарна состојба не е на задоволително ниво.

– Министерството за здравство веднаш презема мерки за отстранување на констатираните недостатоци – се вели во соопштението на Министерството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top