Зар треба некој да поверува дека дипломатските капацитети на Македонија, па и под водство на Заевиот клан, се на колена да не може да се организира потпишување на еден меѓудржавен билатерален договор заради посета на американски гостин, па бил тоа и потпретседателот на САД, и тоа не во Македонија туку во Црна Гора? По ваквиот настап на Димитров (Никола, не Божидар), може ли да се очекува откажување на прославата на Илинден од „Илинденска“ заради состанок на членките на Јадранската повелба? Сепак, не. Дури и Заев е свесен дека ниту тој сега е во позиција да негира празници, ниту Илинден е „само“ верски празник во Македонија, па како пред неколку години за Божик да замине на закажана средба во Брисел! Да не се лажеме, по бомбастичните најави на Заев од Софија, при „историска“ посета, според Бујар Османи, дека проблемите за добрососедството се затвораат со „кафе-средба“, откако Македонија „го напушта национализмот“, а и историјата и јазикот, и САД тој договор е многу поважен од организација на кетерингот за дочек на Мајк Пенс во Црна Гора.
Вистината за одложувањето на парафирањето на договорот секако е многу посурова и со години го загорчува македонско-бугарско дипломатско „кафе“ до степен на отровност. Најавата за одложување од Димитров не е прва, Заев од парафирање на договорот се огради и од собраниската говорница. Вистина е дека Бугарија, сепак, нема промена во ставот кон Македонија, македонската историја и особено јазикот, онака како што безуспешно се обидуваше да се протурка во земјава. Дури и во МНР под Димитров се свесни дека ако Софија сака да му излезе во пресрет на Заев, немаше првите три дена на националните медиуми во Софија главно место да му отстапуваат на Димитров (Божидар) и неговите следбеници. Дури „во машината“ беше втурена и колешката на Димитров Никола, за Димитров Божидар за да ја „поклопи“ и како финале да се произнесе и заменичката на бугарскиот претседател Радев, по чија порака од Атина дека нема интеграции со македонска историја, да надополни дека признавање на македонски јазик е смешно! Всушност, медиумите од Софија, наместо да градат атмосфера за добрососедство, ликуваат по најавите од Заев за промена на историјата и притискаат за непризнавање на македонскиот јазик. Заземањето на таа позиција на бугарските медиуми е нормално и за очекување, бидејќи бугарските медиуми, сепак, застануваат зад изградените национални интереси, колку е тоа неточно, и уште повеќе, болно за Заевиот тим во пресрет на најавеното парафирање на договорот.
Националниот интерес под опсада
Медиумите се најсилната алатка во сите општества, особено во демократијата, кога станува збор за зачувување на националните и државните интереси. Додека трае овој очекуван медиумски атак од Софија кон македонските национални интереси, како притисок од јавноста кон тимот на Бојко Борисов да не го признае македонскиот јазик, кога веќе Заев ја предаде историјата во согласност со бугарските цврсто заземени ставови, што и сега се надоврзува на грчките цврсти негаторски ставови изразени од средбата Радев – Павлопулос, во Македонија испливува непостоењето јасен консензус за македонските национални интереси. Ниту во политичката ниту во медиумската, јавна, сфера.
Од политички аспект во услови на плурализам, срамно е што и по толку години на специјална војна која се води за ништење на македонската посебност, сѐ уште нема политички консензус и јасно заземен став за националните интереси. Уште посрамно е што новата власт упаѓа во средби и договори на коишто тема се националните интереси, а за тоа молчи. Истовремено во општеството се врши политичко-судска чистка врз опозицијата, а на тежок удар се и медиумите кај кои доминира заштитата на националниот интерес, макар и на сметка на интеграциите.
Македонските медиуми и медиумски дејци и во време пред осамостојувањето и потоа, водеа сметка за потребата од нагласување на македонските национални интереси и зачувување на македонската посебност пред негирањата од Грција и од Бугарија. Се водеше сметка за македонскиот јазик и историја, се водеше сметка за македонскиот идентитет и посебност да се слушне што подалеку. Медиумите водеа сметка и за Македонците надвор од границите и покрај „еквидистанцата“ и разно-разните исполнувања на барањата, како и сега, за одродување од македонската дијаспора и малцинства во соседствата. Денес, за разлика од Бугарија и од Грција, во Македонија на силен удар покрај десноконзервативна опозицијата, кај која предничи националниот интерес, се медиумите кои ја продолжија таа грижа за македонските прашања. Наместо нив, во подем се медиумски актери кои се инструмент на „виши цели“, кои влегуваат во насилно девастирање на националните пред интегративните интереси. Прашањата кои се поврзани со тоа што би добиле, а што би изгубиле со договорот со Бугарија, всушност, што сѐ тој содржи и што се коси со македонските интереси, онака како што тоа го прават бугарските медиуми кога се во прашање националните интереси или пак прашањата поврзани со сѐ потврдиот грчки став за името, не наоѓаат место во нивните агенди. Во медиумските анализи, повторно споредено со оние во Бугарија, изостанува аспектот дали на ЕУ и на НАТО им е потребна Македонија со Македонци или само територијата, па и дали тука ќе запрат иредентистичките пориви. Напросто, се создава медиумски амбиент дека Македонија постои само и само за ЕУ и НАТО, или од наопаку поставено, дека ако не постоеле ЕУ и НАТО, не би постоела ниту Македонија. Ваквото позиционирање на медиумските инструменти не е случајно, бидејќи јасно е дека тие прашања е невозможни да се затворат без да се помине низ доброволно бришење на колективната меморија на македонскиот народ. А тоа, повторно, е невозможно, во тоа не успеала ниту екстремно насилната асимилација на Македонците во Бугарија и во Грција, каде што и денес се пее на македонски јазик и се одржува фолклорот кој ја слави македонската историја.
Време за цврсти црвени линии
Криењето на одговорите што е договорено при посетите на Атина и на Софија, и тоа токму од најповиканите, оние кои со цела уста се залагаа за транспарентност и јавна дебата за сите прашања, само дополнително ја усложнува и онака компликуваната атмосфера во општеството. Не само што националните интереси и интеграциите излегуваат од рамките на политичка опција која во моментот е во позиција да преговара, туку молкот и ја нараснува недовербата кон заложбите на новата коалиција и долева масло и на разгорената меѓуетничка недоверба во Македонија поради фактот дека интеграциите се клучни точки заедно со двојазичноста од Тиранската платформа, која беше услов за таа коалиција. Затоа на Македонија сега повеќе од кога и да било ѝ се потребни вистински одговори и вистински позиции.
Оттука, најрационално би било од новата постава предводена од Заев, онака и како што сѐ почесто и самиот тој нагласува дека е потребна и поддршка од опозицијата за интеграциите, да се признае дека вистинската сопирачка не се ВМРО-ДПМНЕ и Груевски со „неговата волја“, туку реалните крупни залаци, кои очигледно сега ги дават и Заев и Димитров. Време е дури и Заев да ја признае големата грешка и штета која ја направи со изјавата дека „Македонија е виновна за сѐ“. Доволно лично се увери дека работите се поинакви од тоа дека за шест месеци би се затвориле прашањата кои стојат на патот на интеграциите. Во спротивно, чекорите кои ги поведе најмалку ќе нанесат лична политичка штета. Најголемата цена на штетата допрва би се утврдувала.
Сето ова би требало да резултира, можеби за почеток далеку од очите на јавноста, со обид и на власта и на опозицијата да се постигне цврста јасна линија што е тоа преку што не се може, да се (ре)утврдат македонските национални интереси, и повторно да се исцртаат, па и длабоко да се врежат, изгравираат државните црвени линии преку кои ниедна опција на власт не би минала. На тој начин Македонија, вклучително и која и да е политичка опција на власт, би била рамноправен партнер во преговорите и со Софија и со Атина и со Брисел, и би го вратила вистинскиот респект од меѓународната заедница, спротивно на лажната поддршка која по смената на власта ја врати реченицата „Прво името, па интеграции“.
Од друга страна, сето тоа би ги релаксирало и внатрешните односи. Зад такви цврсти црвени линии со сигурност ќе застанат и албанските политички елити во Македонија. Со заземање цврст долгорочен став, тие нема да бидат оставени во позиција кој било од нив да потпаѓа, влечејќи ги потоа и другите, во радикални политички излети, како што е прифаќањето на Тиранската платформа.
Општеството, какво што е сега македонското, бара вистински промени кои, пред сѐ нема бидат ставени во опасност да бидат негирани од внатре или да отвораат простор за други, посилни и понасилни интервенции од страна. Само „реформи“ во општеството кои ќе бидат во согласност со национални интереси зад кои ќе застанат сите, од Македонија ќе создадат вистински сериозен рамноправен партнер на заедниците кон кои се стреми, но и ќе создадат вистинска стабилност во земјата по долгогодишната криза предизвикана, пред сѐ, со напуштањето на националните интереси на сметка на „повисоки цели“.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 253. број на неделникот „Република“, 7.7.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.