| четврток, 6 декември 2018 |

Хајка против ВМРО-ДПМНЕ за уривање на Македонија

 

nenad-mircevski-kol-120

Ненад Мирчевски

Катица Јанева имаше историска шанса да наметне нови стандарди во судството и да го трасира патот на судските реформи кои ќе ја вратат нарушената доверба во судските органи. Ги доби на располагање сите потребни ресурси, ѝ беше обезбеден незамислив буџет за македонски услови од 4 милиони евра годишно, беше поставена на функција со широк политички консензус и со огромна меѓународна поддршка како ниеден друг обвинител до сега. За да ги оправда поддршката и сите бенефиции требаше да исполни само една задача – професионално и непристрасно да утврди кој и со која цел го вршел прислушувањето во државата и да ги истражи сомневањата за наводниот криминал од прислушуваните разговори. За времетраењето на истрагите, на предлог на странците, беше договорен рок од 18 месеци, а врз основа на обемот на работа Јанева имаше слобода да одбере со колкав тим ќе работи на предметите во договорениот рок.

Но, и покрај сите услови за работа што ги доби, Јанева наместо како специјална обвинителка од прв ден се постави како егзекутор на една политичка партија и на политички неистомисленици. Во текот на целото работење на СЈО наместо нови стандарди, видовме само куп скандали. Всушност СЈО се со­о­чи со ви­стин­ски де­бакл во ра­бо­те­ње­то, со број­ни афе­ри и скан­да­ли кои се вр­зу­ва­ат со СЈО и во пог­лед на не­по­тиз­мот, фи­нан­си­ско­то ра­бо­те­ње на ин­сти­ту­ци­ја­та и, нај­важ­но, бру­тал­но­то пре­че­ко­ру­ва­ње на ов­ла­сту­ва­ња­та и кр­ше­ње­то на за­ко­ни­те… Нејзината неспособност и нестручност беше прикривана со напад на сите медиуми кои внимателно ја следеа и аргументирано ја критикуваа нејзината работа, а специјалната војна против ВМРО-ДПМНЕ беше водена преку медиумите на Сорос.

До последен ден Јанева остана да се однесува како приврзок на Зоран Заев и на СДС, а наместо на граѓаните да им служи на интересите на странските амбасадори. Буквално на истекот на рокот поднесе седумнаесет обвиненија во кои се опфатени 94 лица од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, судии, новинари и други блиски соработници на партијата. Во сите овие предмети нема ниту едно обвинение за членови на ДУИ и СДС. За неупатените чудно со оглед на тоа дека претходно беа најавени истраги за високи функционери на ДУИ, но за голем дел од македонската јавност очекувано знаејќи ја нејзината политичка улога во сценариото.

Тактизирањето до последен момент и поднесувањето обвиненија недоволно поткрепени со докази е само показател дека СЈО е дел од сценариото за политичко уништување на ВМРО-ДПМНЕ, затворање на раководството на партијата и разнебитување на државата. Успехот од нејзината работа значително ќе влијае врз успехот на СДС на локалните избори. Без нејзина помош СДС ќе доживее нов изборен дебакл. Тоа ќе значи силен удар за квислиншката власт која треба да го зацврсти своето владеење пред да го реализира сценариото за целосен распад на државата. Токму затоа беа нејзините најави дека ќе продолжи со истраги и покрај истекот на рокот.

Поплаките на Катица дека СЈО немало доволно време да ги истражи предметите воопшто не држат со оглед на фактот дека во изминатите 18 месеци Катица го трошеше времето на семејни веселби и брифинзи по странски амбасади, а истовремено отпушташе обвинители со образложение дека немало толкав обем на работа. На крај на краиштата, како обвинител требаше однапред да биде свесна каква улога прифаќа и колкава е нејзината тежина. Ако не може да ги одбрани обвиненијата, нема да биде ничија друга вина освен лично нејзина. Впрочем затоа и е платена „дебело“.

Ангажманот на Катица и СЈО до истекот на петгодишниот мандат ќе ја чини државата 20 милиони евра народни пари! Користејќи проста математика, може да се заклучи дека ова ќе бидат најскапо платените судски процеси во историјата на македонското правосудство, за кои ќе бидат потрошени во просек по еден милион евра по обвинение! Кога некој троши вакви баснословни суми за истраги и судски процеси, најмалку што очекува јавноста е да бидат употребени за откривање на сериозни криминали тешки десетици, па и стотици милиони евра. Наместо тоа, гледаме дека Катица се интересирала за неиспорачани шамари, гаќи, тенџериња… Која е логиката да потрошиш милиони за лов на економски криминал од неколку десетици илјади евра кој има големи шанси воопшто да не е направен или пак никогаш да не се докаже? Замислете основното обвинителство да троши милион евра на секој обвинителен акт од овој тип криминал. Колку тоа би ја чинело државата?!

За сега Катица успеа да докаже само едно – дека во Македонија во моментот не владее правото туку силата, а со државата не управуваат македонските институции туку странските амбасадори. Оттука, лесно е да се заклучи дека најавените судски реформи ќе бидат само фарса за целосно ставање под контрола на судовите и судиите кои ќе треба да ја заокружат инквизицијата. Затворањето на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде лекција за сите непослушни патриоти кои ќе се дрзнат да им се спротивстават на интересите на странците.

Целосната партиска наклонетост до толку ја наруши довербата на граѓаните во институцијата што дури и да бидат осудени обвинетите, во јавноста ќе остане голем сомнеж дека пресудите се политички, антидржавни и однапред договорени. Штетата која Јанева им ја направи на државата и на судството со сервилниот однос кон Заев и амбасадорите е многу поголема од тие 20 милиони евра.

Очигледно не е свесна дека еден ден, ќе нема кој да ја крие и ќе мора да даде отчет за одработеното и за потрошените народни пари. Ќе мора да одговара за откажувањето од „Пуч“, од амнестирањето на Заев и Верушевски од одговорност, од прикривање на вмешаноста на странските служби во прислушувањето…

Убеден сум дека еден ден целосно ќе се расчистат работите и дека сите учесници во ова сценарио за разнебитување на државата ќе понесат одговорност. Вклучително и овие од СЈО, кои имаа доверено исклучително одговорна задача, а решија да работат за партиски цели. Дотогаш ќе го регистрираме секој погрешен потег на инквизиторите без разлика на ризиците.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top