| четврток, 6 декември 2018 |

ОФИЦИЈАЛНО: Лазаров е нов член на Барселона

Од денеска и официјално европскиот вицешампион и првак на Шпанија, Барселона, го официјализира македонскиот ракометен репрезентативец Кирил Лазаров како свој нов член. Имено, откако Атлетико и Лазаров спогодбено го раскинаа договорот, капитенот на нашата селекција постигна договор на две години за личните услови со најтрофејната екипа во историјата на европскиот ракомет. По три сезони минати во Атлетико Мадрид и седум освоени трофеи, Лазаров врти нов лист и Барселона ќе биде негов седми клуб во кариерата по Овче Поле, Борец, Пелистер, Загреб (Кроација Осигурање), Веспрем и Реновалиа Сиудад Реал (Атлетико Мадрид).

Лазаров е само третиот Македонец што настапува за спотското друштво Барселона. Прв беше одбојкарот Владимир Богоевски, а по него беше кошаркарот Владо Илиевски. Помалиот син на Бобан Бабунски, младинскиот фудбалски селектор, настапува за младинскиот тим на Барса.

Лазаров веќе ги помина лекарските прегледи и наскоро по репрезентативните обврски ќе одпатува во Каталонија за да ги дефинира деталите во договорот и да го избере својот нов дом. Официјалното претставување се очекува на почетокот на август, а во првата недела од овој месец ќе стартуваат и подготовките на екипата на Хавиер Пасквал за новата сезона. Во неа новиот клуб на Македонецот ќе се бори за трофите во Лигата на шампионите, АСОБАЛ купот, Купот на шпанскиот крал, АСОБАЛ Суперкупот и во каталонскиот Суперкуп. Судбината сака да дебитира во официјален меч против неговата поранешна екипа Атлетико Мадрид. Нашиот ас е второ засилување на европскиот вицешампион по Никола Карабатиќ, кој официјално со бројот 33 беше претставен во средата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top