На лагата ѝ се кратки нозете. На лажните „активисти“, пак, граѓанскиот карактер. Сведоци сме како во формација на класично стампедо шарените неранимајковци се втурнаа кон владата, лезетот и функциите што им ги нуди власта. Па нели беа инакви, нели се бореа за демократија, слобода, живот? Да, за слободен директорски живот на државни јасли. Како и да е, но активистите со полни усти демагогија, буквално, се испотепаа во битката – кој поголема функција да „лапне“ во новата, „реформска“ влада. А Заев првпат да не излаже, реформи прават и ќе прават, тука нема сомнеж. Но, не онакви со каквишто го лажат Хан и Могерини и останатите им поддржувачи кои вложија многу во полтронската гарнитура. Реформите значат целосна промена на структурата на македонските институции, нивно максимално пополнување со социјалдемократски кадар, инфилтрација во сите пори на државата и целосна партизација на сетилата.
А чуму толку им се брза на Заев и СДС на која М одамна не ѝ прилега? Зошто со „ворп 8“ влегоа во пресметка и смена на сите директори на институциите, некои и незаконски ги сменија, а на сите места партијци „незнајни и знајни“ наместија? Најчесто без потребните квалификации, а некои дури и англиски не знаеле. А што ќе им е тој луксуз на директор на УЈП, БЈБ, УБК и слично, па и онака, најбитен и единствен услов е да се биде „напатен“ социјалдемократ, нели.
Курто ветуваше, а Мурто во дело спроведуваше
И додека плејада невработени жалат што не извадиле книшки на СДСМ на време и што имале премногу скрупули и македонштина во себе за да учествуваат во шареноликите идиотштини, истовремено цела Македонија се шегува со видеото на Курто Дудуш. Но, пратеникот на СДСМ ветуваше, а некој истото го спроведуваше во дело. И повеќе од тоа.
Да, Курто им ветуваше на идните социјалдемократи од Шутка дека членската книшка од СДСМ ќе им помогне да не плаќаат казни за сообраќајни прекршоци, ќе имаат предност во социјално и ред други „демократски“ придобивки, но Дудуш за „втората лична карта“, сепак, само ветуваше, колку и да беше тоа патетично, неетички и незаконски.
Вистинскиот проблем е што Курто во Шутка само ветуваше, а неговиот лидер на „Илинденска“ тоа го спроведуваше во дело. Да, Заев јавно демонстрираше дека ако се вложите во и за СДСМ, следува добра награда. Го правеше тоа и порано, така двајца „шарени“ станаа и пратеници. И два-тројца вмровци-превратници добија позиции. Сега е време за ново оддолжување кон „борците за слобода и демократија.“ Во законодавниот дом местата се пополнија, сега на ред е извршната власт, а само прашање на време е кога ќе следува третата тура раздолжување со местата во судската. Оти, цело е ако има социјалдемократи и послушници секаде. Само замислете колку шарени „револуционери“ и „НВО-активисти“ ќе станат судии при Заевото целосно „од корен“ менување на судиите и судството. Гарантирано, за некоја година истите ќе воведат и судски тоги во бојата на виножитото…
Проблемот е што ова најверојатно е само увертира на Заевите дејанија. Вака ли изгледа стартот на најавеното „јадење живи луѓе“, политички поим кој означува највисоко ниво на реваншизам, измислен и патентиран во македонската политичка мисла лично од лидерот на СДСМ? Неговото прво документирано пројавување на оваа канибалска тема е во веќе далечната 2008 година. Оттогаш, протече многу вода и се насобра многу гнев во душите им социјалдемократски. Многу нивни деца останаа невработени, „подработуваа“ во меѓувреме за Соросовите НВО за „цркавица“ од многу евра или долари, а сега дојде време за нивно вдомување под државна капа. Сонот на секој комунист, нели. Бидејќи таму било најсигурно, башка клати врата и оп, секој месец на први земај плата. Дел од урбаните посткомунистички легенди…
Раскошно враќање на домашните долгови од најзадолжената партија во Европа
Не чекаа ни да мине барем еден месец како се на власт. Не издржаа кутрите и напатени чеда. Па да, толку многу се „изнаработија“ за да стигнат до „врвот“, а трпението, очебијно им било при крај. Заев и СДСМ да не ти биле должни само на странците, должни се и дома. Многу должни. Дефинитивно, најзадолжената партија во Европа и пошироко.
Излажаа и за минималната и за просечната плата, па сега „професионалните“ медиуми ги перат и објаснуваат на големо и мало дека тоа и не било така возможно од редица причини, но, за жал на државата и на народот кој ќе мора да ги трпи, испадна дека некој и лажно се претставувал. Како граѓански активист. За уште поголема жал, тие се множина, активисти. И повторно сме живееле во заблуда – лажното претставување да не ти било кривично, туку доходовно дело, страшно доходовно. Проблемот е што на новокомпонираните функционери, портпароли, директори и што ли не, парите никогаш и не им недостасувале. Од банкарските им сметки базирани на великодушноста на унгаро-американскиот социопат, кои неколкупати имавме чест да ги видиме, очигледно е дека на овој план воопшто не каскале.
Значи, мотивот бил друг и целата оваа неконвенционална и патетична специјална војна и великодушното учество на шарените регрути да не ти била за пари? За демократија уште помалку. Сѐ уште се двоумите? Па, видете ги банкарските конта на Заев, Шекеринска, Шилегов итн., итн., итн. Кој бил мотивот на вистинската војска партиско-соросоидни чеда кои сите овие години од петни жили одработуваа за партијата од „Павел Шатев“? А тој да ти бил толку јасен и приземен. Целата оваа папазјанија и демократска „пародија“ да се базирала на потребата од моќ. Ни повеќе, ни помалку на пуста, патолошка потреба од моќ за одредување на судбината на ближните свои сограѓани, оти Македонија е мала.
Исто онолку колку што шарената глупост беше револуција, толку и овие активисти беа граѓански. А социјалдемократските активисти маскирани во „борци за демократија“ под превезот на битка со „режимот“ да ти работеле на својата политичка кариера, вложувале во функции.
Македонија ќе остане без НВО-сектор?
Дарежливоста на Заев и неговата влада во вдомувањето на чедата изгубени на Соросовата НВО-планета на мајмуните, создаде сериозна опасност за истиот тој „невладин“ сектор. Поточно кажано, редица опасности.
Првата и можеби најголема е што со овој принцип на нововладиниот проект „СДСМ наградува и вработува“, се отвора реална можност за затворање на многу НВО-а. Едноставно, нивните челници ќе преминат во Владата на СДСМ и ќе стават клуч на алатките кои ги доведоа до таму, веќе непотребни и „испукани“ орудија. Или како што вели колегата Васко Ефтов: „Толку кампањи против Сорос, а десороизација во Македонија ќе спроведе Заев: сите соросоиди ќе ги напика во владата како советници! На крај Сорос ќе стане партија, а СДСМ невладина организација“.
Втората опасност, и да преживеат, е нивно целосно демаскирање и уривање на фатаморганата за нивната улога во „граѓанското“ општество, т.е. паѓање во вода на сите оние флоскули и лаги со кои опстојуваат со децении. Не дека народот, кој и онака го потценуваат, им верувал многу-многу и досега, но со ова би се разубедиле и „неверните Томи“.
Третата опасност е што благодарение на „издашноста“ на Заев, НВО-секторот ќе мора да го смени името. Да, во времето на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, дефинитивно, беа невладини организации. Всушност, тогаш беа антивладини, но сега името не им одговара, ама ич. Како ќе се викаат сега – ВО (владини организации)? НВО апсолутно не им прилега, звучи како некаков атавизам од минатото, кога се бореа за да ја сменат тогашната власт, мотивирани од донесувањето на Заевата. Рада ќе мора да смисли нешто…
Технолошки НВО-вишок во заевата влада
Дали повторно гледаме дека глувците (читај раководството на НВО-ата) први го напуштаат бродот кој тоне? Логичен факт е дека Сорос сега ја има владата, па чуму му се сега непотребни издатоци во некакви си организации?
Реалното прашање кое го отвора вистинската наезда на НВО-кадар во Заевата Влада е дали ова е уште една препорака на „чадорот“ и навистина, зошто досегашните дарежливи донатори и натаму да трошат пари за ликови кои им сработија многу, но за кои сега постои друго, поисплатливо чаре?
Се вдомуваат ли заслужните НВО-ликови, затоа што истиот тој НВО-сектор ќе остане без „работа“? Станаа ли технолошки НВО-вишок, бидејќи СДСМ се „мајстори“ за негово создавање? Повеќе од сигурно дека истите нема да му помагаат на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Па, што би работеле тогаш? НВО-а како „Анима мунди“, „Меѓаши“ и уште само неколку други кои се занимаваат со реални проблеми се малку, а останатите, познати како Соросови филијали, егзистираа од измислени побуди, како режими, слобода, демократија и дузина други апстрактни будалаштини. Што ќе прават сега тие, кога да прават нешто добро или да решаваат реални проблеми не знаат? Ќе се пензионираат со нов Заев закон за бенифициран стаж на докажани соросоиди? Тешко, и онака не знаат што да прават со минималната излажана плата, просечната на страна.
Вака, едноставно, СДСМ ги вдомува и им го решава животниот проблем правејќи ги државни или јавни службеници. Во меѓувреме, можеби за секој случај, Бејли, Пломп, Алтхаузер, Гарет и Стефансон со фонд во форма на детска прасе-касичка, имаат „бекап“ фондови за не дај Боже Груевски да им се врати на власт. Го притискаат копчето, парите излегуваат на виделина, и оп – НВО-секторот се повампирува и се враќа на старо, па удира ли не удира по ВМРО-ДПМНЕ.
Уште една можност за полнење на институциите со проверен и докажан СДСМ-кадар, било од ИО, ЦО или НВО на партијата „со брзина на светлината“. Ги притиска ли времето недоветните партијци, поради сознанието дека многу кусо ќе бидат во влада?
Претчувствува ли Заев и неговата болумента дека целата „реформска“ прикаска ќе се сруши како кула од карти кога ќе стартуваат со вистинските „реформи“ за кои и се поставени и поддржани? Албанците веќе ја воскреснаа платформата која, нели, до вчера не постоеше и беше измислица на ВМРО-ДПМНЕ. Бугарите ликуваат за договорот кој ќе бил крај на македонизмот, а неговото потпишување на 2 Август е за помалку од месец и половина.
Но, да минат и овие антимакедонски будалаштини, последната поврзана со името сигурно нема. Чепкањето во неговата светост ќе го означи и крајот на и онака наметнатата влада. Факторот, пак, кој ја наметна очебијно го потценува народот, исто како и опортунистите на Заев. Затоа ли СДСМ толку брзо менува сѐ? Единаесетгодишниот пост од власт не е доволно оправдување за оваа Вартоломејска ноќ за вработените во институциите. Партизацијата на сите сетила секојдневно ја уништува прикаската за „инаквоста“ и само пластично опишува и докажува за каква недоветна демократија се бореле.
До каде ќе одат? Добар пример е недоветноста на Шиндре и следствената париска одбрана на неговите небулози и идиотштини. Соочени со власта и можноста да раководат со сѐ и да имаат сѐ, верувале или не, успеаја да ја партизираат и педофилијата.
А ни помалку ни повеќе, сите глупости со партизации, автопати, образование, идентитет, депонии и дузина други за кои би ни биле потребни пет-шест страници само за да ги наброиме, успеаја да ги направат за помалку од еден месец, за четири недели или за неверојатни 674 часа…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 252. број на неделникот „Република“, 30.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.