Утре истекуваат 18-те месеци театар во кој СЈО понуди крими-комичен репертоар против ВМРО-ДПМНЕ, што очигледно и беше целта на непрокопсаните „Т“ називи на сите претстави.
Катица Јанева и целиот тим на СЈО до крај останаа на трасата за која и беа воспоставени – да водат политичка хајка само и само против една политичка партија и нејзини функционери до самиот крај. Дури и на последниот законски ден од регуларното функционирање на овој подметнат израсток на македонскиот судски систем, се покажа дека тоа работи исклучиво против раководството и функционерите со звучни имиња на ВМРО-ДПМНЕ, додека сите останати партии се вон полето на интерес на СЈО. Сериозно прашање е како е можно на толку многу телефонски разговори да нема ниту едно обвинение за некој кој не е дел од ВМРО-ДПМНЕ.
Водењето политички наспроти правен процес беше јасен не само со тоа што Зоран Заев ги најавуваше дејствијата на СЈО, туку и заевиот медиумски клан со соросово-усаидска поткрепа добиваат „полуинформации“ со шпекулативен карактер за оцрнување на креирање лажни перцепции во јавноста во пресметката со ВМРО-ДПМНЕ.
Оттука во една пригода професорката по уставо право Тања Каракамишева-Јовановска изјави дека многу е очекувано што СЈО најави канонада од обвиненија во наредниот период против главниот конкурент на неговиот ментор Заев.
Зборувајќи за прес-конференцијата на која тимот на Јанева ги најави случаите „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“ на 22 мај годинава, Каракамишева вели дека забележително беше дека таа не се разликуваше многу од претходните, со холивудските карактеристики на „нашите“ три грации-ловџики на „криминалот“ и на „корупцијата“ во земјата, вели проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска од Правниот факултет во Скопје, според која тие постојано го користат истиот речник, истата насока и шема, истата цел.
– Единствената разлика на последната прес-конференција беше во тоа што шефицата јавно и со доза на голема паника си го покажа забот што најмногу ја боли.
Покажа дека, буквално, го преспа времето што ѝ беше дадено на располагање и сега како мамурен човек што е свесен дека мора да стане за да сработи нешто се препелка на прес-конференции и бара дополнително време за да може да сработи нешто што ѝ е однапред нарачано. Тоа што Јанева и другите спиеја на државни јасли 18 месеци, што во меѓувреме потрошија неколку милиони евра на луксузирања и на хонорарци, и пак не успеаа да најдат ништо посериозно во бомбастично најавените предмети, сега треба да се заобиколи, да се прескокне сопствената одговорност преку поднесување барање за продолжување на мандатот небаре мандатот им е виновен за нивната неодговорност и сервилност во работата.
Прво, фактот дека Биг Мама имаше потреба на самиот почеток од пресот лично и самоуверено да констатира дека СЈО и таа како шефица лично и персонално ја оправдале довербата што им била дадена од граѓаните, а која за неа била од огромно значење и дека, замислете, тие како јавни обвинители како досега, така и во иднина ќе продолжеле најпрофесионално да ја вршат својата функција, и дека СЈО во рамките на своето постоење се етаблирало како професионален државен орган што успеал да изгради интегритет на независна и непристрасна институција, а дека потврда за тоа била континуираната доверба, која граѓаните ја имале во ова јавно обвинителство како институција на која најмногу ѝ веруваат, всушност, покажува која е најголемата болка на Катица Јанева, која е најголемата колективна болка на СЈО и на сите инволвирани високо платени хонорарци во овој обвинителски циркус, кој повеќе од една и пол година секојдневно нѐ малтретира преку малите екрани.
Второ, ниту Катица Јанева ја оправдала довербата дадена од граѓаните, ниту СЈО некогаш бил, ниту кога било ќе биде професионален државен орган, ниту работата на оваа циркусантска група може да се третира како независна, а уште помалку како партиски непристрасна институција, ниту, пак, а најмалку СЈО и Јанева уживаат континуирана доверба од граѓаните. Ова се бесмислени лаги и ширење лажна самоувереност за пропагандна цел да се прикрие целиот срам и резил со кој е обвиен овој парадржавен орган, да се скрие сиот непрофесионализам и правно незнаење, кое повеќе од една година истекува од скапо платените врати на СЈО, и да се исперат колку што е можно повеќе валканите алишта од своето работење во согласност со партиската агенда на Заев и компанија.
Ниту можат да се исперат, ниту можат да го релативизизраат општиот граѓански впечаток дека СЈО има една единствена цел во системот, а таа е да оцрни сѐ и секого што значи нешто во ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните на РМ нема да ги заборават холивудските карактеристики на трите грации, нема да ги заборават театралностите во изведувањето на прес-конференциите небаре снимаат крими-филм, а не водат прес-конференција за сериозен државен орган каков што треба да биде јавното обвинителство. Во сите досегашни постапки јасно како ден се докажа селективната правда што најмногу ја милува СЈО, се покажа дека СЈО не ги почитува клучните начела на кривичната постапка, како што се начелото на пресумпција на невиност, тајноста на постапката, легалитетот на постапката, почитување на човековите права на осомничените и слично. За СЈО најважна работа во овие 18 месеци работа беше како побомбастично да го оцрнат Никола Груевски и неговиот најблизок тим од соработници и како да им налепат повеќе етикети дека се лоши луѓе.
СЈО е многу, ама многу далеку од независна и непристрасна институција за каква што се труди, со свои зборови, да ни се прикаже. СЈО е многу далеку од реализирањето на препораките на Венецијанската комисија бидејќи оваа Комисија никогаш и никаде во Европа и во светот не поддржала класичен партиски разгранок во правосудните системи, кој има единствена цел – да прави партиски лов на вештерки. Срамот и резилот на „професионалците“ во СЈО не може да се покрие со ниту едно повикување на препораките од Венецијанската комисија, ниту со обичното повикување на други документи донесени од Советот на Европа, од ЕУ, од ООН. Тие самите си се виновни што се ставија во скутот на Заев, и што слепо и војнички ги испорачуваат неговите наредби за поднесување обвиненија, жигосување и анатемисување на илјадници лица – членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Токму затоа во наредниот период ќе се изнагледаме секакви предмети за кои СЈО ќе се поставува во улога и на јавен обвинител, значи истражител, и во улога на основен, апелациски, па дури и врховен суд во исто време. Катица Јанева со својот тим ќе биде партиски егзекутор и оцрнувач на секој што ќе може да се појави како потенцијален играч на ВМРО-ДПМНЕ за победа на локалните избори. Целта ќе биде на досегашните, но и на можните идни нови кандидати за градоначалници што би произлегле од оваа партија, а кои како личности би можеле да однесат победа на оваа партија во општините.
СДС преку СЈО ќе биде бескрупулозен. Јавна тајна е дека СЈО е само една од алатките што СДС ќе ја користи за оцрнување на потенцијалните кандидати на ВМРО-ДПМНЕ. Другата алатка е, секако, целосното преземање на централната власт и бркање од работа на симпатизерите, поддржувачите и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Среќна нова ’49 година секој ден ќе ни биде на репертоарот. Уште сега, уште не устоличени упатуваат закани и уцени за бркање од работа, за партиски реваншизми, за чистки, за метли, за летање на глави и на други органи, и што ли сѐ не поради различно мислење и различен став од партискиот став на СДС. Велам став на СДС, бидејќи во оваа партија постои колективно едноумие како реликт од времето на СКЈ-СКМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.