Викендов во рамките на „Битола Шекспир фестивал“, публиката имаше можност да види одлични театарски изведби, мајсторски текстови и одлична актерска игра на театрите од Бугарија, Битола и Русија. На програмата беа „Симбелин“ во изведб на Драмски и куклен театар „Иван Радоев“, „Смислата на животот“ во продукција на Народен Театар Битола, во режија на Благој Мицевски, текст на Идо Нетанјаху и монодрамата „Сонот на Хамлет“, продукција: Академски Драмски Театар, Владимир / Русија, режија: Линас Мариус Заикаускас, актер: Александар Аладишев.
Вистински театарски спектакл приреди Драмскиот и куклен театар „Иван Радоев“ од Плевен, Бугарија. Актерите од претставата „Симбелин“ во режија на Лили Абаџиева, доловија едно модерно видување на творештвото на Шекспир. Два и пол часа, без можност за пауза и земање здив, „Симбелин“ на театарот од Пловдив кој има децениска традиција, фасцинираше на сцената со одличната актерска игра, со прецизноста и градењето на ликовите, со поигрувањето и мешањето на времињата и стиловите, со сценографијата и сценските ефекти, кои навидум едноставни, кулминираа со спектакуларна сцена на битка, доловена преку борба на сенки.
-Драмско-куклениот театар од Плевен е една од најреномираните театарски институции во Бугарија, која во изминатите години била близок соработник на Народниот театар од Битола. Некако можат да се препознаат ситуации како од „Ромео и Јулија“, „Дванаесетта ноќ“…Интересно е дека „Симбелин“ е текст од Шекспир, кој многу ретко се поставува во театрите. Годинава првпат тој текст како претстава се појавува и на Битола Шекспир фестивал, во текот на неговото петгодишното постоење. Претставата на Лили Абаџиева, можеби остава впечаток како да е збир од некои нејзини најдобри дела. На моменти наликува на омаж од секвенци на некои други нејзини претстави според текстови од Шекспир, на кој таа е посветена и кореграфски, сценографски и естетски, вели Уметничкиот директор на „Битола Шекспир фестивал“, Благој Мицевски.
Реномираната режисерката од Бугарија, Лили Абаџиева добро е позната на македонската театарска сцена. Изминатите години, Абаџиева со особен успех, претстави две дела во Битолскиот народен театар, а по една претстава во МНТ и во Драмски театар во Скопје. Абаџиева има една специфична естетика која го негува традиционалниот шекспиров принцип, односно работи само со мажи во нејзините претстави по што стана и мошне препознатлива во театарскиот свет. Нејзината „Ромео и Јулија“ беше прогласена за најдобра претстава на фестивал во Москва, а на фестивалот во Египет, со истата претстава освои Гран при. Публиката ја памети и спектакуларната изведба на нејзината претстава „Отело“, која се играше на Младиот отворен театар.
Монодрамата „Сонот на Хамлет“ на Академскиот драмски театар од градот Владимир, Русија донесе на сцената алтернативна камерна претстава по мотиви од трагедијата „Хамлет“ на Шекспир, која низ современа призма, ги обработува настаните после смртта на Хамлет.
Младиот актер Александар Аладишев на средбата со новинарите истакна дека претставата „Сонот на Хамлет“ е креирана од интернационална екипа, а својата руска премиера ја имала во март годинава. Автор на делото е познатата театарска критичарка и драматург Нина Мазур, која има одлична соработка со овој театар. Актерот Аладишев појаснува дека во камерната претстава која за разлика од класичната поставка на Хамлет, е доста модерна, карактерите со Хамлет зборуваат преку скајп. Тој изрази задоволство што оваа доста интересна претстава ќе се прикаже пред битолската јавност, а не го криеше и своето задоволство што токму од Република Македонија потекнува и режисерот Иван Поповски чија претставата „Сон на летната ноќ“ минатата година беше прогласена за најдобра театарска претстава во Руската Федерација.
Академскиот драмски театар „Владимир“ е една од најстарите театарски институции во Русија, со традиција од повеќе од 170 години. Театарот е добитник на значајни театарски награди кои се доделуваат во Русија, но и ширум светот. На секои две години во театарот се одржува серуски театарски форум каде се презентираат најдобрите претстави во Русија.
Од „Битола Шекспир фестивал“ нагласуваат дека веќе прераснува во традиција на фестивалската програма да се презентираат и монодрами, кои прикажуваат модерни и иновативни видувања на творештвото на Шекспир, така што изминатите години публиката имаше можност да проследи впечатливи монодрамски изведби на актери од Финска, Холандија, Турција.
На програмата на „Битола Шекспир фестивал“ во понеделник е претставата „Ричард Трети“ во режија на Пламен Марков во изведба на Театарот од Штип, додека во вторник на репертоарот е претставата „Хамлет – стапица“ во режија на Куандик Касимов, во изведба на Казак Драмски театар од Караганди, Казакхстан.
Во рамките на годинашното издание на „Битола Шекспир фестивал“, кое започна на 21 јуни, а ќе трае до 1 јули, предвидени се гостувања на шест реномирани театарски куќи од Бугарија, Русија, Казахстан, Романија, Словачка и САД, како и шест претстави на театарски куќи од Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.