| четврток, 6 декември 2018 |

Коѕиас: Без промена на името, ПЈРМ не може да се надева на членство во ЕУ и НАТО

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, на денешната прес-конференција по средбата со македонскиот колега Никола Димитров јавно ги повтори грчките позиции дека без промена на името, Македонија не може да се надева на членство во НАТО и ЕУ.

Коѕиас рече дека членството на ПЈРМ во НАТО и ЕУ може да се оставри само преку изнаоѓање на компромис за името и потпишување на нов договор во ОН.

-Што се однесува до ПЈРМ, ако така сака земјата, ние сакаме таа да стане членка и на НАТО и на ЕУ и како што кажав, ова може да се оствари со изнаоѓање на компромис за прашањето за името и во Обединетите Нации (ОН) да се потпише нов договор, потоа да се отиде во Брисел и тој нов договор да се објави и да се запознаат бриселските институици со тој нов договор – рече Коѕиас одговарајќи на прашањето дали ќе дадат поддршка за членството на Македонија во НАТО под привремената референца ПЈРМ.

Со ваквиот одговор, Коѕиас практично најдиректно ги отфрли очекувањата од македонска страна дека сепак е можен прием во НАТО со референцата, што како иницијатива го презентираше Зоран Заев минатата недела во Брисел.

Грција категорично стои на ставот дека влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО нема да биде можен со референцата, туку со нов договор во ОН за ново име.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top