Дора Попова е психолог, социотерапевт и основач на Центарот за применета психологија „Дора“, а неодамна излезе нејзиниот прв роман „Превртена љубов“. Романот е приказна за лажните соништа на човечкото его. Со Попова разговаравме за романот, за главниот лик Лорена, но и за нејзиното искуство како психолог и за тоа што сѐ може да му донесе гневот на човекот. Попова смета дека на крај само љубовта може да го спаси светот.
Дора, колку може да биде големо егото на човекот?
ПОПОВА: Егото е нашиот „селф концепт“ со кој ние првично се идентификуваме себеси како личности. Со егото е поврзано сѐ што е опипливо, видливо и достапно за човечкиот ум, а тоа се нашите мисли, желби, чувства, како и целиот надворешен свет. Меѓутоа, човекот е многу повеќе од сето тоа со кое се идентификува, само тоа „многу повеќе“ треба да го пронајде во себе. Човекот е самата љубов и ништо повеќе или помалку од тоа и негова должност е да ја открие во себе и да ја живее. Кога станува збор за желбите и за соништата, секој од нас има некој сон или визија за самиот себе, и тоа е сосема во ред. Јас постојано велам дека треба да се има некоја визија, за ако дојде ден кога сите смисли за кои се држиме во животот ги снема, визијата која ја имаме за самите себе ќе биде последната смисла за која би се фатиле. Крајната цел на нашите тежненија секогаш оди во прилог на самореализирањето на личноста. Меѓутоа, постои разлика од која позиција ги поставуваме целите во животот. Дали ги поставуваме од позиција на љубов или ги поставуваме од позиција на его. Дури и кога ги поставуваме од позиција на љубов, егото има навика да се меша. Ако љубовта е таа која е главниот мајстор во нашата креација, егото е тоа кое ги собира плодовите од таа креација и се кити со нив, па доколку не сме свесни како работи, може да се завлечеме во проблем со самите себе. На егото никогаш не му е доста од ништо, додека љубовта секогаш си е доволна самата на себе. Љубовта кога твори, твори од позиција на мир. Нејзината единствена цел е да се дава самата себе на каков било начин и тука имаме целосно уживање. Тргнувањето по патот на егото, всушност, е патот по освојувањето на што повеќе добра со кои човекот верува дека ќе ја подигне својата благосостојба, меѓутоа штом еднаш егото има чувство дека освоило, тоа посакува да освои нешто ново и така до бескрај, па вистинската благосостојба и уживањето не доаѓаат никогаш. На крајот се случува човек само да се чувствува исцрпено од целата таа игра на својот ум, кој не знае да сопре и тука, всушност, ја откриваме лагата што ни ја сервира егото. Токму тоа ѝ се случува на мојата хероина во романот, Лорена. Таа до толку се заплеткува во интригите на своето его што на крајот ѝ се случува вистинска трагедија, која се враќа како нејзина негативна карма.
Главниот лик во романот е Лорена, 25-годишна неуспешна студентка по медицина, која е незадоволна од начинот на живот. Зошто е контроверзна Лорена како лик?
ПОПОВА: Самата за себе Лорена е повеќе конфликтна личност отколку контроверзна бидејќи постојано живее и се измачува себеси со ставот „сакам, ама не сакам“. Таа отворено ги изразува и му ги признава на читателот своите крајно невротични каприци, но, од друга страна, во самата нарација откриваме дека до некоја граница таа се плаши нејзините интригирачки намери да бидат откриени од светот во кој живее сѐ до моментот кога ќе почувствува дека се задушува, па признава и пред тамошните (фиктивни) ликови кои живеат во тој нејзин свет. Нејзината контроверзност е повеќе во смисла на храброста да признае дека ужива во „лошото“ што го прави. Таа сѐ што прави, прави смислено од позиција на его, проследено со чувството на гнев, со цел да се одмазди на оние за кои верува дека ѝ нанеле некаква неправда, па така е присутен нејзиниот бесмислен бунтовен дух кој обожава да ги урива „неправедните авторитети“ само за да се олесни од одговорностите кои тие авторитети ѝ ги наметнуваат и да живее хедонистички живот на висока нога без многу напор, користејќи се со интриги преку кои ги навлекува богатите мажи. Во таа насока, Лорена донесува одлуки со цел да ги оствари лажните соништа за кои мисли дека ќе ѝ донесат среќа, но штом еднаш ги оствари ѝ ќе се најде среде нивната реалност, тоа за неа станува тегобно, за на крајот, откако ќе се случи целата трагедија, да стане тотално бесмислено.
Од Вашето искуство, што може да му донесе гневот на еден човек?
ПОПОВА: Како психолог, можам да кажам дека луѓето сѐ повеќе имаат проблем со менаџирањето на лутината и тоа е една од честите причини поради која се јавуваат да побараат помош. Лутината е вродена емоција кај човекот. Самата по себе не мора да значи дека е секогаш штетна бидејќи постојат ситуации кога таа е нужна и му служи на човекот како за одбрана, така и за поставување граници со цел да се заштити самиот себе. Меѓутоа, таа станува штетна секогаш кога човекот ја пушта несвесно и неоправдано, а кога велам несвесно мислам на некаков надворешен „фактор“ кој автоматски го поттикнува агресивното однесување, без личноста да размисли дали на тој „фактор“ постои објективна причина да му биде упатена лутина. „Факторот“ може да биде нечиј збор, некакво туѓо поведение кое ѝ пречи на личноста, а нема никаква врска со неа итн. На тој начин лутината може да стане навика и тогаш личноста може да си направи сериозен проблем во односите со другите луѓе околу неа.
Дали мислите дека како општество ги загубивме вистинските вредности на живеењето?
ПОПОВА: Тоа што се случува кај нас, се случува на глобално ниво, секаде во светот. Лично, не мислам дека се загубени вредностите на живеењето. Сметам дека само се изместени концептите за вредностите, но не и самите вредности бидејќи единствената вредност е љубовта, а таа не може да биде загубена. Таа може да биде само нереализирана како резултат на збунетоста која владее во умот на луѓето. Луѓето се обидуваат да живеат по тие концепти, но по некое време сфаќаат дека живеејќи по таквите концепти, одат против самите себе и повторно се враќаат на она што има вистинска смисла. Не велам дека баш сите се враќаат, но тие што станале свесни преку своето искуство, научуваат да го живеат правилно животот. Оние другите страдаат на ваков или онаков начин, иако голем дел од нив не зборуваат за тоа или не си го признаваат дури ни на самите себе од една многу едноставна причина што и самите се навикнуваат на таквиот живот, кој се претвора во зона на комфор. Сепак, и страдањето и среќата се избор на човекот.
Дали убавината, на крајот, ќе го спаси светот?
ПОПОВА: Лично сум убедена дека на крајот само љубовта може да го спаси светот, а што се однесува до убавото, сѐ што е љубовно е и убаво. Љубовта е насекаде околу нас, само човекот треба да ја препознае бидејќи по навика го препознаваме негативното во другите, но не го препознаваме во самите себе, а уште помалку сакаме да се занимаваме со своето негативно, па затоа несвесно го проектираме најчесто во форма на суд кон другите. Токму затоа сакав да создадам негативен главен лик во мојот роман, со цел повеќе да ги доближам читателите до своето негативно бидејќи доближувајќи се до своето негативно, ќе можеме да го разбереме и туѓото негативно без да го судиме, и со тоа на крајот би научиле да ја прифатиме целокупната човечка природа и да станеме посвесни битија.
Дали љубовта секогаш е спречена да тече по природниот пат?
ПОПОВА: Љубовта никогаш не е спречена да тече по својот природен пат. Таа постојано тече, независно од постоењето на човекот бидејќи неа ја има насекаде околу нас. Од неа е создадено сѐ, меѓутоа кога станува збор за човекот, често тој самиот во себе го спречува нејзиниот природен тек, а тоа најчесто го прави со својот его-ум, чиешто главно оружје му се сомнежот и стравот. Но, дури и тогаш љубовта не престанува да тече, само е нереализирана и излегува во некоја друга форма, а тоа е најчесто агресијата, која секогаш е добар знак за тоа дека дошло време за себетрансформација.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(Текст објавен во 249. број на неделникот „Република“, 9.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст