| четврток, 6 декември 2018 |

Раул Гонзалес: Немаме време за одмор, не чека макотрпна работа

Македонскиот ракометен селектор Раул Гонзалес го има најтешкиот месец во кариерата. Одигра маестрален завршен турнир со Вардар и во Келн стана европски првак, а сега фокусот е вперен кон репрезентацијата и настапот во квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска.

Македонија ја чекаат два важни дуели кои би можеле да не однесат на континенталниот собир, против Украина и Чешка. Раул вели дека тешко е да се „олади“ главата толку брзо од успехот со Вардар, но потенцира дека мора, затоа што го чека репрезентацијата.

– Пред се да се заблагодарам за поддршката, со Вардар се беше супер, но сега фокусот мора целосно да се насочи кон репрезентацијата. Имаме неколку дена за подготовки, но не сме комплетни, до крајот на оваа седмица ќе бидеме без Кире, Борко и без уште неколку првотимци, ќе тренираме и со дел од помладите ракометари, ќе пробаме нешто ново во тактиката. Очекувам сите да бидеме максимално фокусирани, пред нас се два тешки натпревари. Би сакал да славиме веќе на првиот во Украина и на тој начин да направиме огромен чекор напред кон ЕП, мислам дека тоа ќе биде многу подобро за сите отколку да решава последниот натпревар со Чешка – истакнува македонскиот селектор.

Раул Гонзалес повторно ќе нема многу време за да ги пренесе своите тактички замисли врз ракометарите, исто како што тоа беше случај пред двомечот со Исланд, кога Шпанецот имаше само неколку дена за тренинзи со нашиот национален тим.

– Јас сум човек што сака со време да се подготви за она што го очекува, па затоа оваа ситуација е чудна и несекојдневна. Повторно по комплетирањето ќе имаме само неколку дена за анализа и детална подготовка, но што е тука е, ќе се обидеме да го извлечеме максимумот, да одиграме најдобро што можеме и да ја оствариме целта – да одиме на Европското првенство во Хрватска – изјави Гонзалес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top