| четврток, 6 декември 2018 |

Дневник: Села и директорските места направија војна во ДУИ

Главната битка се води за директорските и раководните места на најпрестижните државни институции, а особено за тие во ЕЛЕМ, УЈП, Царина, во Бирото за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање...

Изборот на партиски кадри за функционери од третиот ешалон на власта предизвика вистинска внатрепартиска војна во ДУИ. Најголемиот дел од разграноците на партијата се закарани меѓу себе, а речиси сите заедно се против партиското раководство што дозволува форсирање кадри од Алијансата за Албанците на Зијадин Села, дознава „Дневник“ од партиски извори.

Главната битка се води за директорските и раководните места на најпрестижните државни институции, а особено за тие во ЕЛЕМ, УЈП, Царина, во Бирото за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање…

Најсилни се разграноците од Чаир, Сарај, Kуманово, Тетово, Дебар, Струга и од Kичево. Тие меѓу себе се обвинуваат кој бил помалку, а кој повеќе заслужен за партијата. Пред сите предничи тетовскиот разгранок, кој традиционално досега имаше по две министерски места, а сега го има само министерското место во МВР и е во малку комбинаторики за кадри во вториот, а особено во третиот ешалон.

Додека врвот на ДУИ се обидува да ја смири оваа ситуација, голем број високи партиски активисти, па дури и високи функционери, на социјалните мрежи сами се прогласуваат за кандидати за некои од најпосакуваните директорски позиции во државните институции, што, според извори на „Дневник“, дополнително му ги мрси конците на нивниот лидер Али Ахмети.

Паралелно со ова, Ахмети има уште еден, поголем проблем, пишува „Дневник“, бидејќи буквално сите разграноци остро протестирале што наместо да се бори што повеќе негови кадри да добијат важни функционерски места, Ахмети толерирал, па дури и поддржувал повеќе места да добие партијата на Зијадин Села. Партиски извори велат дека Ахмети свесно дозволува повеќе места да добие Алијансата за Албанците, за да му се оддолжат на Села што стана дел од владината коалиција, а речиси до последен момент беше најсилен критичар на ДУИ. Kако одговор на тоа, пак, Села работи на агенда да ја истисне партијата Унитети од комбинаториките за функции од третиот ешалон, бидејќи немаат ниту еден пратеник, а се коалициски партнер.

Ако раководството на ДУИ успее да ги смири своите бунтовни разграноци до крајот на оваа недела, може да се очекува од понеделник да се слушнат и конкретни имиња за конкретни позиции.

Во редовите на Алијансата за Албанците нема такви судири, бидејќи, лидерот Зијадин Села од почетокот ја средил кадровската политика и добил повеќе од очекуваното, и сега му останувало само ако може да избоксува уште некое место повеќе, но и да добие што подобра позиција.

За вториот ешалон помирно

За разлика од желбите и лобирањата за функциите од третиот ешалон на власта, во вториот ешалон е помирно, иако ни за тие кадровски решенија нема ниту една конкретно официјално име.

Имињата со кои се шпекулира за кандидати за заменик-министри од албанските коалициски партнери на Заев се Рафиз Алити, за кого се вели дека сигурно ќе добие функција заменик-министер во некое од министерствата, потоа Зимри Ќамили, Зулфи Адили и Блерим Беџети од ДУИ за заменичкото место во МВР, и Илми Азири и Агон Ферати, ако Алијансата на Зијадин Села го добие заменик-министерското место во Финансии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top