Информациите за ФБИ да почне контраразузнавачка истрага минатото лето ги обезбеди тогашниот директор на ЦИА, Џон О. Бренан, близок пријател на Обама. Бренан беше дел од претседателската кампања на поранешниот претседател во 2008 година и во неговата Бела куќа.
На 23 мај Бренан изјави за Комитетот за разузнавање на Конгресот на САД дека разузнавачката заедница собирала информации за контактите што ги остварувале соработниците на Трамп со Русите. Бренан не ги именуваше ни Русите ни луѓето на Трамп. Тој посочи дека не знаел што било кажано.
Но, тој рече дека верува оти контактите биле доволно бројни за да се алармира ФБИ, кое ја почна својата истрага за соработниците на Трамп минатиот јули, според претходни сведочења на тогашниот директор на ФБИ, Џејмс Б. Коми, пред Конгресот.
Истрагата на ФБИ за контакти почна истиот месец кога разузнавачката заедница посочи на руски агенти што организирале хакирање на компјутерите на Демократската партија и обезбедувале украдени електронски пораки до „Викиликс“.
Бренан, кој не ја крие својата антипатија кон Трамп, го информирал Обама за напредокот на истрагата, кој во тоа време се обидуваше да ѝ помогне на Хилари Клинтон во нејзината кампања против кандидатот на републиканците.
Како што ги опиша Бренан своите дејства пред Комитетот: „Сакав да се осигурам дека секоја информација што ја имавме беше споделена со Бирото. Тоа беше и надвор од мојот мандат како директор на ЦИА, да се следат сите траги во кои се вклучени американски лица. Но, се осигурав дека сè што вклучуваше американски лица, вклучувајќи и секакво вклучување лица што учествувале во кампањата на Трамп, беше споделено со Бирото“.
– Бев свесен за разузнавачките информации, за контактите меѓу руски официјални лица и американски лица кои изразија загриженост во мојот ум за тоа дали тие лица соработувале со Русите, дали свесно или несвесно, и тоа послужи како основа за ФБИ да отвори истрага за да се утврди дали се случил таков заговор [или] соработка – додаде Бренан.
Единаесет месеци подоцна не постои официјална јавна потврда дека луѓето на Трамп соработувале со Русите за хакирањето.
Кога Треј Гауди од Јужна Каролина, предводник на републиканците во испрашувањето на Бренан, праша за што зборувале Русите и луѓето на Трамп, поранешниот врвен шпион изјави дека не знае.
– Видов интеракција и [бев] свесен за интеракција која, повторно, покрена прашања во мојот ум за тоа што е вистинската природа на тоа. Но, јас не знам. Немам доволно информации за да одредам дали се случила таква соработка, или соучесништво, или таен договор. Но, знам дека постоеше основа за да се преземе нешто – рече Бренан.
Познато е дека некои луѓе на Трамп имале контакт со Русите за време на кампањата кога се случило хакирањето, а некои за време на транзицијата.
Познато е дека Џеред Кушнер, советник и зет на Трамп, комуницирал со рускиот амбасадор Сергеј Кисљак за време на транзицијата, како и со пензионираниот армиски генерал-потполковник Мајкл Флин.
Американскиот Стејт департмент го спонзорираше патувањето на дипломатите на националната конвенција на републиканците во јули. Кисљак беше меѓу тие што присуствуваа.
Еден од луѓето на Трамп за кои се знае дека контактирале со Русите во јули беше Картер Пејџ. Пејџ се претставува како волонтер на ниско ниво, кој се појавуваше на телевизија во име на Трамп и нудеше совети за надворешната политика.
Пејџ, кој има водено бизнис со Русите со години и живеел во Москва во 2000-тите години како инвестициски банкар на Мерил Линч, се врати минатото лето за да даде изјави за медиумите.
Пејџ изјави за „Вашингтон тајмс“ дека тој не играл никаква улога во руските заговори за мешање во изборите.
Тој смета дека кампања на Трамп ги затегнала односите со него поради сензационални обвиненија во непотврдено досие против Трамп што се појави на неколку медиуми пред 8 ноември.
Досието беше една од силите што влијаеја врз ФБИ тоа лето. Некои извештаи од медиумите наведуваа дека тоа е причината поради која Бирото почна истрага за соработниците на Трамп и се стекна со налог да го прислушува Пејџ како можен странски агент.
Но, сведоштвото Бренан од 23 мај покажува дека токму неговите дејствија го натерале ФБИ да почне истрага.
Досието е финансирано од поддржувач на Клинтон, а напишано од британскиот поранешен шпион Кристофер Стил. Тој беше ангажиран од страна на фирмата „Фјужн џи-пи-ес“ во Вашингтон, која се поврзува со демократите.
Белешките од 35 страници на Стил првпат се појавија во јавноста кон крајот на јуни. Во средината на јули „Фјужн“ објави други белешки што ги направија повеќето сензационални обвиненија. Еден од насловите гласеше „Понатамошни индикации за големиот заговор меѓу кампања на Трамп и Кремљ“.
Стил вели дека господинот Картер и поранешниот менаџер на кампањата на Трамп, Пол Манафорт, формирале тим што ќе работи со Русите за да се хакнат демократите.
Пејџ вели дека обвинувањето е бесмислено. Тој изјави за „Тајмс“ дека не го познава Манафорт.
Манафорт, исто така, ги негираше обвиненијата. Организацијата на Трамп го отпушти по извештаите дека добивал сомнителни исплати од проруски украински политичар. Манафорт изјави дека не разговарал со Русите.
По сослушувањето на Бренан на 23 мај, Пејџ испрати писмо до Комитетот на Конгресот.
– Неговото сведоштво беше во согласност со клеветите и неоснованите обвинувања понудени во текот на последната година од мандатот на нивниот режим, како и месеците потоа – пишува Пејџ во писмото до К. Мајкл Конавеј, републиканец од Тексас кој ја води истрагата на комитетот, и до Б. Адам Шиф од Калифорнија, демократ во Комитетот.
– За време на моите интеракции со Русите во 2016 година, јас постојано јасно кажував дека сите мои бенигни извештаи и безопасни активности во Москва, како и на други места во странство, се направени исклучиво како научник и деловно лице што зборува во свое име. Со други зборови, во никој случај не бев поврзан со тогашниот кандидат Трамп – пишува Пејџ.
Во досието на Стил се вели дека тој се сретнал со двајца Руси поврзани со Кремљ во Москва во јули. Пејџ го негира тоа.
Бренан е остар критичар на Трамп, особено од изборите и ја обвинува разузнавачката заедница за протекување информации. Бренан рече дека Трамп не ја разбира заканата од Русија.
Додека Бренан беше во Белата куќа, администрацијата на Обама почна со шестгодишен пристап на ресетирање кон Москва, при што тогашната државна секретарка Клинтон стоеше до рускиот претседател Владимир Путин и ги повика Американците да прават бизнис со Русија.
Односите се влошија откако силите на Путин ја нападнаа Украина.
До ден-денес, речиси една година откако Бренан го алармираше ФБИ, не постои јавна официјална потврда дека луѓето на Трамп се координирале со Русите за хакирањето. Сенаторката Даен Фајнстајн, демократка од Калифорнија и членка на Комитетот за разузнавање на Сенатот, изјави претходно овој месец дека таа не гледа докази за заговор.
И Комитетот за разузнавање на Сенатот и Конгресот го испитуваат тоа обвинение.
Минатата недела Сенатот побара од претседателската кампања на Трамп да ги предаде сите записи во врска со Русија.
Извор: „Вашингтон тајмс“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.