Општина Охрид го раскина штетниот договор со фирмата „Сузуки“ за паркирање со кој беа опфатени улиците во центарот на градот, јавува „Суперрадио“.
Долгонајавуваната иницијатива да се поништи договорот, кој од стручните лица беше оценет како финансиски штетен, надополнет со низа правни недостатоци и без економска оправданост, денес иако се реализира на терен, не даде никаков резултат.
Иако, според правото, концесионерот од денес нема право да наплатува за паркирање, вработените наплаќачи сѐ уште со фискалните апарати в рака ги ловеа возачите што ги паркираа автомобилите на сега веќе слободните зони за паркирање.
– Со ова општина Охрид смета дека закупецот не ги исполнил обврските од договорот и го раскинува договорот за закуп, и тоа за централното градско подрачје, односно на улицата „Македонски просветители“ од пресекот со булевар „Туристичка“ до крајот на улицата вклучувајќи го и кружниот тек и улиците „Партизанска“, „Кузман Јосифоски Питу“, вклучувајќи го и паркинг-просторот кај хотелот „Ривиера“, образложи портпаролот на Општина Охрид Томе Џамтоски.
Локалната самоуправа постапи по одлуката на Советот, кој, пак, на последната седница му даде зелено светло на градоначалникот да го раскине договорот од 2012 година. За штетноста на другиот договор со кој концесионерот вршеше наплата речиси на секоја улица во градот ќе решава судот.
Како што дознаваме, во образложениот на раскинувањето на договорот биле наброени повеќе причини, но денес портпаролот не наведе ниту едно од нив.
– Во моментов можам да кажам дека договорната странка, закупецот, не ги исполни обврските од договорот, но кои се тие, ќе покаже натамошната постапка – одговори Џамтоски, кој најави дека е отворена можноста паркинзите да заминат под капата на јавното претпријатие „Билјанини Извори“ чијашто дејност е стопанисување со спортски објекти и со паркинг-простор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


