Екипата на Вардар во моментов го игра историскиот меч на фајналфорот од Лигата на шампионите во Келн против гигантот Барселона.
По првите 30 минути избраниците на Раул Гонзалес имаат одличен резултат и водат со 13-12. По почетните 10 минути откако двете екипи погодуваа наизменично, првото посериозно водство дојде на страната на Барселона кога поведе со 6-4 по голот на Тунижанецот Ваел Жалус.
Иако дебитанти, искуството кое го поседуваат, Штербик, Канељас, Дибиров, Чупиќ и другарите, не дозволија и по негативата од 8-5 кон средината на првото полувреме противникот да се одлепи и да создаде недостижна предност. Напротив по исклучувањето на Виктор Томас, „црвено-црните“ најпрво ја намалија негативата на само -1, а потоа со одлична игра пред се во одбраната да стигнат и до израмнување на 10-10 во 23 минута.
Ѕидот пред Штербик сотавен од Абутовиќ, Македа, Канељас и Борозан не дозволуваше лесни удари кон вардаровиот гол.
До крајот на полувремето Вардар ги искористи сите шанси за гол, иако во првото полувреме Перес де Варгас успеа да фати дури осум топки.
Мечот одлично го започна Вуко Борозан кој набрзина нанижа пет погодоци, а во продолжение беспрекорен беше Алекс Дујшебаев кој додаде со три. Чупиќ реализираше два од кои еден од седмерец и тоа оној за водството на Вардар во самиот финиш од првото полувреме.
Кај Барселона во првиот дел се истакнаа Жалус и Ривера со по три гола, и непремостливата пречка пред голот Варгас со осум фатени топки од кои дури три зицери.
Во вториот дел Барселона се очекува да ја заигра препознатливата брза игра преку крилата Томас и Ривера, но тоа може скапо да ги чини бидејќи Штребик влегува во препознатливиот елемент успевајќи во последната минута да ги фати ударите на Кире Лазаров и зицерот на Сипжак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.