Новата влада нема да успее да ја намали нееднаквоста меѓу граѓаните со воведување различни даноци на доходот за побогатите и за посиромашните, категорични се даночните експерти што ги консултиравме. Најавениот поправеден даночен систем, што СДСМ го стави во нивната програма, засега не содржи скалила за тоа кои се границите на доходот кои граѓаните ќе ги делат во некоја категорија, но експертите велат дека станува збор за необмислен концепт кој попрво ќе направи хаос во даночниот систем отколку што ќе има позитивни ефекти. Тие сметаат дека на овој начин ќе се зголеми бројот на затајувачи на данок, па наместо да се зголемат, даночните приходи во буџетот ќе се намалат, пишува „Дневник“.
СДСМ најавува воведување персонален данок на доход со две стапки од 10 и 18 проценти, кој го сметаат за поправаден, и враќање на платениот персонален данок на доход за граѓаните што имаат многу ниски месечни лични доходи. Според предлогот, мнозинството граѓани ќе плаќа 10 отсто како и досега, а стапката од 18 проценти ќе важи за дополнителниот приход на лицата со највисок доход. Засега, овој дел во владината програма не е прецизиран. Партијата предлага и да се воведе нов систем „Повеќе пари кај граѓаните“, со кој на сите ќе ни се враќаат по 15 отсто од платениот ДДВ. Професорите велат дека ова е идеолошки концепт со кој се напушта рамното оданочување.
Фискална неизвесност
– Немаат пресметки што ова ќе значи од фискален аспект, односно дали ќе се зголемат даночните приходи на државата, ниту има анализи како ова автоматски ќе значи дека ќе се намали сиромаштијата. Ако се напушти рамниот данок кај персоналниот данок на доход, тоа значи фискална неизвесност за тешко стекнатата финансиска дисциплина што ние сега ја имаме во Македонија. Секој што ќе може, ќе најде начин да избегне да влезе во категоријата која плаќа повеќе и нема да плаќа. И како ќе се одредува доходот? Па ако некој млад инженер сега има голем доход, тоа не значи дека е богат. Можеби зел кредит, нема наследство, нема ништо на страна. А истовремено некој пензионер има неколку куќи, станови, а помал доход од инженерот – вели Трајко Славески, професор и поранешен министер за финансии.
Што се однесува до мерката што предвидува на крајот од годината на секој граѓанин да му се враќа 15 отсто од платениот ДДВ (на пример, од сметки во продавница), Славески истакнува таа мерка ќе биде вистински ноќен кошмар за даночните работници во УЈП.
– Kој ќе ги проверува фискалните сметки, дали некој ќе фалсификува, илјадници луѓе ќе мора да работат само на тоа. Необмислен проект, вистински ноќен кошмар. Ако сакаат, нека ја намалат стапката на ДДВ, а не вака – вели Славески.
Неговиот колега, професорот Живко Атанасовски, еден од креаторите на македонскиот даночен систем, дури вели дека, иако не се знаат скалилата, уште веднаш е јасно дека прогресивното оданочување во прв момент ќе има негативен ефект, ќе поскапи работната сила, а стопанството ќе трпи.
– Kога се менува даночен систем, стопанството е прво на удар. Kога се воведуваше рамниот данок, фирми молеа да не се менува за да не се доведе државата во ситуација кога ќе дојде идна власт пак да се носат измени. Настрана тоа, иако е легитимно право на Владата да носи нови мерки, оваа промена е чист даночен дилетантизам кренат на високо универзитетско ниво. Некој од универзитетот се прави дека знае многу и дека кога добиваат функции, од нив почнува историјата. Вакви промени се карактеристични за примитивни општества каде што нема стабилен даночен систем, а ние имаме совршен – вели професорот Атанасовски.
Поголем данок не значи автоматски и поголем буџет
Во програмата на СДСМ стои и дека ќе се укине максималната горна граница за плаќање на придонесите на плати, а и ќе се воведат измени во даночната политика за данокот на имот, но не се соопштуваат многу детали.
Професорот од Економскиот факултет, Борче Треновски, вели дека е во ред да се прават даночни реформи за кои точно се утврдени целите и намените, односно да има точни сознанија како промените ќе се одразат на буџетот и дали навистина ќе се намали социјалната нееднаквост.
– Треба да се има предвид дали со зголемувањето на некои стапки нема да се стимулира даночната евазија, туку да се прибираат повеќе даночни приходи. Всушност, не значи секогаш дека ако има поголема даночна стапка, ќе има поголеми приходи и ќе се намали нееднаквоста. Важен е трансферот на парите, односно како подоцна тоа ќе влијае на зголемувањето на квалитетот на живот на оние со помал доход. Kај нас, покрај реформата на јавните приходи, нужна е реформа на јавните расходи – вели Треновски.
Засега не се најавени некои промени во однос на данокот на добивка.
Некои од стопанствениците со кои разговаравме тврдат дека не се запознаени во детали, па затоа не се впуштаат во коментари.
– Секој данок кој е поголем од денешниот за стопанството е полош и ќе влијае негативно, ако стапките се намалуваат, тоа е добро. Помалку за државата значи поголеми инвестиции, нови работни места – вели Аце Антевски од „Раде Kончар“.
Во програмата стои дека за владата на СДСМ главен фокус ќе бидат развојот на економијата и подигнувањето на стандардот на граѓаните.
„Дневник“ не добил став за предвидената даночна реформа од Драган Тевдовски, кој седна во фотелјата на министерот за финансии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.