Во рамките на „Оф-фест“ вечерва во МОБ, во 20 часот, ќе настапат Азиз Самауи, а потоа ќе следува настапот на групата „Ондатропика“.
Самауи е музичар и вокалист познат по својата работа со легендарниот бенд Orchestre National de Barbes, како и по соработката со џез-фјужн легендата Џо Завинул. „University of Gnawa“ е неговиот прв соло-албум со кој стекна низа пофалби и признанија од критиката. Поимот Gnawa се однесува на традиционалниот транс и исцелителната музика од граничниот регион помеѓу Мароко и Алжир, но неговите корени може да се најдат и во Сенегал, Гамбија и Мали. Самауи настапува со бенд од Сенегал, а проектот „University of Gnawa“ претставува синтеза на звуците од Мароко и од Сенегал.
Ondatrópica е колумбискиот одговор на Buena Vista Social Club, на можеби малку помодерен начин. Формирани од колумбискиот музичар Марио Галеано (движечката сила на бендот Frente Cumbiero) и од британскиот продуцент Вил Холанд (за пошироката јавност познат како Quantic), Ondatrópica обединува еден фантастичен тим од ѕвезди на класичниот и модерниот стил на колумбиската музика.
Идејата е повторно да се оживее традиционалниот звук, промовирајќи ги најдобрите музичари што имале клучна улога во историјата на колумбиската музика. Бендот е формиран и ги бележи своите први настапи за време на Летните олимписки игри во Лондон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.