| четврток, 6 декември 2018 |

Отсега и полицајците ќе плаќаат билети во автобус

jsp1

Од денес, со законските измени, и полицајците мораат да плаќаат билет кога ќе се возат во автобусите на ЈСП „Скопје“.

– Со концептот на бруто-плата не им се плаќа за превоз, но официјално мораат и тие да плаќаат билети. Наредбата од менаџментот на МВР е дека сите мораат да си плаќаат автобуски билети – вели Мишо Николов, директор на ЈСП.

Казните што на патниците во ЈСП „Скопје“ ќе им ги напишат контролорите ќе се наплаќаат преку извршител. Тоа значи дека казната од ЈСП, вклучувајќи ги трошоците пред комисиите и глобата, плус извршителот, ќе достигне вкупна сума од околу 4.500 денари. Но, затоа, велат од ЈСП „Скопје“, граѓаните ќе можат да ја обжалат тужбата пред Управен суд. Од јавното претпријатие велат дека со овие измени очекуваат продажбата на билетите да се зголеми за нови 1.000.

Сепак, процедурата нема да биде толку брза, бидејќи според новите измени, казнетиот граѓанин кој без билет се возел во автобус на ЈСП „Скопје“, ќе има две можности да помине поевтино пред казната да биде извршна.

– Откако контролорите ќе ја напишат казната, граѓанинот има рок осум дена да го плати казнениот билет, кој ќе изнесува 200 денари за градски и 300 денари за приградски линии. Ако за осум дена не се плати казнениот билет, записникот ќе биде испратен до инспекцијата на Град Скопје, која ќе поведе прекршочна постапка до Комисијата на Министерството за транспорт и врски. Откако таа ќе реши, ако граѓанинот се огрешил и во меѓувреме  не го платил казнениот билет, казната ќе му биде наплатена преку извршител – изјави денеска директорот на ЈСП „Скопје“, Мишо Николов.

Во изминатиот период, вели Николов, проседурата беше преку Основниот суд, каде што голем број од предметите на ова јавно претпријатие против казнетите граѓани правно застарувале и имало слаба наплата.

– Со овие промени, ќе се забрза процедурата при наплатата на казните, бидејќи и со тие пари, ние треба да ги одржуваме автобусите од градскиот превоз – тврди Никиолов.

Од денеска, токму контролорите на ЈСП „Скопје“ ќе имаат нови црвени беџови, со слика, име и со презиме и граѓаните  ќе знаат кој е контролор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top