| четврток, 6 декември 2018 |

Компаниите добиваат „Гарантен фонд“ за кредитите

Со „Гарантен фонд“ се стимулира давањето банкарски кредити на фирмите. Заштитата во случај на загуба на пласманот, се очекува да обезбеди фонд од над 110 милиони евра кредити од банките

гарантен фондСо 20 милиони евра „Гарантен фонд“ ќе се стимулираат банките при кредитирањето на компаниите.

– Станува збор за гарантна шема со која на банките што ќе аплицираат за овој инструмент кај Европскиот инвестициски фонд им се  дава определен вид заштита во случај на загуба на пласманот на кредит со поделба на ризикот. Доколку дојде до невраќање на кредитот од страна на некоја компанија, дел од настанатата штета би била покриена  од страна на Европскиот  инвестициски фонд, со што се овозможува на оние банки и мали и средни компании кои имаат добар проект, но немаат соодветен начин на гарантирање на заемот, да пристапат до  овој заем, објаснува вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Ефектот, истакна, ќе биде мултиплициран, односно со почетните 20 милиони  евра обезбедени за покривање гаранции  се очекува од страна на банките да  бидат пласирани над 110 милиони евра, а можеби и повеќе.

Целиот регионален проект „Платформа за развој на претпријатијата и иновации за Западен Балкан“ од Европскиот инвестициски фонд, чиј што дел е гарантниот фонд, тежи 145 милиони евра. Покрај гарантниот фонд, платформата содржи фонд за иновации вреден 40 милиони евра за тие што планираат да инвестираат во мали и новоосоновани компании насочени кон иновации; Фонд за  експанзија, со вредност од 80 милиони евра за поддршка на понатамошниот развој на веќе формирани и развиени компании; како и компонента за техничка помош од  5 милиони евра.

Очекувањата се дека македонските фирми доколку понудат квалитетни проекти преку комерцијалните банки, би добиле 20 проценти од предвидените пари за кредитирање. Пристап до таквото кредитирање покрај Македонија имаат и Србија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

За банките ова е интересна кредитна линија заради поделбата на ризикот, вели претседателот на Здружението на банкарство, Ѓорѓи Јанчевски.

– Дел ќе биде во пари, а дел во форма на гарации. Во секој случај се работи за нов продукт,  за кој според првичните сознанија ценовната  политика ќе биде доста ниска и мислам дека ќе има голем интерес од претпријатијата во Македонија, изјави Јанчески.

За македонските компании претходно преку Европската инвестициска банка беше обезбедена кредитната линија од 250 милиони евра. Досега се пласирани 210 милиони евра, финансирани се над 850 проекти и се креирани 4.600 нови работни места. Парите се пласираа  преку Македонската банка за поддршка и развој со субвенционирана каматна стапка од 5,5 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top