Луис Назарио Де Лима Роналдо во ексклузивното интервју за бразилски „Фокс Спортс“ го прокоментира неблагодарниот начин на кој бил приморан да си замине од Реал Мадрид, но покрај ова, легендарниот „Ил Феномено“ даде свој коментар и на други доста интересни теми поврзани за актуелноста во фудбалот, но и за она што го мина во кариерата како играч.
Роналдо засекогаш ќе остане запаметен како еден од најдобрите напаѓачи кои некогаш се појавиле во фудбалската игра, а леснотијата со која се справуваше со противниците едноставно направи да биде нарекуван како вистински кошмар за сите одбрани и реномирани дефанзивни линии.
Неповторливиот Бразилец во својата играчка кариера имаше можност да настапува за големи клубови како Барселона, Реал Мадрид, Интер и Милан, но како што вели тој, со најсилниот тим опкружен со неверојатни соиграчи играл како член на Бразил.
Роналдо во друштво на Ривалдо, Кафу и Роберто Карлос беше лидер на бразилската генерација која издоминира на Светското првенство во 2002 година, а сега го посочи токму овој тим како најсилен за кој заиграл во кариерата.
– Најдобриот тим за кој заиграв во кариерата е оној на бразилската репрезентација од 2002 година. Имав чувство дека можам да постигнам гол во секој момент. Тоа беше тим без суета и без играчи кои размислуваат на себе. Најважна беше групата и тимскиот успех, – потенцира Роналдо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.