Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека ја забранил употребата на зборот „арена“ како синоним на „стадион“, бидејќи тој, како што рече, води корени од Стариот Рим и се однесува на место каде „луѓе се бореле за својот живот“.
– Во нашиот јазик не постои нешто такво, рече Ердоган во обраќањето пред ученици од верски училишта собрани на стадион во Истанбул, што го носи неговото име.
Тој нагласи дека веќе му наредил на министерот за спорт да ја спроведе оваа забрана.
Како што јави ДПА, според Оксфордскиот речник, зборот „арена“ потекнува од латинскиот „harena“ и се употребува неколку века, додека „стадион“ потекнува од старо грчкиот јазик.
Инаку, имињата на неколку спортски објекти во Турција го содржат зборот „арена“. Меѓу нив, најпознат е стадионот „Водафон Арена“, каде игра фудбалскиот клуб „Бешикташ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.