| четврток, 6 декември 2018 |

НБРМ:Годинава економијата ќе има раст од само 2,5 отсто

rast

Народната банка во априлската проекција прогнозира раст од 2,5 проценти на македонската економија за годинава по што би следело забрзување на 3,2 процента во 2018 година, информира денеска на прес-конференција гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Ова, посочи, е надолна корекција во однос на октомвриските проекции, кога за 2017 беше предвиден раст од 3,5 проценти, а за 2018 од 3,7 проценти.

Извозот и личната потрошувачка и годинава ќе бидат главни фактори на растот. Кај инвестициите повторно се очекува благо намалување, а следната година да преминат во позитивна зона.

– Извозот ќе биде поттикнат од новите капацитети,  како и од закрепнувањето на традиционалната индустрија повлечен од  подобрувањето на цените на металите и побарувачката и закрепнувањето особено на европската економија. Личната потрошувачка  ќе го задржи умерениот раст и годинава, при позитивни движења на пазарот на труд и кредитна поддршка од банките, рече Богов.

НБРМ има непроменети очекувања за нивото на инфлацијата споредено со октомври и проектира таа годинава да изнесува 1,3 проценти, а два процента догодина. Прогнозира натамошно подобрување на трговскиот дефицит, што би довело и до стеснување на дефицитот на тековната сметка, односно тој да се движи на нивото во претходните седум  години, од околу два процента од БДП. Се очекува понизок дефицит на салдото на стоки и услуги, благ раст на секундарниот доход, како и проширување на дефицитот кај примарниот доход.

– Ќе продолжат нето приливите од странски директни инвестиции и долгорочното задолжување на јавниот сектор. Показателите за адекватноста на девизните резерви ќе се задржат во сигурната зона, рече Богов.

Има благи надолни корекции кај депозитите кои ќе имаат пораст од 4,2 проценти,  што се должи на политичката криза,  додека кај кредитите е предвиден раст од 5,6 проценти. Банкарскиот систем, според НБРМ, е и натаму стабилен, ликвиден и високо капитализиран.

Како што појасни Богов, клучни претпоставки на априлските проекции се задржување на здравите фундаменти на домашната економија и продолжените негативни ефекти од политичката криза врз однесувањето и довербата на потрошувачите и инвеститорите, како и претпоставката за постепено разрешување на кризата во текот на годинава, стабилизирање на амбиентот и исцрпување на неповолните ефекти до крајот на годината.  – Во вакви услови очекуваме економијата да  покаже потенцијал за умерен економски раст,  стабилни  цени, умерен дефицит во тековната сметка и солиден депозитен и кредитен раст во текот на 2017 и 2018 година, потенцираше Богов.

Неповолните ризици во овој циклус проекции, укажа, се поизразени споредено со октомври. Тие се главно поврзани со политичката криза која што продолжи и на почетокот на годинава спротивно на октомвриските очекувања за нејзино разрешување, како и со надворешното опкружување поврзано со неизвесноста од последиците од излезот на Велика Британија од ЕУ…

– Во наредниот период можно е да видиме постепено намалување на политичката нестабилност, но тоа се уште е доста неизвесно. Претходните две години имавме политичка Влада, но немавме политичка стабилност, а нам ни треба политичка стабилност и намалување на неизвесноста,  истакна гувернерот Богов, одговарајќи на новинарски прашања.

Очекува и во иднина да продолжи координацијата на монетарната и фискалната политика. Останува да видиме, посочи, каква ќе биде фискалната политика на новата влада, а повеќе информации ќе имаме при наредната рунда на проекции  во октомрви кога ќе ја знаеме и новата економска програма.

Прашан да ги сумира штетите од политичката криза во економијата гувернерот упати на проекциите од пред почетокот на кризата. Во октомври 2014 година, наведе, за 2015 година беше проектиран раст од 4,2 процент, а за 2016  година од 4,5 проценти. Но, како што рече, се случи политичката криза и во 2015 година завршиме со раст од 3,8 проценти, лани со 2,4 проценти, а оваа година  имаме очекувања од 2,5  проценти. Значи таа разлика е отприлика штетата која ја претрпе македонската економија, а и целокупната бизнис заедница и граѓаните, рече гувернерот на НБРМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top