Даниела Митевска и Ана Вишинова годинава ја добија наградата Проект на годината за проектот „Вики–клуб“ во Музејот на македонската борба. Наградата ја доделува Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите за проекти и активности во доменот на истражувањето, презентацијата и популаризацијата на културното и природното наследство, а по повод 18 мај – Меѓународниот ден на музеите. Во реализацијата на овој проект, кој се одвива во Музејот на македонската борба, помогнале и Снежана Штрковска, претседателка на Здружението за умножување слободни содржини ГЛАМ од Скопје, и м-р Матилда Бајкова, која е образовна координаторка на овој проект.
Може ли да ни кажете нешто повеќе за проектот? Кому му е наменет?
ВИШНОВА: Сакам да им се заблагодарам на нашите колеги, музејски работници што ни ја дадоа довербата за оваа награда, но посебно ми е драго што овој проект е едукативен проект во НУ Музеј на македонската борба Скопје. Идејата за овој проект почна со пријателско пиење кафе со Снежана Штрковска, претседателка на Здружението за умножување слободни содржини ГЛАМ од Скопје. Идејата да се формира првиот „Вики- клуб“ во Музејот на македонската борба изгледаше многу интересна затоа што е еден поинаков инвентивен пристап на музејската едукација. Како што секој почеток не е лесен, така и ние се соочивме со моментот како да го направиме овој клуб атрактивен за децата. Во овој домен многу ни помогна нашата пријателка и соработничка м-р Матилда Бајкова, која е образовна координаторка на овој проект. Уште на почетокот со формирањето на „Вики-клубот“ разговаравме за многу идеи што би можеле да ги реализираме. Со несебична поддршка од нашиот директорот и, се разбира, од колегите, почнавме чекор по чекор да го реализираме овој проект, прво да овозможиме технички услови, а потоа реализација на едукативниот дел на проектот.
Овој „Вики–клуб“ е прв во Македонија и на Балканот. Кој сѐ може да членува во него?
МИТЕВСКА: Членството во „Вики–клубот“ е бесплатно и слободно за сите заинтересирани, без разлика на годините. Заинтересираните стануваат членови на „Вики- клубот“, каде што се одвива и нивната обука за тоа како да се вклучат и како да пишуваат статии на „Википедија“. Проектот е со награден карактер, a членовите на „Вики- клубот“ се наградуваат во различни категории: награда за најдобра статија, награда за најголем број придонеси, награда според број на напишани статии, награда за најдобриот во сите спомнати критериуми. Наградите се од симболичен карактер (беџови, маици, нотеси, сертификат и сл). Кога го формиравме клубот, наша главна целна група беа учениците од основните и од средните училишта со цел самиот музеј да стане подостапен за нив и да стане место каде што тие ќе ја развиваат својата свест и талент, но, пред сѐ, место каде што ќе соработуваат, комуницираа и споделуваат. Со текот на времето едукативниот проект „Вики–клуб“ предизвика интерес не само кај децата, туку и кај возрасните, кај поединци, но и кај различни граѓански здруженија и организации. Го потенцираме интересот на членовите на Здружението на пензионери-интелектуалци Македонија, со кое соработува нашиот музеј.
Дали меѓу овие членови гледате свои наследници во музејската работа или, пак, некои идни новинари?
ВИШИНОВА: Не очекував дека Музејот со „Вики–клубот“, покрај домашните и училишните обврски, ќе стане место каде што заинтересираните деца, членови на клубот, секоја среда од 15 до 18 часот, следејќи го својот интерес, без нималку задршка се нурнуваат во океанот на глобалната википедија и си вадат каменчиња што ги уредуваат, приредуваат и ги објавуваат на „Википедија“ на македонски јазик. На тој начин тие стануваат дел од семејството википедијанци, а нашата википедија на македонски јазик од октомври 2016 година е побогата за многу статии. Музејот широко ги отвора вратите за овие деца што вредно работат и соработуваат меѓусебно. Децата сами создаваат статии на различни теми, сопствени резултати, со што се подобрува самодовербата за нивната вредност. Тие учат и стекнуваат драгоцени вештини и за правилна употреба на македонскиот јазик, новинарско изразување и пишување од неутрална позиција, ги збогатуваат своите сознанија со интересни информации од историјата.
Кои се придобивките од формирањето на „Вики–клубот“ во Македонија?
МИТЕВСКА: Членовите во клубот учат за заедништво и стекнуваат вештини за тимска работа, како се работи во група, како се соработува. Преку „Вики–клубот“ се стекнуваат со знаења и способности за толеранција, како да се почитува туѓото мислење и да се претпостави дека другите имаат добри намери. Ваквиот пристап во воспитно-образовниот процес овозможува внесување лични способности, разни искуства, ставови, вештини, знаења, интереси, стилови на учење и други способности на детето. Ова е некој вид материјален исход за децата да покажат и кажат: „Видете што направив јас!“
Колку членови брои клубот?
ВИШИНОВА: Во моментов клубот брои вкупно 67 члена, а членувањето е бесплатно. Од големо значење е заложбата на Бајкова, која овозможува „Вики–клубот“ да биде атрактивен не само меѓу учениците, туку и меѓу нивните наставници, но и натаму да буди интерес за нови членови.
Колку нови статии на македонски се создадени?
МИТЕВСКА: Од 19 октомври 2016 година, кога „Вики–клубот“ почна да работи, досега, младите википедијанци на теми по свој избор и теми од организирани тематски работилници создадоа повеќе од 150 нови статии на „Википедија“ на македонски јазик, а дополнија и проширија повеќе од 260 постојни статии.
Кои се темите за кои најмногу се интересираат да пишуваат членовите на „Вики-клубот“?
ВИШИНОВА: Темите се слободни, но во соработка со Музејот на македонската борба се организираат повеќе тематски работилници наречени „едитатон“ (edit a thon), односно уредувачки маратон на кој главна тема е историјата на македонскиот народ. На овие работилници, членовите на „Вики–клубот“ создаваат нови статии под менторство на нас едукаторите, историчари од Музејот на кои им овозможуваме користење текстови од стручна литература за дадената тема, под надзор на Штрковска и на Бајкова. На првата работилница тема беше општина Карпош. На 7 март во Порта Македонија работно се одбележи Меѓународниот ден на жената и беа организирани три едукативни работилници со соработници од неколку скопски училишта. Една од трите работилници беше вториот уредувачки маратон на членовите на „Вики–клубот“ на Музејот на македонската борба. Преку проектот и работилница „Жената борец за слобода и македонска државност“ младите википедијанци изработија 11 нови статии и надополнуваа постојни статии за македонските жени-револуционерки на „Википедија“ на македонски јазик. На работилницата учествуваа учениците од ООУ „Аврам Писевски“ од с. Бардовци, ООУ „Јан Амос Коменски“, ПОУ „Иднина“ и ООУ „Вера Циривири-Трена“. Во мај во Музејот на македонската борба се одржа уредувачки маратон со членовите на „Вики–клубот“ на тема „Балканските војни“. На маратонот, кој почна во 12 часот и траеше речиси три часа, беа создадени пет нови статии за теми поврзани со Балканските војни.
Кои се вашите идни планови? Како ќе продолжи да се развива „Вики-клубот“ во Македонија?
МИТЕВСКА: Проектот е континуиран и ќе продолжи да работи сè додека постои интерес за членство во клубот. Во иднина се планира проширување на целните групи, вклучување студенти, пензионери, деца со посебни потреби, социјалноранливи категории, останувајќи на генералната определба на Музејот за политика на отворени врати кон сите заинтересирани.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александра Ивановски
(Текст објавен во 247. број на неделникот „Република“, 26.05.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.