Едно од суштинските прашања што си го поставува секој нормален Македонец е зошто се случи Република Македонија да не стане формален дел од западната економска и безбедносна групација и покрај тоа што ги исполни сите услови за влез во Европската унија и во НАТО. Речиси е невозможно САД и ЕУ да не можат да ја убедат Грција од 2008 година да дозволи членство во НАТО или подоцна почеток на преговорите за влез во ЕУ за држава чиишто граѓани се светски рекордери во желбата да станат дел од Унијата и од алијансата.
Уште понелогично е тоа што сите земји од ЕУ и од НАТО едногласно да ја игнорираат пресудата на Меѓународниот суд во Хаг по тужбата против Грција за ветото во Букурешт и прекршената привремена билатерална спогодба. Што е тоа што ги спречи НАТО и ЕУ, пред сѐ Германија и САД, да ја протнат Македонија во алијансата, да ги почнат преговорите за членство во ЕУ и со тоа да ја стабилизираат не само Македонија, туку и целиот западен Балкан.
Стратешката логика вели дека со влезот на Македонија во евроатланските механизми ќе се заокружеше кругот околу Косово со две членки на НАТО и ќе ги превенираше голем дел од негативните процеси што му се случија на регионот, односно на земјите во него кои соочени со никаква иднина се вратија на национализмот и сите дополнителни методи на владеење.
Но, реалноста излезе сосема поинаква. НАТО и ЕУ како намерно да ја оставија Македонија да гние однатре, а во исто време на тој што кршеше привремени спогодби, лажеше за нивото на својот дефицит и за секој дел од статистиката што ја испраќаше во Брисел, користеше европски фондови за работи за кои никој не чул дека се направени, доби стотици милијарди евра за да излезе од финансиската криза, која можеше и сѐ уште може да ги урне еврозоната и целата ЕУ.
Пред неколку години еден западен политичар во неврзан разговор во еден атински хотел ми рече дека ние Македонците ја потценуваме Македонија, но дека таа е причина за страв, поточно за стравување, кај голем дел од европските и од американските политичари што решаваат за влезот во ЕУ и во НАТО. Тогаш овие зборови ми беа шега, малата Македонија причина за стравување на големите сили кои со една посета на заменик-потсекретар можат да изберат влада. Невозможно. Но, сега како тезата на мојот пријател полека да добива на логика и да наведува на шокантни, но, сепак, реални прашања. Постои ли страв кај нашите западни партнери дека ако Македонија стане дел од ЕУ и од НАТО, ќе стане уште посуверена и уште посамостојна и дека заштитена во друштвото на најцивилизираните демократии ќе се обиде да работи и за себе, а не само за регионалните и за европските интереси. Дали кога стапот ќе исчезне и ќе остане само морковот, Македонија може да им сврти грб на своите партнери? Има ли вистина во тоа дека стабилна Македонија, членка на ЕУ и на НАТО, ќе може сама да решава за проекти од национален интерес кои во исто време, барем на хартија, се во рамки на европските правила. Како на пример гасоводот „Турски тек“.
Македонија, сепак, не е Турција
Дел од аналитичарите и дел од теориите на заговор во овој контекст ја споредуваат Македонија со Турција, која сега како полноправен член на НАТО и како важна земја за операциите на алијансата на Блискиот Исток или на неговите граници си игра мајтап со најсилната европска економија, Германија. Се разбира, Македонија никогаш, без разлика кој е на власт, нема да си дозволи ниту ќе може да игра мајтап со своите најголеми економски и политички партнери, но, сепак, постои можност дека некоја влада би можела да се обиде да ја искористи својата геостратегиска локација и да влезе во сериозни преговори за енергетските текови што водат преку нејзина територија.
Глобалните игри се многу поголеми од Македонија
Во врска во проектот „Турски тек“ и кинеската железница досега е кажано речиси сѐ. Разни теории на заговор ги поврзуваат овие проекти со кумановските настани, со раздвижувањето на албанските радикали во Косово и во Јужна Србија и со политичката криза во Македонија.
Дали, покрај внатрешните аномалии во Македонија, причини за последната криза, која нема да заврши сѐ додека не се решат глобалните прашања поврзани со регионот, се и овие енергетски и трговски проекти ќе покаже времето. Можеби, сѐ додека некој нов „Викиликс“ или Сноуден не ни открие дека Македонија била свесно жртвувана за да се заштитат интересите на поголемите играчи.
А, додека дојдат тие информации, ако воопшто се точни, за нашите читатели треба да ја објасниме глобалната игра за енергетските ресурси, односно канали преку кои во блиска иднина ќе се храни Европската унија. Како што во старо време главни земји биле тие преку кои оделе трговските патишта, така сега главни се земјите што се на патот на енергетските коридори. Главната битка во моментов во овој контекст се води меѓу САД, Германија и Франција (во оваа група се и Велика Британија и Холандија како приврзоци на Вашингтон, односно Берлин), и меѓу Русија и Турција, преку која минуваат или треба да минуваат голем дел од зацртаните проекти за пренос на гас и нафта од Русија и Блискиот Исток кон Европа.
Ако се сетиме на одлуката на бугарската влада, која заедно со Грција и Русија потпиша два големи енергетски проекти (нуклеарката Белене и нафтоводот Бургас – Александрополис), а потоа се откажа од нив, јасно е дека не само Македонија, туку и далеку помоќни и повлијателни земји се жртви на глобалните битки за превласт.
Кој ќе го контролира протокот на гас и нафта за десетина години, можеби, нема да биде од суштинска важност доколку Западот успее да најде перпетуум-мобиле или доколку ја максимизира ефикасноста на обновливите извори на енергија, како ветерот, сонцето или морските бранови. Но, големите сили размислуваат на големо и, пред сѐ, своите планови ги базираат на реалните претпоставки и анализи. А, тие велат дека со зголемените потреби за електрична енергија и елиминирањето на нуклеарките во Европа дури и со значително зголемување на капацитетите на изворите на обновлива енергија за десетина години и повеќе руската нафта и гас сѐ уште ќе бидат главни фактори на енергетската стабилност во ЕУ.
Затоа е разбирливо зошто на западните земји и на водечките земји во ЕУ не им одговара некој друг да го има во раце вентилот за гасоводите од кои тие ќе добиваат енергија. Случајот со Украина, која сега е еден од најголемите дистрибутери на руски гас, покажа дека Западот мора да има директна контрола на енергентите дури и кога со тоа се создава монополска позиција на рускиот гас во ЕУ, што е спротивно на правилата на Европската комисија. Втората траса од гасоводот „Северен тек“, кој е потпишан во екот на западните санкции кон Русија од страна на пет компании од Велика Британија, Франција, Холандија и две германски, ни дава за право да се согласиме со сите што тврдат дека Македонија никогаш нема да добие шанса да заработува од трансфер на руски гас преку нејзина територија. И тоа не затоа што ќе заработи пристојни пари од дистрибуцијата, туку затоа што во таков случај ќе биде уште еден фактор од кој ќе зависи Европа при пристапот до евтини енергенти. Во сценаријата поврзани со Македонија најчести се стравовите од поделба на земјата на „албански“ и „словенски“ дел, што може да влијае врз трансферот на гас кон Европа, или дека разочараноста од ЕУ и од НАТО и сѐ поагресивниот пристап на Русија може да доведат неконтролирана влада која, слично како украинската, ќе сака да ги зголемува цените за транспорт на енергентите за да се постави како независен преговарач со Русија и со тоа да ја стави Европа во опасност. Сѐ поочигледно е дека Западот не сака во бизнисите со Русија, на која, исто така, ѝ се потребни парите од гасот и нафтата, да има посредници особено затоа што е јасно дека дури и во период на санкции има одлична соработка меѓу европските фирми и руските државни енергетски гиганти. Уште помалку е случајно тоа што новиот американски државен секретар Тајлерсон е поранешен шеф на огромна нафтена компанија и има одлични врски во Кремљ.
Кога ќе се прочитаат сите овие тези, теории и реални факти, човек не може да не помисли дека Македонија, колку и да е важна за нас Македонците, сепак, на глобалната особено на енергетската мапа е џуџе кое никогаш нема да добие шанса за каков било профит, особено ако со таквата позиција е макар и минимална опасност за глобалните договори и планови. Освен ако глабалната игра и договор меѓу главните меѓународни фактори не нѐ наведе да бидеме дел од важните енергетски текови, а притоа да не бидеме причина и предмет на дестабилизација.
(Текст објавен во 247. број на неделникот Република, 26.05.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.