Ако некој им верува на зборовите на мандатарот Заев, тој и неговите соучесници со денови „ги договараат принципите“ по кои ќе ја прекројуваат иднината на ова парче земја. Денес тоа модерно го нарекуваат договарање принципи, а се однесува на договореното „редефинирање“, што, пак, е модерното име за федерализација и за разнебитување на државата. Сите, всушност, молчат дека принципиелно чекаат да им го достават списокот што ќе биде во новата влада и дали принципиелните стратегиски партнери нашле место за сите или само за социјалдемократите и за довчерашните тендерџии, интегративците, за идното прекројување на границите.
Па, инаку, за какви тоа „принципи“ се договараат сега, ако веќе половина година е јасна коалицијата и поддршката за креирање нова иднина во Македонија на „сите без ВМРО- ДПМНЕ“? Зар принципите за политичко коалицирање не би требало да бидат договорени пред да се даде поддршка за некого за формирање парламентарно мнозинство и понатаму влада? Или повторно во Македонија се почнува со нови принципи? Зар не беа договорени принципите меѓу Села и Заев пред, за време и по заедничката „а капела концерт“ во Берн, од каде што, според видеата од настапите, сѐ е веќе јасно за какви принципи станува збор?
Да бидеме прецизни, „принципиелните“ треба да нѐ уверат дека токму Зоран Заев, Али Ахмети, Зијадин Села и Билал Касами сега сериозно разговараат за принципи за кои зборуваат веќе една година, а се однесуваат на редефинирање, на поделба по етничка линија на полицијата, образованието, здравството, а обединување за менување на името на државата, јазикот, знамето, химната…
Токму за јазикот, генералниот секретар на партијата на Села, Арбен Таравари од Движењето за реформи во ДПА, откри дека „принципиелно“ Заев апсолутно прифатил „двојазичноста да биде експресна“. Откако, пак, Села нагласи дека не постои опција Тиранската платформа да биде оставена настрана, како и дека тој не дал никаква гаранција на „некојси претседател“.
– Двојазичноста да биде експресна, колку што е можно побрзо да се прават измените во Изборниот законик. И тој (Заев) е заинтересиран да го реши ова, прифаќа да се прават такви измени… Дури поставивме рокови во кое време треба да се реализираат за да создадеме заемна доверба дека во иднина ќе функционира оваа коалиција, ако функционира зошто да нема соработка – открива паријата на Села. Толку од гаранциите и принципите на Заев.
Ако се држиме до принципите, дали пред неколку месеци Заев не ја претстави како програма на Владата својата ракотворбата, или принципиелно сакаше да ги измами сите дека демек не постои платформа од Тирана и дека тоа нему не му е на памет да го исполнува? За кои принципи и програма сега, наводно, преговара?
Каде е принципиелноста на мандатарот? Кога Заев бил и е принципиелен, пред настапот во Берн, со планот за канализација или кога во Берн ветуваше кантонизација; кога ја претставуваше „Програмата на Владата“ и тврдеше дека нема платформа туку програма или кога ги договараше законите во Мала Речица; кога ја читаше гаранцијата во вилата на претседателот на државата или сега за време на принципиелните преговори дали законот за јазици ќе „оди“ пред или по изборот на влада?
Сите овие прашања принципиелно ја мачат јавноста; бидејќи само еден ден откако принципиелно поднесе гаранции до претседателот на Република Македонија, документ што се подразбира и како вид „услов“, дека нема да ги гази принципите на демократијата, принципите на сувереноста на државата, на принципите на унитарноста, нема да гази врз принципите на народот македонски – неговите соучесници јавно му се изнасмеаја в лице.
Единствена принципиелност што ја покажува Заев, е опстојувањето на кршењето на сите принципи, од тоа дека е единствениот пример во македонската политика што бил в.д. „грејач на столчето на Црвенковски“ до мандатар што чита гаранции и ветувања дека нема да ја предаде државата! Сѐ досега во Заевата политичка кариера јасно како ден укажува на тоа колку вреди неговиот принципиелен пристап.
Принципите за губење на идентитетот
Не може да се занемарат принципите по кои со години се спроведува големоалбанската платформа. Најавата дека распадот на Југославија нема да заврши без распад на Македонија уште во 90-тите години, сега се одвива пред очи на светската јавност, на еден фин, принципиелен начин. Или како што тоа фино Заев го опишува како принципиелно „целосно исполнување на Охридскиот договор“.
Принципиелно беше интегративците од тендерџии преку ноќ да станат реформатори, додека Беса по сѐ што поплука за интегративците, да чека халал од надвор дали ќе излиже и ќе седне во владата. Сѐ за принципиелно привидно намалување на екстремноста на Села и принципиелно обезбедување привремен баланс за народната „ќути, може полошо“.
Сегашните „принципи“ што се договараат, а веројатно им се оставени како домашна работа, барем од тоа што го открива Заев, е принципот на консензуалноста. Кој сега може да каже дека таа консензуалност не ја крие Фрчковата идеја за „ротирачки премиер“? И така по швајцарски принцип се навестија и самостојни албански територии со своја матична евиденција и своја полиција. Па зошто да не, и по принципите на Героски за локални влади, парламенти, за двоење на државата по етнички основи.
Бидејќи, принципиелно, сега не е време да се мисли само за консензуален претседател на државата. Сега, кога бројките се на нивна етничка страна, консензуалноста ќе достига многу подалеку. Но, повторно, еднострано, таа консензуалност е наменета само за етничките Албанци во Македонија.
Затоа, пак, се тука принципите на Љубе Бошковски и на Љубчо Георгиевски, чијашто домашна задача за нон-пејпер „химна“ за Заев е веќе почната. Модел имаат во есеите на Ременски и во тезите за „Душа како Шар Планина и мудрост како најдлабоките океански води“. Во тие есеи нема да се нагласува патриотизмот, туку ќе се нагласи „мајката што зела друго презиме“ и принципиелно ќе ја слави иднината, наспроти загубениот македонски идентитет и државност.
Принципот си бара принцип, па доколку некои и се изненадени што сега „заличува дека Бошкоски зборува со устата на Зоран Заев“, нека се потсетат на устата на Бошковски кога како „грчки соработник“ за пари договара промена на името на државата; но и уште потрагично, се откажува од македонската нација, од придавката македонски, од идентитетската посебност, со без трошка премислување го прифаќа решението „едноставно граѓани“. Токму во тој дел својот принцип го пронајде Заев за соработката со „големиот патриот, кој „робувал за Македонија“.
Принципиелниот пример Македонија
Да се вратиме на принципите и на сѐ што е направено досега во овие години беспоштедна битка за „принципиелно“ уривање на суверенитетот на Македонија од надвор.
Македонија е современ пример дека новите демократии од истокот на Европа треба да знаат дека принципиелно, во секој момент определени принципиелни криминогени структури во нивните земји имаат пристап до телефонските разговори на државно-политичкиот врв. Од каде? Од „свиркачи“, се разбира. Додека вистинските свиркачи како Менинг, Сноуден или Асанж, во принцип, ќе киснат кој во затвор додека не стане жена, по странски амбасади или во „непријателска недемократска Русија“, тука принципиелно ќе се споменуваат како идни високи функционери во државната безбедност.
Македонија е принципиелен пример за сите суверени држави во светот дека некаде постои снимка од некој криминоген политичар, кој отворено бара мито, кој и покрај тоа што претходно е аболиран и тече судскиот процес против него, ќе ви го нацуцулат за премиер, кој прво се заканува на медиумите, а потоа на судството! Но тоа се тие нови принципиелни прозападни реформи.
Македонија е пример за принципи во кои новото мнозинство нема да може чесно и принципиелно да ја затвори ниту првата седница на парламентот; таа свечената, посветена на верификација на мандатите, на избор на комисија од која потоа заеднички ќе се изберат претседател и други собраниски функционери. Нема записник, нема тела, нема ништо, но има спикер избран „во подрум“, кој единствено принципиелно ги одработи знамињата.
Принципиелно, откако некој ќе најави редефинирање на државата и на нејзино делење по чисто етничка основа, тој ќе мора да биде и нов мандатар, па и само како мандатар ќе седи до премиерите на Србија, Косово, Албанија и на БиХ на европските комисиски вечеринки, каде што ќе му ги титлуваат сите досегашни изјави и дејства што го запалија регионот. Затоа што тоа се новите демократските правила на старата принципиелна… Европа.
Принципиелно, Македонија ќе загуби од Заев, кој игра по принципите на „реалполитика“, односно дипломатија и политика на притисок што не дава пет пари за околностите или фактите, за моралните и етички премиси, туку макијавелистички насилно ги турка „повисоките“ интереси. Сечии интереси, само не македонски.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 247. број на неделникот „Република“, 26.5.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ахмети: Денко Малески е прифатлив консензуален кандидат за претседател
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
Заев за грчки „Еуроњуз”: На Македонија не ѝ се потребни избори