Новите простории наменети за Матичното одделение при Град Скопје, кои се наоѓаат во зградата на Офицерскиот дом кој е во градба инвеститорот ќе и ги отстапи на државата во април идната година, а ќе бидат ставени во функција најдоцна до крајот на 2018 година по завршување на ентериерното уредување.
Васе Доневски директорот на Службата за заеднички и општи работи при Владата, го информира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска изврши увид на работите, дека вкупната површина на катот е околу 2.500 метри квадратни, а ќе има две намени. Покрај изградба на современ простор за матична служба за венчавки, ќе има и мултифункционална сала, која првенствено ќе се користи за читална, а по потреба ќе може да се користи и за приеми, камерни концерти, поетски читања и други намени.
– Венчавките во Скопје сега се одржуваат во една стара руинирана и дотраена барака во општина Центар. Откако ова ќе се заврши објектов тие ќе се одржуваат во еден многу современ, естетски уреден простор доволно голем, кој што би излегувал директно на плоштадот Македонија и би имал уште еден влез од страната на зградата на МЕПСО, рече Груевски.
Тој упати и забелешки на односот на локалната власт на Општина Центар, за како што рече, укинувањето на ДУП-от во Мал Ринг, со кој атрактивни скали на овој објект кои со планот било предвидено да излегуваат на плоштадот нема да се градат. Во овој контекст ги наведе и веќе изградената Катна гаража спроти МНТ која три месеци чека дозвола за отпочнување со работа, потоа улиците покрај новиот објект на ФДУ, и кај зградите на регулаторните тела кај Бристол, за кои вели иако се негова обврска не ги гради ниту дава дозвола за градба.
– Многу е лошо за еден градоначалник кога се занимава само со негативни работи, кога својот успех го мери колку ќе го намали успехот на неговиот политички опонент на штета на граѓаните. Јас го повикувам да престане да се занимава со работи што се на штета на граѓаните, да изгради нешто што им ветил, да реши некој проблем, а не да ги доведе во ситуација да одат по кал, да не можат да паркираат во катна гаража или да немаат пристап во матичната служба од страната на плоштадот само затоа што сака да го оневозможи политичкиот опонент во дејствувањето или плановите за градење, рече Груевски.
Ратко Капушевски, претставникот на приватниот инвестотор Сергеј Самсоненко кој ја гради зградата, информира дека иако рокот за објектот бил 2021 година, тој ќе биде предвреме завршен.
Во објектот ќе бидат сместени хотел од групацијата Мериот – Кортјард со четири ѕвездички и бизнис центар. Ќе има и две нивоа под земја паркинг простор. Вкупната инвестиција изнесува 40 милиони евра, а се очекува да отвори околу 350 нови работни места
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.