Барселона и Реал Мадрид вечерва ќе ја имаат последната пресметка за титулата во Примера, а медиумите на Пиринеите најавуваат еден интересен трансфер. Португалец од „Камп Ноу“ би можел летово да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“. Нема да биде тоа шок како преминот на Луис Фиго од Барселона во Реал Мадрид, но, сепак, ќе предизвика големо внимание. Се работи за Андре Гомеш, играчот за врска на Барса, кој не ги оправда очекувањата во каталонскиот гигант и речиси сигурно ќе си замине од клубот ова лето. Но, би можел да пристигне токму во Реал Мадрид.
Менаџер на Португалецот е Жорге Мендеш, суперагентот, кој има фантастични релации со двата клуба, и веќе почнал да разговара со раководството на „кралскиот клуб“ за трансфер на Андре Гомеш на „Сантијаго Бернабеу“. Реал Мадрид исто така би можел да се согласи со ваков развој на настаните.
Имено, Андре Гомеш во Барселона дојде за сума од 55 милиони евра, но сега неговата цена е многу помала и се движи околу 25 милиони евра. Флорентино Перез секако би се сложил да му земе фудбалер на големиот ривал, и тоа за многу пристојна сума, која нема многу да го оптовари буџетот на „кралскиот клуб“. Андре Гомеш не се снајде во Барселона, но секако дека се работи за квалитетен играч од средниот ред кој би можел да биде од голема помош во составот на Зинедин Зидан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.