По соопштението на КК Карпош Соколи преку кое искажаа незадоволство од делењето на правдата на третиот натпревар од финалето во плејофот против МЗТ Скопје, по кој аеродромци поведоа со 2-1 во серијата за титулата, со своја реакција и од КК МЗТ Скопје.
Соопштението на „металците“ ви го пренесуваме во целост:
„Колку и да се согласуваме со напишаното во соопштението на Карпош Соколи дека судењето на изминатите три финални натпревари е далеку под квалитетот потребен за пресметки од ваков тип, сепак, воопшто не можеме да се прифатиме дека нашиот респектиран противник е тимот кој претрпел поголема штета во делот на делењето на (не)правдата.
Речиси и да нема натпревар сезонава на домашна сцена, а МЗТ Скопје Аеродром да не биде сериозно оштетен од судиите. Така беше и на завршниот турнир од Купот на Македонија, така беше во Суперлигата, така е и сега во полуфиналето и финалето од плејофот. Не прифаќаме дека ние сме „трипати поагресивни“ од противникот или дека сме играле „одбрана која била дозволена во боксот и рагбито, но не и во кошарката“ и дека нам ни биле досудувани двојно помалку прекршоци. Па, Јуре Лалиќ остана без заб, но официјалните лица нему му досудија фаул. И кај нас има огромно незадоволство од одредени одлуки на судиските тројки на досегашните три финални средби, но секогаш сме се труделе реакциите да ги сведеме во рамки на спортското однесување.
А, ако почнеме да гледаме во туѓиот двор тогаш дефинитивно бараме од челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и од делителите на правдата да поведат внимание на однесувањето на сите од клупата на нашиот противник во финалето. Постојаното скокање, дофрлување, па и неспортско и вулгарно реагирање мора да почне да се санкционира, нешто што досега не се случи. Истите санкции ги бараме и за клупата на МЗТ Скопје Аеродром ако нашите луѓе и во иднина неспортски се однесуваат. Однесувањето на екипите кои играат во АБА-лигата и кои се најдобри во моментов во Македонија мора да биде на највисоко ниво и да биде пример за помладите генерации. Тоа досега не беше така, бидејќи судиите остануваа неми и слепи.
Без разлика на сето ова, апелираме до сите фактори во големото финале да се спушти топката, да се намалат тензиите и секој да почне да си ја гледа својата работа. Тренерите да си ги водат екипите, кошаркарите да дадат се од себе и да ги оставиме судиите да ја делат правдата, но онака како што пишува во правилата, без задни намери, калкулации или компензации. Само така ќе може да го зачуваме дигнитетот на нашето првенство, но и на македонската кошарка“
А, веруваме, тоа е во интерес на сите нас, без разлика на клупската припадност.
КК МЗТ СКОПЈЕ Аеродром АД
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.