Со мандатот под пазуви и со отворена телефонска линија на слушалки во ушите, Зоран Заев ќе влета на новиот конгрес, каде што ќе треба да се дочисти сѐ што е преостанато од некогашната моќна партија. Никој од присутните не може да биде излажан дека тоа што Заев ќе се обиде да го протне како постигнат успех не е реално одработено, ниту е резултат на реализирана политичка агенда. И мандатот за формирање влада и парламентарното мнозинство, кое наводно го предводи Зоран Заев, не се дело на партиската политика ниту на остроумноста на врхушката. Сѐ е тоа добиено на подарок од окупаторот на македонската сувереност. Заедно со тиранската платформа за редефинирање на државата со променето име и народ со поинаков идентитет. И сега со сето тоа треба да се покрие со внатрепартиското расположение за поданичкиот антимакедонски однос кон дарителите.
Постои платформа по која Заев и врхушката водат кон иднината на некогашната партија, а секако дека таа платформа ќе биде надградувана за да може што подолго да се одржи на чело на тоа мнозинство. Таа платформа Заев и неговите соработници ја добија истовремено со платформата која им беше испорачана на македонските етнички Албанци. Нивниот дел од улогата, испорачана преку проектниот контрактор Еди Рама од Албанија, беше да го амортизираат нападот кон Заев и да се исценира национализам во дејствувањето на оние кои се бореа за зачувување на суверенитетот на државата. Меѓу нив, огромен број се некогашни социјалдемократи по убедување и страсни поддржувачи на некогашната партија на Заев.
Би било залажување ако не се верува дека во таа улога одличен дел од колачот добиваат албанските партии и дека воопшто таа оди во полза на албанските националисти во регионот. Залажување е и ако не се гледа дека барањата во тиранската платформа не се вистински и дека тие ќе мора да се спроведат во замена за поддршката која беше отстапена за да се анулира разликата во пратеници во полза на Заев и да се доведе политичката состојба во положба да се формира платформашко собраниско мнозинство.
Сето тоа беше, е и понатаму ќе остане на штета на суверенитетот на државата, на македонската демократија и најмногу на штета на темелот на општеството – на штета на гласачите. Силината на упадот со кој, и по цена на суверенитетот на државата, Заев беше дом’кнат до мандат за формирање нова влада, е познат на многумина, но за среќа (или несреќа) ќе остане непознат за широката јавност. Но, доволно е познат за тие што се занимаваат со политика.
Оттука и фактот со кој Заев и врхушката ќе влезат на конгресот. Заев е првиот од некогаш моќната, некогашната, како што милуваа да кажат, „државотворна партија“, кој требаше да поднесе писмен документ, гаранции не дека ќе ги штити, туку дека нема да ги нарушува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет, територијалниот интегритет, како и дека нема да ги наруши уставноста и демократските принципи за донесување одлуки и владеење на правото , доведувајќи ја државата во положба на потчинетост или зависност од друга држава.
А, тоа веќе го стори. На очиглед на сите, ги наруши сите демократски принципи и владеењето на правото, ја наруши уставноста и ја доведе државата во положба на потчинетост и зависност од други држави. Точно, тоа е чинот со кој беше насила, со силна странска интервенција, поставен собраниски спикер. Оттука и проблемот како сега правно да се затвори таа прва седница за избор на комисија и натаму избор на претседател на Собранието. Уште пострашно, ако се работеше за владеење на правото, а тоа не е вистинската причина за целиот надворешен упад во македонскиот систем или ако врхушката сметаше дека сето тоа што се направи е легално, не би оставиле зад сета таа „историска“ процедура да стои потписот на приврзокот Горан Мисовски, при толку правници во партијата. Но, некој некогаш ќе треба да го понесе крстот на срамот.
Вториот момент од „владеење на правото“ што се крши, е тоа што Република Македонија, а воедно и некогашната голема партија, доби мандатар против кого има судски процеси, меѓу кои барем за една има тежок „путер на глава“ за поткуп. Притоа, е аболиран криминалец. Притоа, беше гонет за организирање преврат.
Сега овој лик, со мандат добиен под притисок, со закани за крв од илјадници жртви по улиците, без ниедна остварена изборна победа, треба да дорасчисти и во својата султан-партија со неверниците во редефинирањето на државата и македонскиот идентитет.Генералката за редефинирање почна внатре
Заев и неговата врхушка системски ги тргаа социјалдемократите од партијата за да може потоа да ја предадат на услуга за странски интереси. Откако Заев ја презеде партијата, таа не само што го загуби својот идентитет, ја загуби довербата од гласачите, го загуби и своето членство. По ништо повеќе не може да се препознае некогашната партија. Политикантството и сервилноста која ја вметна како начин на работа новата врхушка, сѐ повеќе ги оддалечуваше не само остатоците од старото јадро, туку и од оние кои му ја дадоа поддршката на новото раководство. Чистката почна со преземањето на Заев на некогашната партија. Од конгресот во 2013 година и за влакно постигнатиот реизбор на Заев, тој го смени статутот на партијата со што тој лично ги избира делегатите за конгресот кои потоа гласаат за него. За неговата тоталитарност и преземањето на правото за избор на општински раководители и делегати пишуваа и традиционално блиските Оливера Трајковска или Ивор Мицковски, за што директно ја посочуваа Радмила Шекеринска.
Од тогаш ги снемува видните и звучни имиња кои значеа нешто за социјалдемократијата во Македонија и надвор, а нив полека ги заменуваа полтрони, на кои Заев потоа им исплете иста мрежа. Така, од јавноста ги снема Гордан Георгиев, Андреј Петров, Игор Ивановски-Шема, Зоран Јовановски, ја снема Наташа Савова, Каролина Ристова-Астеруд, Славица Грковска. Но, расчистувањето не заврши само со старите „бранковистички“ кадри.
Не беше тоа основната идеја за вртење на страната во која прво посочи дека не му доликува патриотизмот. Од комбинациите отпадна и Ванчо Узунов, чијшто професорски карактер не успеа да надвладее над „компетентноста“ на Кире Наумов, нашироко опишан во документите за аферата за приватизацијата на македонскиот телеком. Ги снема и „новите дечки“ кои дојдоа како замена, како што е Горан Сугаревски, Солза Грчева и Љубица Буралиева. Ја снема и Роза Топузова-Каревска од безличниот сателит-партија чиешто име на претседател веќе никој не го знае. Сугаревски, кој беше и носачот на пратеничката група во претходниот парламентарен состав, потоа не се најде ниту на листа за пратеници на следните избори. Отпадна и Софија Куноска, а наместо нив на изборните листи местото го зазеде Соросовата армија.
Додека Заев го предаваше севкупното креирање на политиката и партиските ставови на Соросовите организации, и организираше силување на државата, не сопре ниту насилството во партиските разграноци. Оттука и актуелната постава се потпира на Лиле Поповска и на Павле Трајанов внатре, а однадвор на узда се отпадоците од „патриотскиот“ период на СДС. Странците кои ѝ ја одзедоа сувереноста на Македонија, ги уценија политичките слабаци да застанат покрај Заев. Го уценија и Заев да соработува со „тендерашите“ од ДУИ; но и повторно му го седнаа в скут Љубчо Георгиевски. Воспоставувањето на султанството во организацијата сега само треба да се „поклони“ на тиранската платформа и начинот со странска насилна, антимакедонска пресија да се обезличи народот и државата.
Остана ли „маж“ кај македонските социјалдемократи што ќе се избори и ќе ја преземе контролата од оваа „збирштина“ од недефинираната антимакедонска полтронска организација која цели едногласно да ја урниса државата и акламативно да се согласи за сите странски платформи, геноциди, редефинирања и силувања на македонскиот народ и неговата идентитетска посебност искажани преку интервјуата во соседството? За овој конгрес, не! Јавните обиди за спротивставување, како пишувањата на Софија Куновска и на други поранешни челници за „кимјунгунизација“ во општинските организации, и свестувањето на социјалдемократите дека тиранската платформа не е научна фантастика, туку програма која Заев и врхушката ќе ја спроведуваат до крај, не се доволни. Партијата – наследник на КПМ и некогаш најмоќна политичка организација во државата – одамна е во состојба на клиничка смрт. На македонските социјалдемократи, по овој конгрес наменет за егото на Заев и на врхушката, им останува само едногласно да се простат од неа и да најдат начин за идно вистинско политичко дејствување.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 246. број на неделникот „Република“, 19.5.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.