Пациентите кои се сомневаат дека страдаат од депресија треба да побараат помош кај својот матичен лекар и да почнат да разговараат за овој проблем, затоа што депресијата може да се лекува. Довербата која ја има пациентот во својот матичен лекар е еден од главните услови за рана детекција, препознавање, дијагностицирање и навремено лекување.
Ова денеска го истакна претседателот на Здружението на лекари по општа медицина-семејна медицина, Катерина Ковачевиќ, која рече дека во рамки на одбележувањето на 19 мај, Светски ден на семејните и општи лекари спроведуваат активност која опфаќа пополнување прашалник за самопроценка на депресија од страна на пациентите кои ќе го посетат својот матичен лекар.
На прес-конференцијата по повод 19 мај, Светски ден на семејните и општи лекари, која се одржа денеска во Македонското лекарско друштво, таа појасни дека прашалникот опфаќа прашања кои покажуваат дали кај пациентите постои нарушување на нивното психичко, социјално и професионално нарушување во континуитет од две недели.
– Прашалниците се веќе достапни за матичните лекари, дел се дистрибуирани директно на одредена група лекари, кои се известени преку социјалните мрежи и преку нашата веб страна дека можат прашалникот ако имаат потреба да го преземат. Целта е да видиме дали ќе успееме да детектираме пациенти со знаци на депресија, а скорот кој ќе го добиеме ќе ни укаже дали се работи за лесна, тешка депресија или депресија која има во своето навестување и суицидален карактер – рече Ковачевиќ.
Нагласи дека годинава одлучиле да стават акцент во грижата за менталното здравје на нашите пациенти. Мотото на годинашната тема на која ќе работиме заедно со колегите од целиот свет по препорака на Светската организација на докторите по семејна и општа медицина (WONCA), појасни, е „Депресија – Ајде да зборуваме“.
Додаде дека сакаат пациентите да ги запознаат со симптомите на депресија, да ги поттикнат да се јават на консултација во ординацијата на својот матичен лекар каде ќе имаат можност да разговараат за состојбата во која се наоѓаат доколку сметаат дека имаат знаци и симптоми кои укажуваат на депресија.
Претседателот на Македонското лекарско друштво, Горан Димитров, рече дека Здружението на лекари по општа медицина-семејна медицина брои околу 1.300 членови и е член на Светската организација на докторите по семејна и општа медицина.
Тој потенцира дека апелираат до граѓаните да им веруваат на своите семејни лекари бидејќи, како што рече, тие како чувари на нивното здравје најдобро знаат како да препознаат депресија.
– Менталното здравје заедно со општото физичко здравје е важен предуслов за здрава нација – додаде Димитров.
Генералниот секретар на Здружението, Љубин Шукриев рече дека пациентите треба да се ослободат од табу темите и отворено да разговараат за овој проблем кој во светски рамки во неразвиените и во средно развиените земји се повеќе е присутен кај младата популација на возраст од 15 до 19 години и е причина за смртност после сообраќајните несреќи.
Одговарајќи на новинарско прашање Ковачевиќ истакна дека две третини од пациентите кои дошле во ординациите на семејните општите лекари имаат физички симптоми, а дел од нив имаат симптоми кои укажуваат дека имаат депресија, но ги игнорираат и отфрлаат и мислат дека тоа ќе помине.
Таа рече дека антидепресивите се тие кои треба да се употребуваат во лекување на депресијата. Според неа, не треба да се употребува дијазепам во лекувањето на депресијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.