| четврток, 6 декември 2018 |

Каракамишева: Ќе расте притисокот на граѓаните за одржување на локални и парламентарни избори во исто време

Професорката истакнува дека јасно е дека откако вчера ги виделе резултатите од анкетата на ИРИ каде се манифестира огромна предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДС но и изедначена трка меѓу ДУИ и БЕСА, парламентарното мнозинство се повеќе ќе тактизизра и ќе ги одолговлекува локалните избори надевајќи се дека нивното одржување подоцна ќе им даде шанса да направат поголемо влијае врз гласачите да не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ

Изборната измама е кривично дело, таа не може да донесе нова легална и легитимна власт во земјата, смета универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска.

-Наместо да се координира со пратеници, и да се брифира со поранешни претседатели на Собранието на РМ, пратеникот Џафери заедно со новото парламентарно мнозинство (кое и да е, колкаво и да е) треба најитно да ги донесат измените во Изборниот законик и во Законот за локална самоуправа со цел продолжување на мандатите на локалните власти, и што е можно поскоро одржување нови локални избори поради заштита на интересите на граѓаните. Редно време е новото парламентарно мнозинство да покаже политичка одговорност, вели  Каракамишева-Јовановска.

Професорката истакнува дека јасно е дека откако вчера ги виделе резултатите од анкетата на ИРИ каде се манифестира огромна предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДС но и изедначена трка меѓу ДУИ и БЕСА, парламентарното мнозинство се повеќе ќе тактизизра и ќе ги одолговлекува локалните избори надевајќи се дека нивното одржување подоцна ќе им даде шанса да направат поголемо влијае врз гласачите да не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.

-Од друга страна, притисокот на граѓаните ќе расте и во насока да се одржат локални и парламентарни избори во исто време. Тоа го покажаа високите 44% од испитаниците во анкетата на ИРИ кои сметаат дека заедно со локалните треба да се одржат и нови предвремени парламентарни избори.  Основната причина за ваквото барање е во тоа што добар дел од македонските граѓани се чувствуваат пост-изборно измамени и излажани од страна на СДС и албанските партии поради што нормално е да бараат нови избори. На 11 декември ниту еден гласач во Македонија не гласаше за Тиранската платформа. Ниту едно барање содржано во оваа платформа не беше ставено во изборната агенда на ниту една партија во форма и во содржина како што се наведени во Тиранската платформа. Со оглед дека се работи за досега најголема изборна измама, граѓаните на РМ бараат нови избори на кои точно ќе знаат за што гласаат, за кои изборни понуди, и кому му го даваат гласот, посочува универзитетската професорка.

Таа додава дека самата изборна измама е казниво дело во Кривичниот законик.

-Оттука, стореното казниво дело не може да создаде законски легитимитет на новата власт. Ниту една партија не смее да се надева дека ќе дојде легално на власт преку свесно и дрско кршење на законите и со мамење на гласачите. Токму затоа, граѓаните бараат одржување на локални и парламентарни избори во исто време со цел да се исправи големата пост-изборна лага. Исто така, од анкетата може да се забележи забележителен пораст на рејтингот на БЕСА од албанскиот блок партии, додека СДС останува на истото ниво на кое беше пред да се одржат парламентарните избори. Она што посебно ги плаши овие две партии е континуираниот висок рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ кој никако да падне, иако според нивните прогнози тоа требаше да се случи во периодов по насилничкото узурпирање на власта од страна на овие две партии. Граѓаните и натаму најголема доверба имаат во ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата предводена од неа.Тука лежи и стравот на СДС и ДУИ за евентуално одржување на нови парламентарни избори кои граѓаните ги поддржуваат и се согласни да бидат одржани заедно со локалните, бидејќи е факт дека најголем дел од електоратот се чувствува поразен со насилничкото сервирање на Тиранската платформа какоуслов за составување на новата власт во земјата, но и со политичкото насилство при неуставното и неделовничкото устоличување на пратеникот Џафери на местото претседател на Собранието, вели професорката Каракамишева – Јовановска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top