Два и пол часа траеше комплетното музичко уживање кое на скопската публика и го приреди најпознатата виолинистка во светот, Венеса Меј, која во понеделникот навечер гостуваше во Вип арена „Борис Трајковски“. Ова е единствен концерт во регионот на британската мегапопуларна виолинистка, која во Скопје допатува по настапот во Братислава.
Меј пред публиката во Скопје настапи со својот бенд во чиј состав имаше музичари кои свиреа гитара, тапани, клавијатури, потоа придружни вокали и гудачкиот оркестар на Македонската филхармонија. Сите, заедно со атрактивната Меј приредија концерт во кој се измешаа рок, класик, и електронска музика, на моменти помешани со ориентална музика и колумбиски ритам.
По двочаовниот концерт, публиката ја побара Меј на бис, а таа ја изненади појавувајќи со со својата виолина меѓу гледалиштето, што предизвика бура од аплауз.
Како секој добар гостин кој доаѓа првпат на концерт, Меј ја поздрави публиката на македонски јазик, а потоа отсвири и мелодија од филм за Александар Македонски.
Ванеса Меј Венкорн Николсон, професионално позната како Ванеса Меј, некогаш била нарекувана чудо од дете. Уште на 16 години ги поместува музичките граници кога го објавува албумот „Violin Player“ формирајќи необичен микс на џез, поп и на техно-звук, но се издвојува и по нејзините сценски настапи и необичен изглед. Запишана е во Гинисовата книга на рекорди како најмлад инструменталист што изведува виолиниски концерти на Бетовен и на Чајковски. Особено остава впечаток со нејзината изведба на „Токата и фуга“ на Јохан Себастијан Бах во Д-мол, која е копирана низ целиот свет.
Концертот беше во организација на „Прагма продукција“, а беше поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и од Македонската филхармонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.