Европскиот парламент ниту неделава нема да гласа за Резолуцијата за Република Македонија, а во однос на прогрес-извештајот на Европската комисија за нашата земја за 2016 година, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Како што потврдија од Европарламентот, ниту неделава на пленарната седница во францускиот град на културата нема да се гласа за Резолуцијата за Македонија, но и за Србија, Косово и Албанија, како останати земји од процесот на проширување.
Причината за новото одложување, со оглед на тоа што за Македонија и другите земји-кандидати за членство во Европската унија од Балканот требаше да се изгласа Резолуцијата уште во март оваа година, се говори дека е се уште несредената политичка состојба во сите овие земји. Имено, во Македонија веќе шест месеци нема создадено Влада и политичката криза се уште трае и покрај мирниот изборен ден на 11 декември минатата година. На Косово, пак, минатата недела започна политичка криза поради распуштањето на парламентот од страна на претседателот Хашим Тачи и закажување за на 11 јуни предвремени парламентарни избори, додека во Албанија е силна политичката криза и извесно е дека претстојните редови избори закажани за 18 јуни ќе се одржат без учество на опозицијата.
Како што е познато, во февруари оваа година, Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот со убедливо мнозинство ја усвои Резолуцијата за Македонија, која сега очекува потврда на пленарна седница на ЕП, во која ја потврди условената препорака за отворање на преговорите за членство на македонската држава во Европската унија.
Оваа Резолуција, иако нема никакво формално и законско значење и е само советодавна, сепак е интересна бидејќи следната по десет години, за првпат сега нема да биде годишна, па следната ќе биде во 2019 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.