| четврток, 6 декември 2018 |

Поднесени 318 амандмани на резолуцијата за Македонија во ЕП

Вкупно 318 амандмани се поднесени на предлог-резолуцијата за Република Македонија во Европскиот парламент, која минатиот месец ја подготви и претстави пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) известувачот Иво Вајгл, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што е веќе редовна пракса изминатите години, грчко-бугарските европратеници се предводници на амандманската канонада врз македонската резолуција и тие имаат поднесено речиси две третини од забелешките на првиот текст подготвен од Вајгл.
            
Од барање за целосно бришење на термините “Република Македонија“, „Македонија“, придавката „македонски“, што во предлог-резолуција се многупати застапени, па преку осуда за политичката криза и одземање на препораката за почеток на преговори за членство во Европската унија, признавање на 100.000 Бугари во Македонија, заедничка прослава на историски настани со Бугарија итн. Се е ова содржано во дузината амандмански реакции на Грците и Бугарите во Европарламентот на резолуцијата што ЕП треба идниот месец да ја донесе врз основа на ланскиот прогрес-извештај на Европската комисија за Република Македонија.
            
Најпрво, грчките европратеници Софија Сакорафа, Манолис Кефалојанис и Марија Спираки во амандманите 11 и 12 бараат целосно да се исфрли дека „ЕП ја има предвид пресудата на Меѓународниот суд на правдата за примена на Времената спогодба од 13 септември 1995 година“, иако претходно самата Сакорафа бара да се внесе во Резолуцијата дека „ЕП ја зема предвид и Времената спогодба од 13 септември 1995“.
           
Па, така, европратениците од Европската народна партија, Едвард Кукан, Кирстијан Дан Преда и Туне Келам (страна 3 и 4) инсистираат во главата на текстот за Македонија да стои дека „Европарламентот ја потврдува својата недвосмислена посветеност на процесот на пристапување во ЕУ на Република Македонија“, како и дека „ЕП изразува силна посветеност на интеграцијата во ЕУ на Република Македонија“.
            
Но, за разлика од нив, европските социјал-демократи Тонино Пицула и Кнут Флекенштајн со амандман 14 бараат бришење од извештајот на термините „Република Македонија“ и „Македонија“:
– Со оглед на тоа што терминот „поранешната југословенска Република Македонија“ се користи во насловот на извештајот и во излагањето „А“, сите други референци за името на земјата во текстот и договорените амандмани се менуваат во „нејзините“, „земјата“, „тоа“ и слично. Наслов „Република Македонија“ да не се користи во текстот, но зборот „македонски“ е задржан, бараат социјал-демократите Пицула и Флекенштајн.
Тука на нив им се приклучува со амандман и Гркинката Сакорафа, инсистира „да се замени Македонија’ и македонски со на земјата насекаде во Резолуцијата“. Оваа европратеничка бара во Резолуцијата посилно да се вградат политичките проблеми и нивното нерешавање во земјата, а со цел да се изнесе на површина дека Македонија не ги исполнува Копенхашките критериуми за влез во ЕУ.
Сепак, самиот известувач Вајгл, а и европратениците Дубравка Шуица и Кукан, додаваат нови амандмани каде за македонската држава употребуваат термин „Македонија“, на што Сакорафа одговара со контра-амандман каде треба да се додаде „поранешна југословенска Република“, а во однос на одржаните избори на 11 декември 2016 година, за каде грчката европратеничка бара да се додаде дека „иако биле мирни и според стандардите на ОБСЕ“, дека „се одржале по две одложувања“.
Хрватката Шуица и Бугаринот Андреј Ковачев бараат да се избрише „и преглед на Охридскиот рамковен договор“ од Резолуцијата и според Ковачев, само да остане “преглед на имплементацијата на ОРД“. На, ова амандмански реагира Јоргос Епитидејос од грчката неофашистичка партија „Златна Зора“, кој бара да се додаде „и промена на името“.
Социјал-демократите Флекенштајн и Пицула, исто така, бараат позитивната препорака за отворање на пристапните преговори на Македонија со Европската унија да биде условена и со „целосно исполнување на договорот од Пржино и итните реформски приоритети на Европската комисија“. Бугарите Ковачев и Ангел Џамбаски (ВМРО-БНД), инсистираат како услов да влезе „и работа кон засилување на добрососедските односи“, а Џамбаски и Гркинката Сакорафа имаат идентичен амандман дека „земјите-кандидати за членство во ЕУ треба да се оценуваат според заслугите и квалитетот на спроведените реформи“.
Флекенштајн и Пицула, како и Грците Кефалојанис и Спираки, бараат да се исфрли од Резолуцијата дека „земјата со години се смета за една од најнапредните во однос на усогласеноста со европското законодавство“ и бараат или тоа да го нема или да стои дека „била добро усогласена со законодавството на ЕУ“. Стандардно, европратеничката од Грција, Софија Сакорафа, инсистира „отворените прашања“ на Македонија со соседите „да се решат пред отворањето на преговорите за членство во ЕУ“, во што има амандманска поддршка и од Бугаринот Џамбаски. Гркот Никос Андрулакис, пак, инсистира да се избрише од текстот дека „според стандардите на ЕУ и на Обединетите нации, билатералните проблеми не треба да претставуваат пречка за отворање на пристапните преговори“. Неговиот сонародник Епитидејос, пак, инсистира да се нотира дека  „разликата за името не е билатерално, туку меѓународно прашање“.
Во однос на изборите на 11 декември минатата година, речиси сите во своите амандмани забележуваат дека истите биле „мирни и одлично организирани“, освен социјал-демократите Флекенштајн и Пицула и Грците Епитидејос и Сакорафа, за кои изборите биле одбележани „со заплашување, злоупотреба на средства, купување на гласови, недоверба на јавноста во институциите“ и сл.
Естонскиот европратеник од редовите на ЕПП, Туне Келам, со амандман инсистира „дека е важно да се спроведе попис на населението, последниот попис беше спроведен во 2002 година, под услов да постои широк консензус во земјата за методологијата што ќе се применува, а со цел да се добие ажурирана и реална слика за констелацијата на македонското население и подобро да се задоволат потребите и понудените услуги за македонските граѓани, како и понатаму да се ажурира избирачкиот список и да се минимизираат какви било неправилности и недостатоци за во иднина“.
Во овој контекст, бугарскиот европратеник Ковачев, инсистирајќи на попис, нотира дека „граѓани со етничко бугарско потекло досега не биле претставени во законодавната власт или во цензусот, иако во исто време 100.000 граѓани од Република Македонија поседуваат бугарски пасош“.
Французите Жан-Лук Шафхаузер и Едуард Феранд, пак, очекуваат „новата Влада да ги забрза, во соработка со другите партии, реформите потребни за да ја зајакнат својата држава, нејзината независност и суверенитет“. Во друг амандман, двајцата бараат да стои дека „во сегашните услови во земјата, Македонија долго време нема да биде подготвена за ЕУ“.
Хрватката Жељана Зовко, пак, бара во Резолуциајта да стои дека „ЕП потсетува дека и покрај првата препорака на Европската комисија за отворање на преговори од 2009 година, а земајќи го предвид постигнатиот напредок, отворањето на преговорите се уште не е започнато, што привлекува внимание на потенцијалните негативни политички и безбедносни последици од понатамошни одложувања во процесот на пристапување на Македонија во евроатлантските процеси, како во земјата, така и во регионот“.
Маријана Петир, европратеничка од Хрватска и прв човек на „Групата на пријатели на Македонија“ во Европарламентот, со поголема група европратеници бараат амандмански „Европскиот парламент да го повика Европскиот совет да се посвети на препораката на Европската комисија за отворање на преговорите за членство со Македонија“, во однос на предлогот на известувачот Вајгл тоа да се слуи „откако сите услови ќе бидат исполнети“.
            
– ЕП го нагласува значајниот напредок на земјата во процесот на интеграција во ЕУ и се фокусира на негативните последици од понатамошно одложување на процесот на интеграција, вклучувајќи и закана за кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ, како и ризикот од нестабилност во регионот. ЕП истакнува дека актуелните предизвици со кои Европската унија се соочува (Брегзит, миграција, радикализам итн) не треба да влијаат на процесот на проширување, а со овие предизвици се покажа потребата за целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан во структурите на ЕУ, со цел да се подобри и продлабочи партнерството и да се надминат меѓународните кризи, предлагаат Петир и група од уште осум европратеници и бараат од Европскиот совет да овозможи влез на Македонија во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која е потпишана во 2001 година.
Бугаринот Џамбаски, Грците Кефалојанис, Спираки и Сакорафа и социјал-демократите Флекенштајн и Пицула инсистираат на „продолжување на рокот на Специјалното обвинителство додека до крај не се истражат сите злоупотреби во процесот на прислушување и овозможување на заштитени сведоци“.
            
Голем број европратеници во амандманите бараат мирен меѓуетнички соживот во Македонија и бараат преглед на Рамковниот договор, но и изведување на попис на населението без одложување, но Французите Шафхаузер и Феранд со амандман бараат Европскиот парламент да истакне во Резолуцијата за Македонија дека „останува загрижен од насилниот и нетолерантен албански сепаратизам, што се покажа со настаните од Куманово во мај 2015 година“.
           
Бугаринот Андреј Ковачев стандардно во Македонија да започне расправа за „историско помирување со Бугарите“, а тој го осудува и како што ја нарекува “феноменот на антиквизацијата“ во Македонија со што како што вели „се врши поинаква интерпретација на историските факти“. Но, тој исто инсистира и „македонските власти да ги побараат релевантните архиви на југословенските тајни служби од Србија, бидејќи отворањето на архивите на тајните служби е чекор напред кон натамошна демократизација, одговорност и институционална сила“.
           
Холандската европратеничка Мариече Схаке, за разлика од речиси сите свои колеги кои изразуваат пофалба и висока оценка за справувањето на Македонија со бегалската криза, таа ја осудува нашата земја.
           
– Со жалење се напоменува дека македонската политика за азил и миграција продолжи со неуспехот да обезбеди соодветна заштита на бегалците и мигрантите, кои со употреба на прекумерна сила се туркаа назад во Грција или незаконито беа лишени од слобода и се соочуваат со малтретирање во затворите. Се повикуваат македонските власти да обезбедат мигрантите и бегалците кои аплицираат за азил во Македонија и патуваат низ територијата на Македонија, да се третираат во согласност со меѓународното право и правото на ЕУ, вклучувајќи ги и конвенции на бегалците од 1951 и Повелбата за фундаменталните права на Европската унија, реагира амандмански Холанѓанката Схаке, која побара и Македонија да воведе санкции кон Русија.
           
Наспроти ова, Французите Шафхаузер и Феранд, аманмански бараат Македонија да се пофали за доброто менаџирање на бегалската криза и да се нотира дека Европарламентот „го поздравува затворањето на границата со Грција на 20 јануари 2016 година, што помогна да се спречи приливот на нелегални мигранти во остатокот на Европа“, наведуваат француските европратеници. Во овој поглед, Романката Дору Франзулика бара Европскиот совет да ги отвори пристапните преговори со Македонија „со цел да се дозволи испорачување на Европската гранична и крајбрежна стража и оваа Агенција целосно да да може да оперира во земјата“.
           
Повеќе грчки европратеници бараат да се избрише предлогот на известувачот Иво Вајгл во Резолуцијата на ЕП за Македонија да се покани Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини и Еврокомисијата да развијат нови иницијативи за да се надминат разликите околу прашањето за името со Грција. Во овој поглед, социјалдемократите Флекенштајн и Пицула амандмански реагираат дека „подиректното вклучување на ЕУ во спорот треба да се случи ако тоа го побараат двете страни“.
            
Во однос на овој проблем, Тамаш Месериш (Унгарија) и Игор Шолтеш (Словенија) од редовите на европските „зелени“, со амандман 316 даваат конкретен предлог:
           
– Европарламентот потсетува на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011 година и го поддржува предлогот на претставникот на ОН, Метју Нимиц за сложено име со географска одредница, додека македонската националност, идентитет, култура и јазик да не се засегнати, предлагаат европратениците Месериш и Шолтеш.
Второто разгледување на драфт-Резолуцијата за македонската држава пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) е планирано да се одржи на 27 февруари, а ден подоцна за истата ќе се гласа на АФЕТ-комисијата.
Главната дебата и гласање за Резолуцијата на Европарламентот за Македонија, пак е планирнао да се одржи на пленарна седница на законодавниот дом на Европската унија што на 14 и 15 март ќе се одржи во Стразбур.
Инаку, Резолуциите на ЕП за земјите-кандидати за членство во ЕУ се однесуваат на прогрес-извештајот што Европската комисија го издава секоја година, но она што ќе го донесе како заклучок Европскиот парламент нема никаква правна тежина и е само советодавно. Исто како и Еврокомисијата и ЕП досега осум пати по ред даваше позитивни препораки за стартување на пристапните преговори на Македонија со Европската унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top